Македонија
Одложени активности на отворено: Министерството за здравство со препораки поради најавите за високи температури
Министерството за здравство информира дека во согласност со најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во периодот од 8 до 13 август 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои во одделни региони може да достигнат до 39°C.
Поради тоа, потсетуваат на почитување на општите препораки за заштита на населението од високи температури:
„Престојувајте во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11 до 17 часот;
Внесувајте доволно течности избегнувајќи алкохол и засладени пијалаци;
Носете лесна, светла облека и користете заштита за главата и за очите;
Избегнувајте физичка активност во најтоплите часови од денот;
Посветете внимание на децата, старите лица, лицата со хронични заболувања и на бремените жени – овие групи се особено чувствителни на високи температури;
Во случај на симптоми, како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, веднаш побарајте медицинска помош;
Одложете активности на отворено во најтоплиот дел од денот;
Обезбедете микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25°C) на работното место и во домот“.
Министерството, како што велат, внимателно ја следи состојбата на дневна основа и ќе постапува во согласност со процените и потребите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ спроведе засилени контоли кај операторите со храна во близина на училиштата
Во рамки на 445 инспекциски контроли спроведени во последните десетина дена, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрече 15 забрани за вршење на дејност на оператори со храна, додека 696 килограми небезбедна храна од непознати добавувачи беа запленети и уништени, соопшти АХВ.
Контролите биле насочени особено кон објектите во непосредна близина на основни и средни училишта, од каде учениците најчесто купуваат храна.
Инспекциските проверки откриле дека 19 оператори ставале во промет небезбедна храна, кај 30 се утврдиле незадоволителни хигиенски услови, а од вкупно контролираните, 26 оператори не биле регистрирани во АХВ.
„16 оператри немале имплементирано процедури за Добра хигиенска и Добра производствена пракса, а дури 32 немале спроведено задолжителен здравствено-саниратен преглед на вработените лица. Тројца оператори немале спроведено задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите, а 7 од контролираните објекти не ги задоволувале техничките услови за вршење на дејноста. Несоодветно означена храна со контролите била затекната кај седуммина оператори со храна“, стои во соопштението на АХВ.
За утврдените неправилности, АХВ изрече парични казни за 77 оператори во вкупна вредност од 36.470 евра. Издадени се 103 решенија за отстранување на недоследностите и 23 опомени.
Македонија
Денеска сончево, од утре голема промена на времето
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб, а во западните делови умерен ветер од југозападен правец. Минималните температури ќе бидат во интервал од -3 до 5, а максималните од 16 до 20 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 16 степени.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека утре облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
ЦУК: Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла
Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
„Добиена е повратна информација од Полициската станица Драчево дека двете женски лица се пронајдени на црн пат помеѓу Долно Количани и Батинци. Лицата се во добра здравствена состојба и со возило, во придружба на полицијата, веќе се движат кон Драчево. Појаснуваме дека, поради грешка во првичната комуникација, не станува збор за странски државјанки, туку за државјанки на Р.С.Македонија“, стои во известувањето од ЦУК.

