Македонија
Уставен оформи предмет за вториот протокол меѓу Македонија и Бугарија

Уставниот суд оформи предмет по иницијатива на Лилјана Поповска, со која се оспорува протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, потпишан на 17 јули 2022 година во Софија.
Судот соопшти дека е во тек претходна постапка за прибирање на податоците и на известувањата потребни за донесување одлука.
Во иницијативата се наведува дека протоколот е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 1, 2 и 11 од Уставот, како и со повеќе одредби од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори бидејќи не бил ратификуван во Собранието, ниту објавен во уставниот рок во „Службен весник“. Се додава и дека документот има несоодветна форма и содржина, излегува надвор од рамките на правен акт и произведува штетни дејства врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава.
Подносителката бара поништување на протоколот повикувајќи се и на Виенската конвенција за договорното право, со образложение дека е спротивен на императивните норми на меѓународното право. Таа истакнува дека во Македонија процедурата била нетранспарентна за разлика од Бугарија, каде што парламентот расправал за текстот пред неговото потпишување.
Протоколот беше потпишан од страна на тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи и неговата колешка Теодора Генчовска во Софија. Османи го презентира објаснувајќи дека е реципрочен. Генчовска изјави дека Бугарија и натаму не го признава македонскиот јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце времето на чекање за влез во државата е 15-ина минути

Поради пожар во Националниот парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори. се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез во државата е 15-ина минути, на другите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Кисела Вода и Карпош

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 07.30 до 15.00 часот дел од корисниците на улицата Христо Татарчев, потег од резиденција на Чешка амбасада до маркет „Давидов“, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од потрошувачите на улица Козле 2 и улица Козле, општина Карпош.
Македонија
Дел од општина Карпош денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затворач на улицата Никола Русински бб, општина Карпош, односно објектот на АД Пошта на РСМ, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на улицата Козле 132, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: дел од улицата Козле, дел од улиците Јуриј Гагарин, Мокра, Кораб и Струшка. Со намален притисок на водоснабдување ќе бидат населбите Трнодол, Жданец и Нерези. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.