Македонија
Мицкоски жестоко му одговори на Филипче: Доста беше со итроштини, народот веќе не заборава, вие продадовте сѐ
Премиерот Христијан Мицкоски денеска остро одговори на изјавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за нова декларација во Собранието за евроинтеграциите, нарекувајќи ја политика на „итроштини“ и обид за манипулација со граѓаните.
Премиерот потсети дека СДСМ и ДУИ веќе еднаш гласале декларација за неприфаќање на ултиматуми од Софија, но потоа, како што рече, прифатиле сè.
„СДСМ и ДУИ го потценуваат народот. Играт на картата на кратка меморија. Ама граѓаните добро знаат, прво донесоа декларација дека нема да се менува името, па го променија. Рекоа дека ќе го почитуваат референдумот, па не го почитуваа. Сè што ветија, изневерија“, истакна Мицкоски.
Тој порача дека Владата што ја предводи има јасна стратегија за иднината: „Нашата цел е развој, реформи и изградба. Ова не е игра за итроштини и ситни маневри. Тоа го видовме седум години и видовме каде стигнавме“.
Осврнувајќи се на поранешните функционери од СДСМ и ДУИ, премиерот рече дека граѓаните јасно гледаат „како со години се збогатуваа, а денес располагаат со милионски имот во земјата и странство“.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, претходно изјави дека Собранието треба да донесе заедничка резолуција за евроинтеграциите и дека доколку Бугарија повторно стави вето, Македонија треба да ги прекине преговорите со ЕУ. Според него, Владата води „неискрена политика“ и свесно го пролонгира процесот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Матичарка и службеници ѝ „подариле“ втор идентитет на кумановка, завршија со пријава
Полицијата во Куманово поднесе кривична пријава против четири лица — В.Б. (56), Н.З. (41), Х.Е. (53) и В.П. (67) — под сомнение дека со несовесно постапување во службата овозможиле едно лице да користи два различни идентитета.
Според информациите од СВР Куманово, првопријавената, матичар во подрачната канцеларија на Управата за водење на матични книги во село Лојане, општина Липково, направила незаконит упис во матичната книга на родени, внесувајќи податок дека едно женско лице склучило брак со машко лице и го зело неговото презиме.
Вториот пријавен, исто така матичар, на 26 март годинава издал извод од матична книга на родени со тие податоци, а третиот пријавен, службеник во Одделението за управни работи во Куманово, го примил барањето за издавање пасош.
Четвртиот осомничен, кој работел како виш советник за патни исправи во истото одделение, проценил дека се исполнети условите и го одобрил издавањето на патната исправа.
Со нивното постапување, како што наведува полицијата, на лицето му било овозможено незаконски да користи два идентитета. Против сите четворица е поднесена кривична пријава за делото „несовесно работење во службата“.
Македонија
Непречено се одвива гласањето на болните и затворениците
Гласањето на болните и немоќните лица, лицата кои се во притвор или затвор, како и на граѓаните сместени во установи за вонсемејна грижа, денеска се одвива без потешкотии во сите општини каде што утре ќе се одржи вториот круг од локалните избори, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
Од Комисијата информираат дека гласањето започнало во 7 часот изутрина и се спроведува непречено на целата територија, вклучувајќи го и Градот Скопје.
Според податоците на ДИК, денес право на глас остваруваат 4.826 болни и немоќни лица, 1.256 лица сместени во 14 казнено-поправни установи и 214 граѓани во 13 центри за вонсемејна грижа.
Вториот изборен круг од локалните избори 2025 ќе се одржи утре, кога ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за избор на советници.
Според избирачкиот список, право на глас имаат вкупно 1.013.375 граѓани.
Македонија
(Видео) Цеца нагрна бугарско знаме на концертот во Велес, па објасни: „Секогаш прифаќам знамиња од публиката, немав намера да навредам никого“
Пејачката Светлана Цеца Ражнатовиќ се огласи по скандалот со знамето што се случи синоќа на нејзиниот концерт во Велес.
Цеца се завитка во бугарското знаме, што предизвика негодување кај публиката на концертот, по што таа објасни:
„Не е чудно што секогаш сум среќна да го прифатам секое знаме од мојата публика, бидејќи тоа е мојата публика, мојот народ. Нè обединува љубовта кон песната, без разлика од каде доаѓа некој. Жал ми е ако тој чин повреди некого – навистина не ми беше намерата, особено не да ги повредам или навредам домаќините. Верувам дека го знаете тоа. Ви благодарам за прекрасната вечер, за прекрасната енергија, љубовта и спомените што ги создадовме заедно. Имавме концерт“, вели Цеца, а за реакциите и бунтот на социјалните мрежи кажа:
„Реакциите се случија во салата, помеѓу мојата публика и мене. Знаеме како се забавувавме – што беше убаво, а што не беше убаво на концертот што траеше два часа. Тоа е најважно. Нема да се занимаваме со реакциите на социјалните мрежи, бидејќи сите ние што бевме заедно во Велес таа вечер знаеме што навистина се случи. Ништо и никој не може да застане помеѓу мојата публика и мене“, нагласи таа за Блиц.
На концертот таа потоа го крена и македонското знаме.

