Македонија
Општините лани потрошиле рекордни 𝟣𝟫𝟢 милиони евра на тендери, Град Скопје првпат не е прв на листата
Центарот за граѓански комуникации ги објави истражувањето и базата на податоци за сите набавки на општините во 2024 година.
Истражувањето открива дека:
· Во 80-те општини и Градот Скопје во 2024 година склучиле вкупно 4.006 договори за јавни набавки во вредност од 11,7 милијарди денари, односно 190 милиони евра.
· Само во 2024 година, вредноста на општинските тендери пораснала за 16 проценти, односно за 26 милиони евра.
· Најголем скок во вредноста на тендерите имаат скопските општини Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода.
· Град Скопје за прв пат го загуби приматот и со годишен пад на вредноста на тендерите од 11,5 милиони евра, се наоѓа на шестото место.
· Општините склучиле договори за јавни набавки со 1.210 фирми.
· Дури една четвртина од вкупната вредност на локалните тендери завршила кај само 10 фирми.
· На врвот според вкупната вредност на договорите е ЕДС (Енерџи деливери солушнс) со вредност на договорите од 500 милиони денари, односно околу 8 милиони евра.
· Општините трошат на јавни набавки просечно по 28 % од своите буџети.
· Најголема вредност на набавки по жител има Дојран, 675 евра, а најмала Градот Скопје, само 14 евра.
Вредноста на јавните набавки на Град Скопје во 2024 година е намалена за 2,5 пати, додека набавките се зголемени во дури 52 општини
Најголемо зголемување на вредноста на јавните набавки во 2024 година има кај Општина Гази Баба и тоа околу 5,7 милиони евра. Веднаш по неа е Општина Аеродром со годишно зголемување од 5,4 милиони евра, па Општина Кисела Вода со 4,9 милиони евра.
Следуваат општините Битола, Ѓорче Петров и Штип со зголемена вредност на јавните набавки за околу 3 милиони евра, па Струмица со 2,8, Велес со 2,2 милиони евра и Охрид со 2 милиони евра.
Околу милион и пол евра зголемена вредност на јавните набавки имаат општините Кавадарци, Илинден и Арачиново. Општините Крива Паланка и Виница имаат зголемување од околу милион евра, додека кај останатите 38 општини, вредноста на јавните набавки во 2024 година е зголемена за помалку од милион евра.
Намалување на вредноста на набавките во 2024 година во однос на 2023 година има кај вкупно 29 општини. Најголем пад во апсолутна вредност на тендерите во 2024 година бележи Градот Скопје, од дури 11,5 милиони евра, а по него следуваат општините Центар, со пад од 2,2 милиони евра, потоа Радовиш, со намалување од 2 милиони евра, Тетово со 1,5 и Општина Карпош, со пад од околу милион евра.
Воедно, Градот Скопје ја изгуби апсолутната доминација во јавните набавки и сега се наоѓа дури на шестото место со остварена вредност на договорите за јавни набавки во 2024 година од 7,3 милиони евра. Во 2023 година вредноста на договорите за јавни набавки на Град Скопје изнесуваше близу 19 милиони евра, па така во 2024 година Скопје има пад од околу 11,5 милиони евра. Набавките на Градот Скопје во 2024 се драстично пониски од изминативе 7 години и тоа двојно пониски од 2018 година кога биле најниски во оваа седумгодишна низа, а изнесувале околу 14 милиони евра.
Сепак, вредноста на јавните набавки на скопските општини и Градот Скопје во 2024 изнесува 30 % од вкупните набавки на сите 80 единици на локална самоуправа и Градот Скопје. Во 2024 година Градот Скопје и 10-те скопски општини потрошиле близу 58 милиони евра, што е за 5 милиони евра повеќе од претходната година. Ова сè уште е драстично помалку од 2021 година кога уделот на скопските општини и Градот Скопје во вкупните општински набавки бил 45 %.
Гази Баба го презеде приматот како општина со најголема вредност на јавните набавки
Во првата десетка единици на локалната самоуправа со најголема вредност на тендерите се наоѓа Општина Гази Баба со вредност од 11,7 милиони евра, потоа следува Општина Битола со 11,4 милиони и треторангирана е Општина Аеродром со 10 милиони евра.
Следува Општина Штип со 8,7 милиони евра. На средина од табелата е Општина Струмица со 7,8 милиони евра. По неа следува Градот Скопје со 7,3 милиони евра. Општина Кисела Вода e следно рангирана и има јавни набавки од 6,7 милиони евра. Следуваат општините Кавадарци и Куманово со набавки вредни околу 5,9 милиони евра и десетта на листата е Општина Охрид со вредност на јавните набавки во 2024 година од 5,2 милиони евра.
Само 13-те општини кои имаат најголема вредност на јавните набавки, заедно трошат за јавни набавки околу 95 милиони евра што е половина од вкупно потрошената сума за јавни набавки на сите единици на локална самоуправа. Односно првите 13 општини потрошиле за јавни набавки колку што потрошиле останатите 68 општини заедно.
Вредност на јавните набавки над два милиони евра во 2024 година имаат 29 општини, помеѓу еден и два милиони евра вредни јавни набавки имаат 21 општина, следни се 18 општина со вредност на јавните набавки помеѓу половина и еден милион евра, потоа 12 општини имаат договори за јавни набавки во вредност од 200 илјади до 500 илјади евра.
Единствена општина која има вредност на јавните набавки под 200 илјади евра, односно околу 151 илјада евра е Општина Зелениково.
Веднаш по Зелениково на дното на табелата се наоѓаат општините Демир Хисар и Лозово со вредност на набавките под 260 илјади евра, следуваат општините Ранковце, Чешиново-Облешево, Вевчани и Шуто Оризари со набавки вредни под 400 илјади евра.
Вредноста на јавни набавки по жител изнесува од 14 до 675 евра, најмногу потрошил Дојран, најмалку Град Скопје
Во 2024 година, просечно, на јавни набавки по жител потрошени се по 131 евра, што е за 20 евра, односно 18 %, повеќе од 2023 година, кога просекот изнесуваше 111 евра по жител.
Најмногу јавни набавки по жител во 2024 година одделила Општина Дојран, дури 675 евра. Општината втора година по ред издвојува најмногу пари за јавни набавки по жител.
На второ место исто како и во 2023 година е Општина Новаци, со 565 евра, потоа следуваат општините Карбинци и Дебарца, со 355 односно 352 евра по жител.
32 општини одвојуваат помеѓу 100 и 200 евра по жител за јавни набавки, додека 38 општини во 2024 година одделиле помалку од 100 евра по жител.
Најмалку пари за јавни набавки по жител потрошил Градот Скопје. Тој се наоѓа на дното на табелата, со само 14 евра по жител. Едно евро повеќе одделува Општина Шуто Оризари, следуваат Тетово, Демир Хисар и Студеничани.
Сите скопски општини имаат јавни набавки по жител под 170 евра. Општините Гази Баба, Аеродром и Кисела вода имаат 168, 130 и 109 евра по жител, додека јавните набавки по жител на останатите шест општини и Градот Скопје се под 100 евра за жител.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дрога чувана под шанк во кафеана: четири лица под истрага за илегална препродажба на марихуана и хашиш во Валандовско
Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомничен кој во временскиот период од октомври 2025 година до 23.01.2026 година, во угостителски објект во валандовското село Јосифово, неовластено заради продажба држел 121,40 грама марихуана, 751,99 грама хашиш и 37,44 грама мешавина од хашиш и марихуана.
Дрогата била спакувана во најлонски и книжни омоти ставени во пластична кофа со капак под работната иноксна маса во објектот. Полициски службеници пронашле и една пластична вага со остатоци од наркотична дрога.
Од тие причини постои основано сомнение дека осомничениот сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
За истото кривично дело се осомничени уште 3 лица, кои меѓусебно препродавале наркотична дрога марихуана во непосредна близина на плантажи со лозје во Јосифово. На 21 јануари едниот осомничен продал 679,97 грама марихуана на вториот осомничен, а тој потоа неовластено ја држел во штала.
Следниот ден дрогата ја однел кај третото лице во селото Пирава, кое требало да ја препакува и да посредува во купопродажбата на марихуаната на крајни корисници – зависници. При претресите полициски службеници ја пронашле дрогата, како и уште дополнителни 65,13 грама марихуана, 110 семки кои потекнуваат од растението канабис и вага со остатоци од наркотична дрога.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени дилери.
Македонија
Комисијата за одбрана и безбедност со претставници на Израел: нагласена важноста на соработката за зајакнување на националната и регионалната безбедност
Комисијата за одбрана и безбедност денеска одржа работна средба со претставник на Министерството за одбрана, Елај Калиф, и амбасадорката Вивиен Аисен на Државата Израел, на која се дискутираше за соработката во областа на одбраната и безбедноста. Посебен акцент беше ставен на соработката во рамките на НАТО, како и на размената на искуства и добри практики од областа на одбраната.
Претставникот на Министерството за одбрана на Државата Израел ги презентираше глобалните безбедносни тенденции кои влијаат врз Израел, како и можностите за соработка со земјите од Балканот и Балтикот. Во тој контекст, беше истакната потребата од започнување структуриран дијалог во областа на одбраната и безбедносната поддршка.
Претседателот на Комисијата, Павле Арсоски, ја нагласи претходната соработка со Центарот за обука на пилоти, посочувајќи ги придобивките и значењето на оваа соработка за унапредување на одбранбените капацитети.
Пратениците, во своите излагања, ја потенцираа суштинската важност на соработката со Државата Израел во областа на одбраната, како значаен елемент за зајакнување на националната и регионалната безбедност и стабилноста на Балканот.
Македонија
Појава на магла на Стража, државните патишта проодни и безбедни за сообраќај
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на планинскиот премин Стража.
Сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај, соопшти АМСМ.
Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење.
Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

