Спорт
ФФМ експресно ги соопшти казните за инцидентот во Штип: Играч на Шкупи исклучен од фудбалската организација

Првостепената дисциплинска комисија на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе одлуки, во врска со инцидентот на натпреварот меѓу Брегалница 2008 и Шкупи 1927 во младинска категорија. Казни добија четворица фудбалери, клубовите и официјалните лица. Ригорозна казна заработи фудбалерот на Шкупи 1927, Абдљи Леарт, кој е исклучен од фудбалската орханизација.
Врз основа на собраните изјави, службени извештаи и пријавата доставена од Комисијата за млади категории во рамки на ФФМ, Првостепената дисциплинска комисија на ФФМ отвори и заврши неколку дисциплински постапки во согласност со Дисциплинскиот правилник (ДП) на ФФМ.
Најтежок инцидент се случи на крајот од натпреварот, кога играчот на ФК Шкупи 1927 со број 9, Абдуљи Леарт, физички го нападна противничкиот играч, нанесувајќи му сериозни повреди. Согласно член 43 став 2 од Дисциплинскиот правилник, со кој се санкционира физички напад со потешки последици, му е изречена најстрога санкција – исклучување од фудбалската организација.
Покрај него, уште двајца играчи на ФК Шкупи 1927 – Рамадани Ибрахим (бр. 5) и Новобрдалија Амар (бр. 30), исто така се вклучија во инцидентот и извршија физички напад. Против нив е поведена постапка согласно член 43 став 1, по што им е изречена казна – забрана на играње во траење од три (3) месеци.
Дополнително, беше утврдено дека играчот на ФК Брегалница 2008 со број 4, Гоцев Симеон, се впушти во груба игра и пречекорена самозаштита, реагирајќи на нападот. За неговата постапка, која спаѓа под член 40 од ДП, му е изречена казна – забрана на играње на четири (4) натпревари.
Одговорност на клубовите и официјални лица на клубовите
Првостепената дисциплинска комисија утврди и организаторска и колективна одговорност на двата клуба.
Против ФК Шкупи 1927 е поведена дисциплинска постапка согласно член 51 од ДП, поради физички напад од страна на родители/навивачи врз противнички играчи, со што е сторен тежок прекршок од страна на навивачи/гледачи. Согласно член 29, санкцијата се однесува конкретно на екипата, помлади пионери која го сторила прекршокот.
Против ФК Брегалница 2008 е поведена дисциплинска постапка согласно член 48 од ДП, поради слаба организација на натпреварот и пропуст во обезбедувањето. И во овој случај, согласно член 29, постапката и евентуалните санкции се однесуваат на конкретната екипа, помлади пионери која била домаќин на натпреварот.
Против Алејса Виши, координатор на млади категории на ФК Шкупи 1927 се поведува дисциплинска постапка поради давање на лажни информации, измама и доведување во заблуда, односно ставање во Комет системот на ФФМ, лица во графата – шеф на стручен штаб и кондициски тренер кои воопшто не присуствувале на натпреварот Брегалница – Шкупи 1927.
Извор/ ffm.mk
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
За Ендрик нема место во Реал

Младиот бразилски напаѓач, Ендрик не успева да се наметне во Реал под команда на Чаби Алонсо. Бразилецот е закован за клупата, не одигра ниту една секунда од почетокот на сезоната и се очекува во јануари да биде испратен на позаијмица.
Пред неколку недели Ендирк се поврзуваше со Валенсија, а бразилскиот „ESPN“ пишува дека Марсеј се приклучил во трката.
Тимот предводен од Роберто де Зерби има бод помалку од првопласираниот Пари Сен Жермен и се чини дека би можеле да се борат оваа сезона за титулата.
Со оглед на тоа што Африканскиот куп на нации доаѓа во зима, Марсеј ќе биде без Обамејанг и Гири со што ќе се отвори дупка во нападот и потенцијален проблем во трката за трофејот.
Ендрик би можел да биде решението. Засега, Бразилецот не сака да брза со одлуката, но очигледно е дека ќе мора да замине од Мадрид доколку сака да игра и да се избори за место во репрезентацијата која ќе настапи на Светското првенство следното лето.
Спорт
„Модриќ, Џеко, Варди. Кој ќе плати за да гледа гробишта за слонови?“

Италијанскиот фудбалски новинар Паоло Барџиѓа предизвика бурни реакции откако објави нова епизода од подкастот „Центрокампо“, каде што даде низа остри коментари против одредени фудбалски ветерани, вклучувајќи го и Лука Модриќ.
Неговите изјави, кои ги пренесоа „Milannews.it“ и бројни корисници на социјалните мрежи, предизвикаа бран полемики во Италија.
Во клип кој брзо стана вирален, Барџиѓа ја спореди италијанската Серија А со „гробишта на слонови“, алудирајќи на фактот дека клубовите сè повеќе им даваат шанса на играчите во доцните фудбалски години, наместо на помладите таленти.
Како примери ги наведе Лука Модриќ, Един Џеко и Џејми Варди.
„Модриќ во Милан, Џеко, Варди… Тие се готови како играчи! Кој ќе плати за да гледа гробиштата на слонови? Го носите Ричи за 25 милиони, а играте со некој што има 40 години!“, рече Барџиѓа, предизвикувајќи лавина реакции од јавноста.
Сепак, формата на хрватскиот ас ги негира сите негови тврдења. Лука Модриќ, кој ова лето пристигна во Милано како слободен агент од Реал Мадрид, продолжува да докажува дека возраста не е пречка за него. Од почетокот на сезоната, тој ги одигра сите шест натпревари од Серија А во почетниот состав и e еден од клучните играчи во тимот на Масимилијано Алегри.
„Росонерите“ моментално се на третото место на табелата, а примија само три гола.
Покрај тоа, „Ла Газета дело Спорт“ наведува дека Модриќ е на самиот врв во лигата по бројот на прецизни додавања и точноста на додавањата, поради што раководството на Милан веќе планира да му понуди продолжување на договорот.
Спорт
„Нејмар во Интер? Глупости!“

Во изминатите неколку дена се појави информација дека Нејмар бил понуден на Наполи и Интер ова лето, но повредата го натерала да остане во Сантос.
Бидејќи неговиот договор со Сантос истекува на крајот од годината, извесно е дека брилијантниот напаѓач ќе го промени клубот.
Се споменуваше Интер Мајами, каде што ќе им се придружи на Меси и Суарез, а се пишуваше дека повторно ќе биде понуден на клубови од Серија А.
Сепак, тоа нема да биде Интер од Милано, бидејќи спортскиот директор на овој клуб, Пјеро Аусилио, ги негираше тврдењата на медиумите.
„Нејмар во Интер? Тоа се глупости! Никогаш не сме разговарале за тоа, ниту сме испратиле понуда. Се обидовме со Лукман, но напредокот на Пио Еспозито и Бони ни овозможи да видиме напредок. Исто така, го следевме Хојлунд“, рече Аусилио во интервју за „Кориере дело Спорт“.