Свет
Туск остро ја критикува идејата за мировните преговори да се одржат во Будимпешта
Полскиот премиер Доналд Туск остро ја критикува идејата Будимпешта да стане место за мировни преговори меѓу украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и рускиот претседател, Владимир Путин, пишува „Политико“.
Туск се потсети на лошите искуства од минатото поврзани со унгарската престолнина.
„Будимпешта? Можеби не сите се сеќаваат, но во 1994 година Украина веќе доби гаранции за територијален интегритет од САД, Русија и од Обединетото Кралство. Во Будимпешта“, рече Туск додавајќи: „Можеби сум суеверен, но овој пат би се обидел да најдам друго место“.
Неговата реакција дојде откога „Политико“ вчера откри дека Белата куќа ја разгледува можноста за трилатерален состанок во унгарската престолнина, на кој би учествувале американскиот претседател Доналд Трамп, Зеленски и Путин. Информацијата беше потврдена од претставници на администрацијата и луѓе блиски до американската влада.
Изборот на Унгарија како локација би бил исклучително проблематичен за Украина. Токму во Будимпешта во 1994 година беше потпишан меморандум, во кој САД, Велика Британија и Русија се обврзаа да го почитуваат суверенитетот на Киев во замена за откажување на Украина од нуклеарно оружје. Овие гаранции станаа бесмислени по руската анексија на Крим во 2014 година и недостигот на конкретна воена поддршка од потписниците.
Ситуацијата е дополнително влошена од фактот дека унгарскиот премиер Виктор Орбан е близок сојузник на Доналд Трамп, а во исто време одржува добри односи со Кремљ и покрај целосната инвазија на Украина. Орбан сè уште јавно не коментирал за овој предлог. Интересно е што ова не е првпат Унгарија да ги понуди своите услуги – министерот за надворешни работи Петер Сијарто ја предложи Будимпешта како безбедно место за преговори уште на 25 февруари 2022 година, само еден ден по почетокот на руската агресија.
Додека се дискутира за Будимпешта, руските претставници ги намалуваат очекувањата дека средбата меѓу Путин и Зеленски е дури и блиску.
Во меѓувреме, се споменуваат и други можни локации. Францускиот претседател Емануел Макрон предложи состанок да се одржи во Женева, што веднаш беше поддржано од италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани.
Швајцарскиот министер за надворешни работи, Игнацио Касис, потврди дека неговата земја е подготвена за таков состанок додавајќи дека Путин нема да биде уапсен и покрај налогот на Меѓународниот кривичен суд.
Самиот Путин, за време на телефонскиот разговор со Трамп во понеделникот, ја предложи Москва како место за средбата со Зеленски. Сепак, Зеленски и европските лидери веднаш го отфрлија предлогот како лекомислен.
Фото: ЕПА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.
Свет
Од денеска во Бугарија задолжително плаќање во евра, левот излегува од употреба
Од денеска, 1 февруари, еврото станува единствена официјална валута во Бугарија, додека левот повеќе нема да биде прифатлив за плаќање на стоки, услуги и обврски, соопшти Министерството за финансии на Бугарија.
Според законот за воведување на еврото во Бугарија, цените на стоките и услугите и понатаму ќе бидат истакнати во двете валути до 8 август 2026 година, со цел да се обезбеди транспарентност и да се спречат шпекулативни практики, јавија бугарските медиуми.
Граѓаните на Бугарија кои и понатаму поседуваат левови можат бесплатно да ги заменат во банките и во „Бугарски пошти“ до 30 јуни 2026 година, додека Националната банка на Бугарија (БНБ) ќе обезбеди бесплатна и неограничена замена на левовите во евра и по тој датум.
Министерството за финансии потсетува дека трговците веќе немаат обврска да примаат левови, а кусурот во секоја трансакција се враќа исклучиво во евра.
Бугарија на 1 јануари 2026 година официјално го воведе еврото и стана 21-ва членка на еврозоната, точно 19 години по влезот во Европската унија.

