Македонија
Македонија доби 2,3 милиона евра неповратна помош од ЕУ
ЕУ ги ослободи средствата од првата транша за Северна Македонија. На земјата и се исплатени 2.3 милиони евра како неповратна помош, околу 2 милиони евра како заем кои ќе бидат достапни преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и околу 3.7 милиони евра што го претставува преостанатиот дел од заемот наменет за директна буџетска поддршка.
„Со Одлука за спроведување на Европската комисија за одобрување на првото ослободување на средства за Република Северна Македонија во рамките на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, беше одобрена првата исплата на средства за нашата земја. Со оваа Одлука одобрени се нето-износ од околу 2.3 милиони евра како неповратна помош и како нето износ од околу 2 милиони евра како заем кои ќе бидат достапни преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и нето износ од околу 3.7 милиони евра што го претставува преостанатиот дел од заемот наменет за директна буџетска поддршка. Во оваа сума не се вклучени околу 3,6 милиони евра кои се наменети за порамнување на дел од средствата кои државата претходно ги доби како претфинансирање“, соопштија од Министерството за европски прашања.
Средствата се обезбедени по доставеното Барање од страна на министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој како Национален координатор за Инструментот за реформи и раст, ја достави целокупната документација за чекорите од Реформската агенда 2024–2027, со рок на реализација декември 2024 година (односно февруари 2025 година).
Барањето ги опфаќаше реформите во повеќе области: во делот управување со јавни финансии беа предвидени законски измени за поефикасно и транспарентно буџетско управување. Во областа енергетика беа воспоставени нови управувачки структури за спроведување на планот за праведна транзиција. Во областа деловна средина беа воведени нови правила за независност во управувањето со државните компании. Во областа владеење на правото беа предвидени мерки за редовно пополнување на позициите на судии и јавни обвинители согласно долгорочните проекции на надлежните совети
Според оценката на Европската комисија целосно исполнети се два чекори: донесувањето на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола и измените на Законот за трговски друштва.
„Ова претставува 40 проценти реализација на чекорите односно 50 проценти во однос на средствата. За преостанатите чекори, Комисијата констатира дека не се целосно реализирани и за нив е предвиден грејс период до 24 месеци за односно до декември 2026 година. Тоа значи дека државата има дополнително време за нивна реализација и ослободување на останатите средства од вкупните алоцирани средства кои се во висина од околу 17,1 милиони евра“, соопшти Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.

