Култура
Промоција на книгата „Калиграфи на филмското писмо“ од Влатко Галевски
На 9-ти август (сабота) во Кинотека, во рамките на програмата на шестото издание на „Флипбук филм фестивал“ (7-10 август) со почеток во 19:00 часот ќе се одржи промоцијата на новата книга на Влатко Галевски, со наслов „Калиграфи на филмското писмо“. Книгата во разговор со авторот ќе ја претстават Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков.
Филмофилското издание на Галевски понудува иновативен филмолошки концепт во толкувањето на делата на дванаесет мајстори на филмскиот занает како: Вим Вендерс, Жак Тати, Рој Андерсон, Шантал Акерман, Ингмар Бергман, Ањес Варда, Андреј Тарковски, Бела Тар, Дејвид Линч, Акира Куросава, Ларс фон Треир и Аки Каурисмаки.
„Структурата на ‘Калиграфи’ е прилагодена на триетапниот приод на Галевски во разоткривањето на творечките лавиринти кај секој еден од одбраните режисери. Во првата етапа тоа е преку есеизираниот портрет на режисерот, во втората, насловена како ‘Референца’, совпаѓањето на неговата филмска постапка со мајсторството во определен занает, во третата етапа замислената случка (поткрепена со неколку вистински факти) се пишува во облик на сосем лична мини проза, фикција во која режисерот е лик. Така, се воспоставува едно фино струење во ракописот на Галевски, една движечка низа од изненадувања, што ‘Калиграфи’ го дарува со ритам што отвора различни димензии“, објаснува рецензентот на изданието, писателот Александар Прокопиев.
Монографијата „Калиграфи на филмското писмо“ од Влатко Галевски во издание на издавачката куќа Флип Бук Букс од Скопје е поддржана од Министерството за култура и туризам на Р. С. Mакедонија. Нејзини уредници се Жарко Иванов и Дарин Ангеловски, лектурата е на Татјана Б. Ефтимоска, а графичкото уредување на Симчо Шандуловски.
Влатко Галевски е филмски критичар и новинар од областа на културата. Студирал право и музика. Напишал повеќе од 1300 филмски рецензии за домашни и странски списанија. Основач и главен ко-уредник на списанието Филм + и уредник на Филмски печат. Активно соработува со значајните македонски филмски фестивали. Редовно е акредитиран на фестивалите во Кан и Берлин.Основач е и домаќин на Дебатниот филмски клуб Лале и ментор е на Школата за филм во МКЦ. Автор е и водител на радио емисијата „Слушајте филм“, со повеќе од 1200 емисии. Како уметнички соработник на македонската филхармонија е селектор на музиката за четири концерти со изведба на филмска музика. Автор е на книгите „Фацерија“ и „Исповедни финеси“, како и продуцент , кинематографер и ко-автор на музика на долгометражниот игран филм „Маклабас“. Член е на македонската асоцијација на ФИПРЕСЦИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе биде прикажан во македонскиот КИЦ во Софија
Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.

