Спорт
Ѓоковиќ: Најдобриот и најлошиот момент во кариерата ми се случија на ОИ

Во интервју со Џеј Шети на Јутјуб, Новак Ѓоковиќ го откри најдобриот и најлошиот момент во неговата кариера. И двата се случиле на Олимписките игри.
„Најдобриот беше кога го освоив златниот медал во Париз минатата година. Дури и подобар од освојувањето на Дејвис купот и освојувањето на првиот Вимблдон затоа што знаев дека може да биде мојата последна шанса. Најлошиот беше во Рио де Жанеиро 2016 година, кога загубив од Хуан Мартин дел Потро во првото коло. Беше многу емотивен меч, сите во публиката ме поддржуваа, бев на врвот на мојата кариера, ги освоив сите четири Гренд слем турнири по ред. Чувствував дека тоа е мојата шанса“, се сеќава Ѓоковиќ.
Во истото интервју, тој откри и што е најтешкото нешто во тенисот:
„Да го победиш Рафаел Надал на Ролан Гарос е најголемиот предизвик што постои во историјата на нашиот спорт. Рафа беше мојот најтежок противник од физички аспект. Битките со него беа неверојатни. Го одигравме најдолгото финале во историјата на Гренд слем турнирите, во Австралија, и се сеќавам кога дојдов во соблекувалната и се соблеков. Моите патики беа полни со крв. Не можев ни да одам. Но, нашите мечеви на земјена подлога беа уште потешки“, рече најдобриот тенисер на сите времиња.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
(Видео) ПСЖ се спаси од пораз против Стразбур

Фудбалерите Пари Сен Жермен и Стразбур ремизираа 3:3 во дербито на осмото коло од Лига 1.
Луд натпревар беше виден на „Паркот на принцовите“. Домаќинот трган фуриозно, а на крајот мораше да се бори за еден бод.
Сè започна со голот на Баркола во шестата минута, но гостите до полувремето направија пресврт, со головите на Паничели во 26-та и Мореира во 41-та минута.
Паничели дополнително ги загрижи „Светците“ во 49-та минута, а Рамос го врати ПСЖ во игра од пенал во 58-та минута.
Мајулу спаси бод за ПСЖ во 79-та минута.
И на овој натпревар Луис Енрике не можеше да смета на важни играчи – Дембеле, Маркињос, Невеш, Руиз, додека Кварацхеликја, Мендеш и Витиња започнаа од клупата.
ПСЖ го запиша второто последователно реми, и е на чело со 17 бода, еден повеќе од Стразбур.
Спорт
Мареска потврди дека Палмер ќе паузира уште шест недели

Фудбалерот на Челзи, Кол Палмер (23), нема да може да им се придружи на соиграчите уште шест недели поради повреда на препоните, објави тренерот Енцо Мареска.
Палмер не играл од поразот на Челзи од Манчестер Јунајтед на 20 септември.
Тој го напушти теренот во првото полувреме, а Мареска потоа објави дека ќе го одмори до октомвриската репрезентативна пауза, која сега е завршена.
„Згрешив. За жал, тој ќе биде надвор од терените веројатно шест недели“, рече Мареска, исклучувајќи ја можноста за операција.
„Се обидуваме да го заштитиме Кол колку што е можно повеќе и најважно е тој да биде целосно закрепнат кога ќе се врати“, додаде италијанскиот стручњак.
Челзи, кој моментално е седми на табелата во Премиер лигата, во сабота гостува кај Нотингем Форест, кој е 17-ти на табелата.
Спорт
Флик негира дека претседателот на клубот му се меша во работата

Ханси Флик, на прес конференцијата, пред натпреварот со Џирона, бурно реагираше на прашањето дека претседателот на Барселона барал Ламин Јамал да игра против ПСЖ во Лигата на шампионите.
Шпанските медиуми со денови шпекулираат за наводниот конфликт во врвот на каталонскиот клуб, според кој претседателот Џоан Лапорта наводно му наредил на Ханси Флик да го вклучи Ламин Јамал во почетниот состав за натпреварот против ПСЖ, иако 18-годишникот, според изворите, доцнел на задолжителниот состанок на тимот пред дуелот.
„Би сакал да знам од каде доаѓаат тие глупости. Никој во клубот никогаш не ме замолил да направам нешто слично. Тие ми веруваат целосно. Немам што да кријам, познато е дека во Барселона тренерскиот штаб носи спортски одлуки“, рече Флик.
Тој нагласи дека Ламин Јамал не бил казнет и дека неговото место во почетниот состав против ПСЖ е спортска одлука, а не резултат на каков било притисок од раководството.
Да потсетиме дека шпанските таблоиди претходно објавија дека Флик прво планирал да го казни младиот напаѓач затоа што доцнел и дека му рекол дека нема да биде во првиот состав. Сепак, според овие шпекулации, раководството на клубот наводно инсистирало Јамал да го започне натпреварот.
Инаку, Барселона во второто коло загуби од ПСЖ со 1:2.