Свет
Зошто Американците не го апсат Путин?

Кога рускиот претседател Владимир Путин ќе отпатува во Алјаска следната недела за да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, тој ќе може да го стори тоа без страв од апсење. Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на Путин во 2023 година, но ниту Русија ниту САД не се потписници на Римскиот статут, со кој е основан судот во 2002 година.
МКС го обвини рускиот лидер за воено злосторство за нелегално депортирање деца од окупираните територии на Украина во Русија. Кремљ ги нарече постапките на судот „скандалозни и неприфатливи“.
Путин беше претпазлив во врска со своите патувања откако беше издаден налогот за апсење. Во 2023 година, тој одби покана за самит во Јужна Африка. Сепак, истата година, тој отпатува во Монголија, потписничка на Римскиот статут.
Монголија тврдеше дека според член 98 од Римскиот статут, државата не може „да дејствува спротивно на своите обврски според меѓународното право во однос на (…) дипломатскиот имунитет на лице“. Монголските власти тврдеа дека Путин, како руски лидер, ужива апсолутен имунитет освен ако Русија не се откаже од него.
МКС се потпира на земјите-членки да апсат и екстрадираат осомничени во Хаг, каде што се наоѓа. Путин ги посети Кина и Северна Кореја во 2024 година, две земји кои немаат договор со МКС.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Итна седница поради планот на Израел за окупирање на градот Газа

Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе одржи итна седница во врска со планот на Израел за заземање и трајно окупирање на градот Газа, соопштено е од седиштето на ОН во Њујорк.
Седницата, чие одржување го побараа пет земји – Данска, Франција, Грција, Велика Британија и Словенија, ќе почне во 10 часот наутро по локално време, односно во 15 часот по централноевропско време.
Според извори од Советот за безбедност, сите држави-членки, освен Соединетите Американски Држави, го поддржаа барањето за одржување на седницата.
Свет
Речиси 1.900 камиони со хуманитарна помош пристигнаа во Газа

Израелската воена агенција која ја координира хуманитарната помош денеска соопшти дека во текот на изминатата недела, од палестинската страна на премините Керем Шалом и Зиким се собрани и дистрибуирани речиси 1.900 камиони со хуманитарна помош.
Како што се наведува, повеќе од 1.310 камиони што влегоа во Газа во текот на неделата превезуваа главно прехранбени производи, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Агенцијата, која работи во рамките на израелското Министерство за одбрана, наведува дека ќе продолжи да го олеснува доставувањето на хуманитарна помош до цивилното население во Газа, „но не и до Хамас“.
Свет
Конструктивен беше состанокот на советниците за безбедност од Украина и нејзините партнери, вели Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека состанокот на советниците за безбедност од Украина и нејзините партнери, што се одржа во Велика Британија, бил конструктивен.
Аргументите на Киев беа слушнати и опасностите беа земени предвид, додаде тој во своето вечерно обраќање до Украинците.
Зеленски истакна дека на средбата учествувале претставници на Велика Британија, САД, Франција, Германија, Италија, Финска и Полска, со цел консолидирање на позициите за постигнување примирје.
„Патот кон мирот за Украина треба да биде определен заедно и само заедно со Украина, тоа е клучен принцип“, нагласи украинскиот претседател.