Свет
Макрон по состанокот: Трамп верува во договорот, јас не верувам во Путин
Францускиот претседател Емануел Макрон изрази претпазливост во врска со средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, која ја организира американскиот претседател Доналд Трамп.
Средбата меѓу Зеленски и Путин би била чекор напред, изјави францускиот претседател по самитот меѓу Трамп, Зеленски и европските лидери во Белата куќа.
„Дали мислам дека може да биде конечно? Останувам многу претпазлив“, рече Макрон, нагласувајќи дека работата не е ни блиску до завршена.
„Имаме американски претседател и Украина кои сакаат мир… не сум убеден за Путин“, рече тој.
„Имам најголеми сомнежи во желбата на рускиот претседател за мир. Неговата крајна цел е да заземе што е можно повеќе територија, да ја ослабне Украина и да има Украина која не е одржлива сама по себе или во рамките на руската сфера на влијание. Тоа е сосема очигледно за сите.“
Макрон рече дека Трамп верува дека може да постигне договор и верува дека и Путин сака мир.
„Но, ако процесот биде отфрлен, сите се согласуваме дека санкциите врз Русија ќе мора да се зголемат и, во секој случај, ќе мора да заземеме став што ќе изврши поголем притисок врз Русија да се врати на преговарачката маса.“
„Тоа е во суштина она што беше договорено денес. Ова е само еден чекор. Нема да прогласам победа, но кога ќе погледнам каде бевме пред неколку месеци и каде сме сега, многу сум задоволен од напредокот што е постигнат.“
За централното прашање за безбедносните гаранции по мировниот договор, Макрон ја нагласи потребата од „силна украинска армија“, како и „убедливи сили на копно, во воздух и на море што сојузниците се подготвени да ѝ ги обезбедат на Украина“.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.
Свет
Речиси половина Германци во текот на животот заболуваат од рак
Во текот на животот речиси секој втор граѓанин на Германија заболува од рак, објави денеска државниот имунолошки завод „Роберт Кох“ во Берлин.
– Кај 49 проценти од мажите и 46 проценти од жените во текот на животот се дијагностицира рак, објавено е во редовното издание на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во пресрет на денот за борба против ракот, 4 февруари.
Според истите податоци, секоја шеста жена и секој седми маж од рак заболуваат пред својата 65-та година.
Според податоците за 2023 година, од околу половина милион дијагностицирани нови случаи на рак, најголемиот број отпаѓа на рак на простата, по што следуваат ракот на дојка, бели дробови и дебело црево.
Истата година од рак починале 230.000 лица.
Истовремено, како што објави РКИ, стапката на смртност на заболените од рак во последните 25 години значително е падната, кај мажите за 30, а кај жените за 20 проценти.
Секоја година во пресрет на Светскиот ден за борба против ракот, РКИ објавува статистики со цел подобра превенција на заболувањата и поттикнување на свеста кај граѓаните.
Свет
(Видео) Извлечени 51 лице заглавени на жичница на планината Улудаг во Турција
Технички дефект на жичницата на планината Улудаг, во близина на северозападниот турски град Бурса, предизвика блокирање на 51 лице кои во тој момент се превезувале, јави државната телевизија ТРТ Хабер.
Инцидентот се случил околу 11 часот по локално време во областа Османгази, каде што се наоѓаат голем број хотели и капацитети за зимски туризам. Поради дефектот, десетици луѓе останаа заглавени во кабините на неколку метри над земјата.
Веднаш по добивањето на сигналот на бројот за итни случаи 112, на терен биле испратени 96 спасувачи од жандармеријата, медицински екипи, пожарникари и претставници на Дирекцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД). Како поддршка беа ангажирани и тимови од соседниот округ Сакарија.
Uludağ’da arızalanan telesiyejdeki 51 kişi kurtarıldı. https://t.co/WE42RAdUjO pic.twitter.com/ivqJba0cg0
— TRT HABER (@trthaber) January 31, 2026
По координирана акција, сите 51 патник се безбедно евакуирани. Министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја, упати честитки до спасувачките тимови за нивната пожртвуваност.
Надлежните органи веќе започнаа истрага за причините за инцидентот. Жичницата во Бурса, отворена во 1963 година и целосно обновена во 2015 година, со своите девет километри е една од најдолгите во светот и е исклучително популарна за еднодневен туризам во текот на целата година.

