Македонија
Шукова: Време е да ги издигнеме Скопје и Бутел од калта во која се оставени
Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, и кандидатката за градоначалничка на општина Бутел, Оливера Ливринчиќ, се сретнаа во Бутел, каде разговараа за конкретни проекти и решенија со кои општината конечно ќе добие вистинско внимание и современа урбана инфраструктура.
На прошетка низ општинaта тие разговараа за повеќе клучни теми, меѓу кои и запоставената состојба на реката Серава, сообраќајниот метеж, како и потребата од нова, функционална инфраструктура која ќе донесе поврзаност и квалитет на живеење за граѓаните на Бутел.

„Време е за паметни решенија за Бутел и Скопје. Бутел конечно ќе добие посветено лидерство, ред и модерна инфраструктура каква што бутелчани заслужуваат“, порача Шукова, истакнувајќи дека нејзината визија за Скопје подразбира грижа и развој рамномерно во секој дел од градот.
Кандидатката за градоначалник на Бутел, Ливринчиќ, се осврна на состојбата на реката Серава и нејзината целосна запоставеност од досегашната локална самоуправа. Таа најави проект за уредување на целиот кеј со пешачка и велосипедска патека, создавајќи безбеден простор за сите генерации.

„Мој план е пешачка и велосипедска патека по целиот кеј. Ова ќе биде место за рекреација, безбедно за сите генерации“, најави Ливринчиќ.
Последното уредување на реката Серава, потсети Шукова, било направено во 2021 година од поранешен градоначалник од редовите на СДСМ по кој изостанала секоја реализација и одржување од страна на новото локално раководство. Шукова на Ливринчиќ и ги презентираше плановите на градот за овој дел на градот Скопје.
„Мојот план за овој дел од градот подразбира изградба на 2 нови моста на реката Серава и надвозник над булеварот Никола Карев, потпорни ѕидови од 2 километри, атмосферска и фекална канализација. Ова е голем инфраструктурен чекор но тука не застануваме. Планираната нова клучка кај булеварите ,Словенија и Никола Карев ќе биде нова порта на Скопје. Ги поврзуваме Бутел со Ѓорче, Карпош и Чаир. Ова ќе биде современ инфраструктурен јазол со велосипедски и пешачки патеки, ЛЕД осветлување и директен пристап до скопската обиколница“, најави Шукова.

Притоа двете истакнаа дека имаат решение за сообраќајниот хаос меѓу Автокоманда и Бутел, а тоа е булеварот Хрватска кој предвидува нови коловози, зелени површини, велосипедска патека и безбедни пешачки зони.
„На Скопје и Бутел им е неопходно ново раководство и управување за да се издигнат од калта во која се оставени. Скопје и Бутел имаат потреба кандидати кои ќе се спротивстават на криминално ВМРО-ДПМНЕ кое 4 години системски ги урниса Скопје и скопските општини“, порачаа кандидатките на СДСМ за Скопје и Бутел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

