Култура
Новото издание на „Македокс“ почнува на 21 август во Куршумли ан
Отворањето на 16. „МакеДокс“ ќе се одржи на 21 август (четврток), од 20:30 часот, во Куршумли-ан. На програмата се краткиот документарен филм „Бардо“ на чешката авторка Вјера Чакањова и долгометражниот документарен филм „Само на земјата“ на Робин Петре.
Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 21 до 28 август со програма распоредена во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и „Лабораториум“ во Скопје. Мото на 16. „МакеДокс“ е „Кому му е гајле за реалноста?“. На фестивалот ќе бидат прикажани 75 документарни филмски остварувања, а се очекува присуство на околу 100 гости од странство.
Филмот „Бардо“ (Чешка, Словачка / 2025 / 27 мин.) носи длабок здив со искуства што навлегуваат уште подлабоко и темна амбиентална музика како придружник. Инспирирана од бардо, тибетско име за граничната состојба помеѓу смртта и повторното раѓање, авторката Вјера Чакањова тргнува на фасцинантно метафизичко патување кон темнината. Преку генеративна анимација, таа ги придвижува и материјата и мислите. На крајот, се чини дека најголемиот предизвик е враќањето во реалноста.
Долгометражниот документарен филм „Само на земјата“ (Данска, Шпанија / 2025 / 92 мин.) на Робин Петре е неверојатно примамливо и визуелно впечатливо патување во Јужна Галиција, една од најранливите зони на шумски пожари во Европа. За време на најжешкото лето досега, и луѓето и животните се борат со околностите како што наближуваат неизгасливите пожари.
На отворањето на фестивалот на 21 август во Куршумли-ан ќе биде поставена изложба на фотографии од Томислав Георгиев кои произлегоа од Патувачкото кино на „МакеДокс“ во Кочани.
Во музичкиот сегмент „Ноќни приказни“, со почеток од 23 часот, концерт ќе одржи гитаристот Мухамед Ибрахими.
Мухамед Ибрахими е мултиинструменталист на жичени инструменти од Скопје, познат по својот неконвенционален, интуитивен и длабоко инспиративен пристап кон гитарата, мандолината и сазот (традиционален долговратен жичен инструмент). Неговата музика спојува различни стилови – блуз, рок и амбиент – но останува цврсто вкоренета во ориенталната (суфи) традиција и албанско-балканскиот фолклор. Преку оваа смела, но елегантна фузија, Ибрахими создава уникатни звучни пејзажи каде што се појавуваат изненадни хармонии, нудејќи му на слушателот автентично и восхитувачко музичко доживување.
Полноќната музичка програма ќе продолжи со диџеј-сет на Шурбе.
Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), а може да се симне и фестивалската апликација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

