Македонија
Алиу: Очекувам објективни резултати од анализата на кардиолошките и на кардиоваскуларните интервенции
Министерот за здравство Азир Алиу утрово одржа состанок со интерната комисија задолжена за изготвување прелиминарна анализа на кардиолошките и на кардиоваскуларните интервенции во здравствените установи во државата.
На состанокот присуствуваа и заменик-министерот Јовица Андовски и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Комисијата е формирана со цел собирање, обработка и анализа на податоци, со посебен фокус на периодот од 2022 до 2025 година во приватните и во јавните здравствени установи.
„Очекувам комисијата да испорача резултати, кои се објективни и произлегуваат од максимално професионално и независно спроведен процес. Резултатите од работата ќе бидат важни од аспект на реално утврдување на состојбите и поставување цврста основа за унапредување на менаџирањето во здравството“, порача пред членовите на комисијата министерот Азир Алиу.
Интерната комисија е составена од врвни екперти во областа, правници и економисти, меѓу кои д-р Васил Папестиев од Клиника за кардиохирургија, д-р Билјана Зафировска и д-р Иван Василев од Клиника за кардиологија, д-р Мишел Андонов и д-р Илир Вела од Клиника за торакална и васкуларна хирургија, д-р Ненси Лозанче од Клиничката болница во Битола, д-р Валон Асани од Клиничката болница во Тетово, д-р Никола Христов од Клиниката „Жан Митрев“, д-р Жарко Христовски од „Аџибадем Систина“, како и претставници од ФЗОМ (д-р Ана Митевска и д-р Жаклина Крстевска), Стефанка Петковска, правник, и претставници од Министерство за здравство (д-р Александар Митов, Стојанчо Стојковски и Бахар Љама).
Истовремено, Министерството за здравство испрати допис до јавните здравствени установи да достават податоци за вкупниот број извршени процедури и операции за периодот јануари 2022 – август 2025 година за извршени интервентни кардиолошки процедури, како што се коронарографии и стентирања, васкуларни ангиографии и кардиохируршки/васкуларни операции.
Од Министерството за здравство најавија дека процесот ќе биде максимално транспарентен. Наодите од анализата на интерната комисија ќе бидат најбргу што може доставени до стручната комисија составена од странски експерти, а извештајот од интерната комисија ќе биде објавен на веб-страницата на Министерство за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Делото на Свети Климент Охридски е патоказ за негување на писменоста, националните вредности и создавање на успешни генерации
По повод празникот посветен на Свети Климент Охридски-македонскиот просветител, учител и темелот на нашата духовност и писменост, ВМРО-ДПМНЕ упатува искрени честитки до сите граѓани на Република Македонија.
„Делото на Св. Климент Охридски, неговата посветеност на образованието и ширењето на словенската писменост, претставуваат трајна вредност на македонската државност и културен идентитет.
Неговата мисија не потсетува дека знаењето, трудот и човечноста се водилка кон напредок и општо добро.
А нашата заедничка обврска е да продолжиме да го негуваме она што е суштински дел од нашата татковина – јазикот, писменоста, наследството и македонскиот идентитет, да останеме посветени на унапредување на образованието, зачувување на културното наследство и поддршка на вредностите што го обединуваат нашиот народ.
Силата на државата произлегува од знаењето, достоинството и од грижата за сопствените корени, токму како што тоа го покажувал Св. Климент со своето животно дело.
Македонија да ја градиме преку генерации на образовани луѓе, генерации што ќе бидат носители на прогресот, на науката, на културата и на достоинството на нашата држава.
Овој празник не потсетува дека вложувањето во образованието и младите е инвестиција во иднината на нашата татковина.
Ликот и делото на Св. Климент Охридски ни покажуваат дека секое знаење што го даваме денес, ја гради Македонија утре“, пишува во честитката.
Македонија
Минчев со честитка за 8 Декември – Свети Климент Охридски
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, испрати честитка по повод 8 Декември – Свети Климент Охридски.
„Нека е честит големиот христијански празник, 8 Декември – Свети Климент Охридски.
Делото на Свети Климент, неговата посветеност на образованието и на создавањето силна духовна и културна традиција, останува траен темел на нашата историја и идентитет.
Неговиот пример не поттикнува да создаваме подобро општество засновано врз знаење, честитост и заемна поддршка.
Нека празникот ни донесе личен и колективен напредок, а во нашите домови мир, здравје и радост“, пишува во честитката.
Македонија
Запленети 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, уапсени две лица
Полицијата заплени 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, а уапсени се две лица.
Според информациите на МВР, вчера на автопатот Табановце-Куманово, полициски службеници ги лишија од слобода Л.А.(32) од с.Никуштак и А.Ш.(32) од Скопје.
Полициските службеници запреле патничко возило „мерцедес” со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.А., а сопатник А.Ш., и при преглед на возилото пронајдени се 237 парчиња нов неупотребуван разновиден рачен, батериски и електричен алат, без никаква документација.
Возилото и алатот се одземени, а лицата се уапсени и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

