Македонија
Мицкоски: Од земја во која криминалот и корупцијата беа секојдневие, станавме земја на економски раст, победи и стабилност

Континуираниот раст на индустриското производство е многу добра вест за македонската економија. Индустриското производство во јули оваа година порасна за 4,1 процент споредено со истиот месец минатата година. Јули е првиот индикатор за третиот квартал од 2025 година, напиша премиерот Христијан Мицкоски на својот фејсбук профил.
-Преработувачката индустрија е носечки фактор за порастот на индустриското производство со раст од 7 отсто споредено со истиот месец минатата година. Кумулативно индустриското производство од почетокот на годината заклучно со месец јули (во првите седум месеци од 2025 година) порасна за 3 отсто споредено со истиот период минатата година, а преработувачката индустрија порасна за истиот период 4,5 отсто. Целосно се менува структурата на македонската економија, се вели во постот од Мицкоски.
Нагласува дека расте бројот на туристи и бројот на ноќевања, расте бруто-домашниот производ, расте цената на откуп на земјоделските производи, расте градежништвото, расте трговијата итн…
-Од земја во која криминалот и корупцијата беа секојдневие, а анти националната политика беше заштитен знак за владата, сега сме земја на економски раст, победи и стабилност. Чекор по чекор ќе направиме и многу повеќе. Нема откажување. Патриотска политика на дипломатијата со цел заштита на националните интереси, истакува премерот Мицкоски во својот пост на Фејсбук.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Започна изградбата на нов продажен маркет на „Лидл“

Започна изградбата на нов продажен маркет на „Лидл“ во Аеродром.Според премиерот, Христијан Мицкоски, ова е уште една потврда дека Македонија е вистинска дестинација за инвеститорите.
„Новиот малопродажен објект на „Лидл“ ќе се протега на површина од 3.438 квадратни метри, со модерен продажен салон од 1.200 квадратни метри и со 57 паркинг места за удобност и достапност на потрошувачите. Ова не се само бројки, тоа е порака дека компанијата влегува сериозно на македонскиот пазар, со визија за долгорочен раст и развој, што впрочем можевте и да го слушнете“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека оваа инвестиција се одолговлекувала и била заглавена, но токму по изборот на оваа Влада, пред неполни 15 месеци, како што рече, веднаш се фатиле за работа.
„Особено ме радува што менаџментот на „Лидл“ ја прифати нашата забелешка за зголемување на застапеноста на домашното производство и македонските производи на полиците на „Лидл“. Тоа е од исклучителна важност – затоа што со тоа не само што се поддржува локалната економија, туку се гради доверба кај потрошувачите дека македонското е најдобро“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека македонски производи се наоѓаат на полиците на „Лидл“ во околните земји.
„Во 2024 година извозот беше околу 5 милиони евра. Очекуваме оваа година, во разговор неформален со менаџментот на „Лидл“, таа бројка да достигне и 10 милиони евра и со време таа бројка да расте. Тоа треба да биде инспирација, поттик и мотив за македонските претприемачи да ги задоволат стандардите на „Лидл“, да произведуваат според стандардите на „Лидл“, а „Лидл“ сигурно дека ќе даде можност и шанса македонските производи да се наоѓаат на полиците на „Лидл“ во околните земји и секаде онаму каде што „Лидл“ ќе има потреба од квалитетни македонски производи“, рече Мицкоски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара итна седница на Комисијата за надзор на АНБ

ВМРО-ДПМНЕ упати јавен повик до претседателот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање, Скендер Реџепи од европскиот фронт ДУИ, да закаже итна седница на комисијата.
„Целта е, на седницата да се разгледаат загрижувачките сомнежи за незаконско постапување во АНБ, односно, да утврдиме точен датум за официјална посета во Агенцијата за национална безбедност преку која ќе извршиме директен увид во состојбите и темелно испитување на сите околности поврзани со овие настани. Овие случувања веќе предизвикаа силна вознемиреност во јавноста и ја поткопуваат демократијата и довербата во институциите задолжени за заштита на националната безбедност’, изјави пратеникот Љупчо Пренџов.
Според него, обврска на Комисијата е да делува одговорно и транспарентно, со цел, да се обезбеди отчетност на институциите и заштита на нивниот интегритет и демократијата во државата.
„Граѓаните имаат право да знаат дали и како се злоупотребувале институциите и какви мерки ќе се преземат за тоа никогаш да не се повтори. Остануваме доследни во посветеноста кон вистината, владеењето на правото и заштитата на интересите на сите граѓани“, рече Пренџов.
Македонија
Бесплатни униформи за 6.800 ученици од Општина Гази Баба

Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковск, денеска беше во посета на ООУ Дане Крапчев каде што на учениците им ги подели бесплатните униформи.
Овој проект за прв пат се реализираше во општина Гази Баба во 2023 година и истиот произлезе од изборната програма на градоначалникот Стефковски.
„Униформите се повеќе од облека. Тие се симбол на еднаквост и заедништво. Со нив сите ученици се дел од една иста заедница, без поделби и разлики. За семејствата ова значи значајна поддршка на домашниот буџет, затоа што знаеме колку е важна секоја заштеда. За нашите ученици пак, останува само една задача, да учат, да сонуваат и да се развиваат без предрасуди и без бариери“, истакна градоначалникот Стефковски.