Македонија
Меџити: Старата чаршија ќе стане вистински културен и економски центар на Скопје
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, заедно со министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, директорите на Националниот конзерваторски центар и на Музејот на Северна Македонија, како и претставници на еснафот, денеска претстави еден значаен проект, кој претставува голем чекор за оживување на Старата скопска чаршија.
„Почнуваме со чистење и уредување на подземниот паркинг на Музејот на Македонија со капацитет за 60 возила и надворешниот простор за уште 60 други. За 10 дена, овој паркинг ќе биде функционален и во служба на посетителите, еснафот и вработените во институциите овде. Ова е само првата точка од една поголема визија за трансформација на Чаршијата“, изјави Меџити.
Меџити потенцира дека проектот за Чаршијата не завршува само со отворањето на паркингот кај Музејот, туку опфаќа и други конкретни мерки, како поставување подземни контејнери за поефикасно управување со отпадот, целосна реконструкција на калдрмата на улиците Самарџиска, Ковачка, Петар Михов, Сарачка и делумно Папуџиска, како и поставување подземни кабли заедно со замена на оштетената мрежа на цевките.
„Старата чаршија ќе биде подостапна, почиста и поатрактивна за туристите, граѓаните и за бизнисите. Таа ќе стане жив културен, економски и туристички центар, каде што историјата ќе се почитува, но воедно ќе коегзистира со модерноста. Тоа била и останува мојата визија за Чаир“, изјави Меџити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повиците за поделба никому не носат добро, Брвеница е мултиетничка средина, рече Илиевски
Јовица Илиевски, кандидат за градоначалник на општина Брвеница од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, денес даде изјава за медиуми во која истакна дека без разлика на етничката припадност тој во текот на изминатиот мандат како градоначалник, а со план и во наредниот, е фокусиран на проекти, со што кажа дека и општината ќе продолжи да ја води во тој тренд.
,,Општина Брвеница и јас како градоначалник, без разлика на етничка верска припадност. Фокусирани сме на проекти, и сакаме да продолжиме во тој тренд. Улици патишта, без разлика, на село, на население сите се рамномерно застапени во општината“, вели Илиевски.
Илиевски наброи проекти, кои според него покажуваат дека Општина Брвеница ниту беше водена изминатите година врз база на етничка припадност, ниту ќе биде во иднина, доколку тој освои уште еден мандат да ја води општината. Меѓу проектите кои ги наброи беа спортската сала во Челопек, тетовско, од 800 илјади евра, детска градинка, инвестиција од преку 400 илјади евра, во Гургурница камион за собирање на смет итн.
,,Фокусирани сме на проекти и на зближување. Би го потенцирал примерот за соживот. Додека се реновираше училиштето во Брвеница ,околу 270 ученици секој ден ги носевме во Челопек. Никаков проблем немаше со месното население, овие повици на поделба на никого не носат добро“, рече Илиевски и додаде:
,,Населението докажа и во првиот круг, тогаш имавме албански гласови, и сега ги очекувам. Докажано е и уште еднаш повик до сите, не сме за омраза не сме за поделба, ги повикувам сите заедно да докажеме дека Брвеница е мултиетничка средина и така ќе остане“.
Македонија
Трајановски: Нови игралишта, безбедни улици и пристапни тротоари се визијата за современ Аеродром
Кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром од СДСМ, Александар Трајановски, ја претстави својата визија за уредување на јавниот простор и унапредување на квалитетот на животот на граѓаните.
„Нашата визија за јавниот простор е да биде уреден согласно реалните потреби на граѓаните. Тоа значи безбедни улици, достапни тротоари и места за рекреација каде што сите, од најмладите до највозрасните, ќе се чувствуваат пријатно и сигурно“, изјави Трајановски.
Тој најави изградба на нови и безбедни детски игралишта, вклучително и сензорни игралишта за децата со попреченост, како и адаптација на рабниците и поставување тактилни патеки. „Пристапноста не е луксуз, тоа е човеково право“, додаде кандидатот.
Посебен акцент стави и на решавањето на проблемот со кучињата скитници, преку системска соработка со институциите, како и на унапредувањето на инфраструктурата со нови велосипедски патеки, паметни паркиралишта и модерно осветлување.
„Ќе изградиме општина што штеди енергија и време, а нуди квалитетен урбан живот“, рече Трајановски, најавувајќи и изградба на нова противпожарна станица и редовна контрола на противпожарните системи во зградите.
„Ова не се само проекти, ова се мерки за достоинствен живот на секој мој сограѓанин од Аеродром. Затоа на 2 ноември, заедно да се избориме за подобра општина, за општина која се грижи за секого“, порача тој.
Македонија
ЛДП доби признание за иновативни решенија на конгресот на АЛДЕ во Брисел како клучен член на европското либерално семејство
Либерално-демократската партија (ЛДП) ја истакнува исклучителната важност на присуството на својата претседателка, Моника Зајкова, како модератор на една од клучните дебати на Конгресот на Партијата на Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ) во Брисел, насловена „Суперсила Европа – Реформирање на одлучувањето на ЕУ во опасен свет“. Учеството на Зајкова, рамо до рамо со поранешни премиери, актуелни министри и европратеници, како Кирил Петков и Жорж-Луј Буше, само ја потврдува позицијата на ЛДП како витален и почитуван член на европското либерално семејство. Нејзината улога во водењето на дебатата истакна дека либералните вредности и прашањата на Северна Македонија се високо на агендата на европските центристи.
Претседателката Зајкова во својот настап јасно ја истакна обврската на либералните политичари да водат со идеали, но и да ја почитуваат волјата на граѓаните, што е клучно за деблокирање на евроинтеграциите на Северна Македонија. Таа го истакна ставот дека уставните измени, како услов за членство, може да стапат во сила само со гаранција за ратификација на целосниот пристапен договор, повикувајќи се на успешниот модел од процесот за членство во НАТО. Овој принципиелен став, кој го штити достоинството и интересот на граѓаните, доби силна поддршка од европските либерални лидери присутни на панелот.
ЛДП апелира до Европската Унија и нејзините лидери за итно усвојување на креативни и иновативни решенија кои ќе го откочат проширувањето. Зајкова посочи на потребата ЕУ да покаже мудрост, а не само моќ, користејќи ги искуствата од минатото. Како конкретен пример, таа го наведе Северна Ирска Протоколот, истакнувајќи дека доколку ЕУ може да најде дипломатски решенија за најголемите пречки, мора да најде и начин да го испорача ветувањето за Северна Македонија. ЛДП и европските либерали се обединети во ставот дека проширувањето на ЕУ е геополитички императив.

