Македонија
(Видео) Брутална партизација на образованието пред избори, Јанеска и ВМРО-ДПМНЕ го претворија Инспекторатот во партиски штаб, велат од СДСМ
Весна Јаневска и ВМРО-ДПМНЕ спроведуваат брутална партизација во образованието пред изборите.
Во очи на распишување на локалните избори, гледаме масовни незаконски огласи за вработување и напредувања само по партиска линија, за вдомување на кадри на ВМРО-ДПМНЕ.
Државниот просветен инспекторат, под диригенство на Јаневска, станува партиски штаб на ВМРО-ДПМНЕ, истакна на прес-конфренеција Јованче Манасков, од СДСМ.
„Според информациите кои ни ги доставија свиркачи: Соња Зашоска, советничка во Општина Гази Баба од ВМРО-ДПМНЕ, треба да биде унапредена во раководител на одделение за инспекциски надзор и оценување на квалитет. Таа е истата инспекторка која го заштити Бојан Христовски од АНБ и неговото незаконски стекнато образование. Дали ова е награда за неа?
Понатаму, Валерија Анастасова, советничка на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром, според истите информации од свиркачите, ќе биде унапредена во раководител на сектор за стручно-административни работи.
Христина Јованоска, сегашен инспектор, ќе биде поставена за помошник главен инспектор.
Јане Николоски, исто така кадар на ДПМНЕ, ќе биде назначен за помошник раководител на сектор за односи со јавност и превод“.
Паралелно со ова, информира Манасков, се распишал јавен оглас за нови вработувања во инспекторатот, исто така, како што рече, по партиска линија.
Оцени дека партизацијата на образованието е брутална, на сите можни нивоа и со незаконски огласи за вработувања.
Како што наведен, само во последните неколку дена, распишани се незаконски огласи за вкупно 123 работни места, наводно, како што вели, за образовни асистенти во училишта кои не се трансферирани во ресурсни центри.
Според него, огласите се незаконски затоа што, според Законот за средно образование, само такви установи можат да вработуваат образовни асистенти.
„Интервјуата за дел од огласите започнале уште пред да истече рокот за пријавување. Постапките биле координирани од директорот на „Искра“, Марјан Арсов, од странство преку приватна Viber група“.
Од СДСМ бараат: Итно да се поништат „срамните огласи и незаконски унапредувања. Да се разрешат сите директори кои спровеле незаконска постапка.Да се запрат партиските вработувања и унапредувања.
„Ова е срам за образованието, срам за институциите, срам за државата. Наместо квалитет и независност, добиваме партиска приватизација на институциите, на штета на учениците, наставниците и сите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

