Култура
Европската премиера на „Електра“ ќе го затвори 65. издание на Охридско лето
Со европска премиера на театарската претстава „Приказната на Електра“ од Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски , копродукциски проект на Театарската асоцијација на Јужна Кореја, АРТЕМА – Театарска лабораторија и НУ „Охридско лето“, вечерва се спушта завесата на јубилејното 65.издание на фестивалот „Охридско лето“.
Претставата ќе се одигра на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ од 21 часот.
Оваа инсценација на митот за Електра има цел да создаде универзален сценски јазик чија парадигма се потпира на синтезата меѓу силните аудиовизуелни слики, говорот на телото и минималниот јазичен текст. Митот за Електра, кој во својата основа ја има одмаздата на децата за убиениот татко, насочена кон сопствената мајка, одново ќе ги донесе на сцената вечните етички теми кои ги тангираат семејните релации, општествените корозии и потребата од катарза.
Инаку, најголемата музичко-сценска манифестација во земјава и регионот, фестивалот „Охридско лето“, годинава на своите сцени ги донесе најдобрите уметници од областа на клaсичната музика и театарот, а настаните се одвиваа пред исполнети гледалишта и за нив се бараше билет повеќе.
Директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, е задоволен од квалитетот на програмата, но и од посетеноста на сите уметнички доживувања кои годинава беа ставени на репертоарот на фестивалот.
-Од самото спектакуларно отворање на 12 јули, морам да изразам огромно задоволство од тоа како помина целиот настан. Бевме препосетени, се бараше билет повеќе. Исто така, како институција, сме задоволни што бевме почестени од целиот државен врв, премиерот на државата, двајца претседатели на држави, целиот дипломатски кор во земјава и многу љубители на уметноста. Мојот впечаток е дека со самото отворање се создаде еуфорија дека во „Охридско лето“ како национална установа влегува нова енергија којашто новиот директор, новите селектори и секако, тимот на фестивалот заеднички ја создаваат и сите настани ни беа посетени до последно место. Жалам што некогаш ги враќавме љубителите на уметноста, но капацитетите ни се во ограничен број.Од една страна, ова е лична емоција, но од друга страна зборува дека програмата беше навистина квалитетна и сме ја сработиле така како што треба и оти на градот, државата и туристите им понудивме она што навистина треба да претставува „Охридско лето“, вели Цуцковски.
Програмата, според него, не било тешко да се креира, а впечатоците за ова јубилејно издание ќе се средуваат дури по неговото завршување.
-Ние една вечер ги испраќавме ѕвездите во преполната сала, но следното утро пречекувавме други и почнуваме со подготовки за друг концерт или театарска претстава така што сè уште траеше таа празнична еуфорија. Не беше тешко да се создаде програмата. Јас сум уметник со богата интернационална кариера, имам многу контакти, имаме одлични селектори, Симона Ѓорчева во музичкиот и Ненад Витанов во драмскиот дел. Ние како тим функционираме одлично и програмата ја направивме за нецели два месеци. Затоа успеавме да направиме прес-конференција во април пред моето заминување на Европската асоцијација на фестивали(ЕФА) во Единбург и таму го презентиравме фестивалот како подготвен. Од аспект на реализиација, тука е секогаш тимот на „Охридско лето“ којшто беспрекорно си ја врши работата и мислам дека во десет месеци откако сум тука, успеавме да направиме синергија помеѓу мене и вработените и да функционираме како тим затоа што тоа беше и мојата првична идеја, кога ќе дојдам овде да бидеме тим што ќе работи заеднички за повисока цел, а тоа е нашето културно национално богатство, фестивалот „Охридско лето“ да го задржи и да го подигне нивото во светски размери, вели првиот човек на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Фестивалот „Охридско лето“ се одржува под покровителство на Претседателот на Р.С. Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, а со финасиска поддршка од Владата преку ресорното министерство за култура и туризам. Во реализацијата на фестивалот помагаат Општина Охрид, како и бројни спонзори и љубители на уметноста. Генерален спонзор на 65. издание на „Охридско лето“ е А1 Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.

