Македонија
Тврдењата на д-р Кедев за операциите во приватните болници ќе ги „чешлаат“ експерти од Словенија, Италија и од Германија
Министерот за здравство, Азир Алиу, најави дека до понеделник ќе биде комплетирана листата со странски експерти кои ќе ја анализираат праксата на приватните болници и ќе утврдуваат дали се извршувале непотребни операции кај пациенти.
„Еден експерт ќе биде од Словенија, вториот е од Италија, а за третиот се разгледуваат кандидати од Австрија и Германија“, изјави Алиу за ТВ 24.
Министерот нагласи дека ангажирањето на странски експерти е направено за да се обезбеди поголема објективност и точна проценка на состојбата во приватните здравствени установи.
Во меѓувреме, Министерството за здравство ја подготвува и методологијата по која ќе се опфатат здравствените установи од приватниот и јавниот сектор. Од приватните болници ќе се бара до 15 септември да достават целосен список на интервенции до Министерството.
Овие мерки следат по изјавата на професор д-р Сашко Кедев дека во одредени приватни болници се извршувале операции за профит, иако тие интервенции не биле медицински неопходни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улиците: Полог и Кочанска, општина Кисела Вода;
– од 08:30 до 16:00 часот, корисниците од населените места и објектите од село Алдинци кон Солунска Глава, општина Студеничани;
– од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Македонско Косовска Бригада, општина Шуто Оризари;
– од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од објектите во околината на зграда бр. 17 на бул. Партизански Одреди, општина Центар;
– од 09:30 до 13:00 часот, корисниците од ул. 6 во село Бардовци, општина Карпош.
Македонија
Непречен сообраќај по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Времето денес облачно со повремени врнежи од дожд и засилен ветер
Времето денес ќе биде променливо облачно и релативно топло со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни со услови за појава на грмежи. Ќе дува засилен до силен ветер од југозападен правец (над 70 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15, а максималната ќе достигне од 19 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд, локално пороен. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Во утре ќе има преодно стабилизирање на времето. Од недела до вторник ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во понеделник наместа врнежите ќе бидат пообилни и поројни со услови за појава на грмежи. Ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен правец (над 70 km/h).

