Македонија
Министерството за здравство формира независна меѓународна комисија по изјавата на Кедев за непотребни кардиолошки интервенции
Министерот за здравство, Азир Алиу, најави формирање комисија со експерти од три различни земји за проверка на работењето во приватните здравствени институции, но и продолжување на контролите во јавните здравствени установи кои се занимаваат со истата проблематика. Одлуката следи по изјавата на кардиохирургот, Сашко Кедев, дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и стентирања и операции.
Алиу рече дека комисијата ќе биде независна и дека извештајот ќе служи како патоказ за понатамошни мерки. Од наредниот месец, приватните здравствени установи ќе мора да ги отворат базите со информации за кардиолошки интервенции, со цел Министерството да ги агрегира податоците и да има увид во здравствените патеки на граѓаните.
Министерот потврди дека има база со информации од 2019 до 2025 година за кардиолошки интервенции во јавните и приватните установи и дека ќе се сретне со д-р Кедев за понатамошна соработка. Фондот за здравствено осигурување, пак, ги следи сите прашања за квалитетот и законитоста на услугите, но оценката на медицинската оправданост останува надлежност на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и специјалните комисии формирани од министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Куманово
Во 13:30 часот на патниот правец Скопје – Куманово, на клучка Хиподром кон Куманово, сообраќајот е нормализиран, соопшти АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
(Видео) Mециновиќ за отпадот во Скопје: Владата намерно го остави градот да дојде до колапс, за потоа да се прикажува како херој
Амар Мециновиќ, кандидатот на Левица зa градоначалник на Град Скопје во вториот круг на локалните избори, со предупредување за алармантната состојба со ѓубрето во градот, нарекувајќи ја ситуацијата „најапсурдна што Скопје некогаш ја имало“.
Тој го претстави планот на партијата за решавање на овој проблем, преку санација и реформа на јавното комунално претпријатие.
„Повторно се вжештува ситуацијата околу сметот. Никој не можеше да претпостави дека ќе дојдеме во состојба на вакво преплавување со отпад и целосен колапс на комуналните претпријатија и градските власти“, истакна Мециновиќ и додаде дека без оглед кој ќе победи на изборите новата администрација ќе мора веднаш да започне со санирање на состојбата.
„Јавноста треба да знае дека независно кој ќе добие поддршка, треба веднаш да се почне со чистење. Ги повикувам сите скопски градоначалници, и оние што веќе победија, и оние што одат во втор круг, да бидат спремни, независно од политичката припадност, да работиме заедно на решавање на оваа криза.“
Мециновиќ потенцираше дека во Скопје се гледа апсурдниот крах на локалната власт, која последните четири години, според него, била под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
„Четири години локалната власт беше во нивни раце, и на ниво на град, и во најголем дел од скопските општини. Не смееме повторно да си дозволиме луксуз да се играме со здравјето на скопјани и да поддржуваме партии кои од суета создаваат кризи“.
Тој ја обвини актуелната влада дека намерно дозволила градот да западне во хаос пред изборите, за потоа „да се претстави како спасител“.
„Ова повикување на кризна состојба токму пред избори покажа дека Владата намерно го остави градот да дојде до колапс, за потоа да се прикажува како херој. Но, граѓаните тоа го гледаат.“
Мециновиќ најави дека, доколку ја добие поддршката на скопјани, веднаш ќе отпочне со санација и реформа на ЈП „Комунална хигиена“, спротивставувајќи се на плановите за негово приватизирање.
„Премиерот Мицковски јавно изјави дека има план за јавно-приватно партнерство во „Комунална хигиена“. Тоа е јасен сигнал дека нивната намера била да го колабираат претпријатието за потоа да го продадат. Ние тоа нема да го дозволиме.“
Наместо приватизација, Мециновиќ предлага окрупнување на капацитетите, модернизација на механизацијата и подобрување на условите за работа во јавните комунални претпријатија.
Тој презентираше иновативно решение за третман на отпадот, кое, според него, веќе се користи во неколку европски градови.
„Разгледуваме технологија за преработка на комунален отпад во горивни деривати. За Вардариште може да се изгради централа од 720 м² која би чинела шест милиони евра, а за Дрисла, модерна постројка од 60 милиони евра со затворен систем за преработка.“
Упати повик, до граѓаните на Скопје, да го претворат гневот и разочараноста во активна одлука на втори ноември: „Некој дозволи да дојдеме до ова дереџе, некој мисли дека ќе профитира од нашиот хаос. Но, тоа треба да го претвориме во одлука, одлука што ќе го врати градот во нормала и ќе го врати достоинството на Скопје“, заврши Мециновиќ.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Ресетирајте се, излезете од канџите на муртинските коруптивни мрежи
Откако СДСМ, како по обичај, се обиде да ја замени реалноста со партиска илузија, чувствуваме обврска да ги потсетиме на неколку непобитни факти. Додека тие зборуваат за „најсилна опозициска партија“, граѓаните во првиот круг од локалните избори зборуваа преку бројки – а бројките за нив се запрепастувачки, истакнуваат од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
СДСМ, под актуелното раководство, коценуваат од таму, го доживеа најголемиот изборен пораз во својата историја.
„Нивните кандидати за градоначалници беа избришани уште во првиот круг во повеќе општини, и тоа во Куманово, нивниот „чесен и докажан“ кандидат Мартин Костовски, не успеа ни да влезе во вториот круг, и заврши на срамно четврто место. Додека пак нивниот кандидат за градоначалник во Центар, Горан Герасимовски, ќе биде убедливо поразен во вториот круг.
Толку за нивните „планови“, „сила“ и „рејтинг“.
Имено, ја разбираме потребата на ова раководство на СДСМ да се обиде политички да преживее дури и по ваков дебакл на локалните избори.
Но она што се случи, е доказ дека СДСМ повеќе не е партија, најмалку “најсилна опозициска партија”, туку распаѓачки остаток од некогашен систем што живее само на инерција и старо име.
Партијата што некогаш се темелеше на вредности и идеали, денес е претворена во приватен клуб на интереси, бизниси и меѓусебни војни за остатокот од влијание“.
СДСМ, додаваат од ЗНАМ, е политички труп што глуми живот додека се гуши под тежината на сопствениот криминал и лаги, без визија, без морал.
„СДСМ не изгуби поради ВМРО, ниту поради ЗНАМ – изгуби поради себе, поради ароганцијата, криминалот и отуѓеноста од народот. Изгуби затоа што одамна ги заменија идеологијата и вредностите со лични интереси.
Движењето ЗНАМ не е ничиј тројански коњ, ниту придружна партија во туѓи игри. ЗНАМ расте, и тоа благодарение на граѓаните што веруваат дека чесноста, принципите и работа во нивен интерес сè уште имаат смисла. На овие локални избори ја потврдивме стабилизацијата на нашето гласачко тело и покажавме дека политиките што ги водиме се во вистинска насока.
Нашиот концепт на народна и чесна политика добива сè поголема поддршка низ целата држава – и тоа беше првата јасна порака од првиот круг на овие избори. За првпат, Движењето ЗНАМ освои советнички места во повеќе од 50 општини, како и во Градот Скопје“.
Тоа е доказ, нагласуваат, дека ЗНАМ станува релевантна политичка сила што го менува системот одвнатре, со работа, резултати и чесен пристап.
На СДСМ им порачуваат – „Ресетирајте се и излезете од канџите на муртинските коруптивни мрежи кои ве држат заробени! Ослободете се од продолжената рака на Заев, Венко Филипче и криминалците што ја претворија партијата во приватна фирма и политички сервис на неколкумина. Го изгубивте целосно достоинството, ја изгубивте довербата и контактот со народот“.

