Македонија
Од 1,5 до 3,3 промили – пијани возачи приведени низ Македонија

Вчера во повеќе градови во земјава полицијата приведе возачи кои управувале возила под дејство на алкохол, а двајца од нив предизвикале и сообраќајни несреќи.
Во Неготино, околу 12:10 часот, полициски службеници привеле 55-годишен возач на „рено“ со локални регистарски таблички, кај кого биле измерени 2,15 промили алкохол.
Во Кавадарци, пак, околу 22:30 часот, приведен е 24-годишен возач на „фолксваген голф“ со велешки таблички, кој учествувал во сообраќајна несреќа и кај кого биле измерени 1,58 промили алкохол.
Во Скопје, околу 00:45 часот на ул. „Цветан Димов“, полицијата го привела 49-годишен возач на „форд“, кој исто така учествувал во сообраќајна несреќа. Кај него биле измерени дури 3,30 промили алкохол во крвта.
Во Куманово, на бул. „Трета македонска ударна бригада“, околу 23:25 часот е приведен 48-годишен возач на „форд“ со 1,70 промили алкохол.
Во Битола, пак, околу 22:15 часот, полицијата го запрела 48-годишен возач од струмичкото село Баница, кој управувал „фиат“ со 1,82 промили алкохол во крвта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Муцунски: Очекуваме повеќе гласови и градоначалници од локалните избори во 2021 година

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, изјави дека партијата е на праг на голема победа и очекува да освои повеќе гласови и градоначалници во споредба со локалните избори во 2021 година.
„Ова беа мирни и успешни избори, можеби најпримерните во нашата понова историја. Заслугата е на граѓаните – им благодариме за одѕивот и желбата да ја наградат нашата работа. Очекуваме огромна победа,“ изјави Муцунски.
Тој додаде дека одредени информации за нерегуларности ги гледа како дел од стратегија на СДСМ за изборниот пораз кој следи.
„Тоа е партија со многу проблеми и очекувано е да почне процес на реформирање. Нашата победа ќе биде чиста и јасна, а тоа за нас значи одговорност која не смееме да ја изневериме,“ нагласи Муцунски.
Додаде дека сè уште е рано за првичните резултати, кои, според очекувањата, би почнале да пристигнуваат за околу половина час.
Македонија
„Вреди“: Фер и мирен процес, очекуваме добри резултати и победа во секоја општина

Процесот на гласање на Локалните избори се одвиваше мирно и уредно во сите општини. Според информациите од теренот процесот беше реализиран без поголеми неправилности а мнозинството граѓани го искористија своето гласачко право на најдобар можен начин, беше истакнато од коалицијата „Вреди“ по затворањето на гласачките места.
Од оваа коалиција изразија благодарност до сите граѓани кои учествувале во гласањето, докажувајќи притоа како што беше речено висока демократска и граѓанска свест.
„Оваа е слика што ја посакуваме за нашата земја, еден фер и мирен процес кој покажува дека демократијата се зајакнува и дека граѓаните се свесни за тежината и значењето на нивниот глас“, потенцираа од „Вреди“.
Од оваа коалиција нагласија дека очекуваат добри резултати и победа во секоја општина.
Очекуваат од ДИК фазата на затворање и броење на гласовите да се спроведе во целосна транспарентност, прецизност и професионалност.
Големата излезност во Чаир и во Сарај, ја покажува големата доверба на граѓаните кон политиките на коалицијата „Вреди“, изјавија од таму.
Македонија
Зајкова: Да избереме напредок, одговорност и дела што носат подобро секојдневие за сите нас

Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, денеска го оствари своето право на глас во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје.
По гласањето, Зајкова ги повика граѓаните да го искористат своето најмоќно демократско право, правото на глас.
„Денес ја исполнив мојата граѓанска обврска и го дадов својот глас за развој и подобра иднина на нашите општини и на Град Скопје. Важно е да одлучуваме разумно и одговорно, со мисла за иднината на нашите заедници. Посакувам победа на кандидатите со визија, на оние што нудат реални решенија, проекти и резултати за граѓаните“, порача Зајкова и додаде дека е време да сведочиме на вистински развој, а не на блокади и изговори кои ја кочат државата и ги чинат граѓаните милиони.
„Да избереме напредок, одговорност и дела што носат подобро секојдневие за сите нас“, рече Зајкова.