Македонија
(Видео) Мицкоски: Пред 15 години зборувавме за компјутер за секое дете, а денес, по 15 години, зборуваме за учебник за секое дете

По повод почеток на новата учебна година, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски го посети ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ во општина Кисела Вода.
„За мене претставува огромно задоволство и чест што можам денес да застанам пред вас. Ќе се трудам да бидам краток имајќи предвид дека трпението претпоставувам и жестината се на највисоко ниво и трпението на најниско ниво, ќе упатам само три пораки коишто ценам дека за мене се важни, но и за сите нас генерално како генерација се важни. Можеби за првпат после седум години, учениците во првиот училишен ден ќе ги имаат учебниците пред себе, нешто коешто е многу значајно, нешто коешто во минатото за жал изостануваше.
Ја користам оваа прилика да им се извинам на родителите што пред повеќе од 15 години зборувавме за компјутер за секое дете, а денес после 15 години зборуваме за учебник за секое дете, но ви ветувам дека преку нова дисциплина, а тоа е вештачката интелигенција со којашто ќе се запознаат нашите дечиња ќе можеме да зборуваме за иднината и за предизвиците коишто ни ги носи иднината“, кажа Мицкоски.
„Можам исто така со задоволство да кажам дека за првпат после 7-8 години учениците во училиштата низ Македонија ќе имаат можност пред себе да ги имаат учебниците во странски јазици, англиски, германски и француски нешто коешто е многу важно за да создаваат пријателства надвор од границите на нашата татковина, Македонија.
Би сакал да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам и на министерката за сето тоа што го направи изминативе 15 месеци за да можеме денес да зборуваме за ова што го зборуваме бидејќи знам колку часови состаноци сме имале поминати во организација за да можеме денес да го постигнеме ова и знам уште колку многу часови состаноци, организација ни се потребни за да го достигнеме нивото коешто стремиме и нивото коешто е потребно за нашите најмлади.
Му благодарам и на градоначалникот којшто знам што сè прави за да Кисела Вода го добие овој лик којшто го има денес и знам колку е тој сè уште амбициозен и сè уште има големи планови, не само за Кисела Вода и за Скопје и убеден сум дека во годините коишто следат тој заедно со својот тим ќе ги реализираат.
На најмладите и наставниците сакам да им порачам две работи. Ова се години кога учите за две многу значајни вредности, а тоа се семејството и татковината, нашата Македонија. Наставниците сум убеден дека вредностите коишто, најмладите првоодделенчињата ќе треба да ги дознаат за своето семејство за мама, за тато, за даде и за бато, но исто така и за она што се вика татковина, нашата преубава Македонија ќе го пренесат во вистински начин, во вистински дух, а тоа што првоодделенците ќе го научат сега ќе го практикуваат целиот свој живот“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
До крајот на денот, сончево со мала до умерена облачност

Времето до крајот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Во текот на ноќта ќе преовладува претежно ведро и тивко време.
Утре сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 20, а максималната ќе достигне од 28 до 37 степени.
Во Скопје, времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Во среда и четврток ќе биде променливо облачно, наместа нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Потоа следи стабилизирање на времето.
Македонија
Битиќи: Со ново задолжување ДПМНЕ ја потврди негрижата за граѓаните

Со новото задолжување, власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ го потврди своето лицемерие, негрижа за граѓаните и уште еднаш покажа неодговорност во управувањето со јавните финансии, реагираше пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи на денешната Комисија за финансирање на буџетот.
Тој потенцираше дека пратениците кои сега се дел од власта гласаа, ќе гласаат за ново задолжување, за изградба на училишта, но тоа е истиот закон што самите го блокираа и оцрнуваа во 2021 година.
-Станува збор за иницијатива започната од претходната влада предводена од СДСМ, во рамките на стратешката рамка со Светска банка за периодот 2019 – 2023. Ова е проект на СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ денес се обидува да се прикаже како поддржувач на нешто што самото го блокираше. Гласаа против во 2021 година, денес гласаат за. Без извинување, без објаснување. Без никаква суштинска промена во проектот. Единствено што се смени е нивната партиска позиција,“, рече Битиќи. Тој потенцираше дека ова е класично политичко лицемерие на штета на граѓаните и на учениците.
„Сега нека одговорат јавно: зошто тогаш беа против, а денес се за? Што точно се променило, освен нивниот интерес?“
Покрај политичката недоследност, уште позагрижувачки е што Владата не понуди ниту минимум информации за јавноста. Заменик-министерот за финансии даде едвај 55-секунден извештај, без суштина и без детали. Нема список на училишта, нема информации кои општини ќе бидат опфатени, ниту пак јасност за условите под кои државата се задолжува.
„Ова е Влада што тврди дека ќе гради, а не кажува ниту што, ниту каде. Се крие, а се фали со туѓ проект. Ако веќе продолжувате нешто што ние го почнавме, бидете чесни и признајте. Сега имате нова стратешка рамка со Светска банка за 2024 – 2028 година, со буџет од 700 милиони евра. Каде се вашите проекти?“ потенцираше Битиќи.
Македонија
Лукаревска: Секој ден ново задолжување, ВМРО-ДПМНЕ повторно покажува неодговорност

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ повторно покажува неодговорност во управувањето со јавните финансии и секој ден ги задолжува граѓаните, реагираше пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска на денешната Комисија за финансирање на буџетот.
„Задолжување имаме за 94% завршен проект. Проектот за подобрување на основното образование, кој започна уште во април 2021 година, со предвиден рок за реализација до февруари 2026 година, според зборовите на заменик-министерот, досега е реализиран со 94,27%. Остануваат уште околу 5,7% од средствата што треба да се реализираат. И покрај тоа, денес сме сведоци на ново задолжување токму за тие преостанати 5,7%, со рок на отплата од 12 години и годишна каматна стапка од 18,5%. Ова е значително повисоко од претходниот рок на отплата од 11 години, кој важеше за првите 95% од реализираните средства“, рече таа.
Потенцираше дека ова е уште еден доказ за недоследност во политиките на владејачкото мнозинство.
„Добро е што имаме продолжување на проектите што ги започна СДСМ. Но, парадоксот е очигледен, овој проект е иницијатива на претходната влада, која сегашната власт ја презема со ново задолжување без никаков јасен план како ќе се враќаат средствата. Она што некогаш беше предмет на жестоки критики, денес е прифатено и се промовира како успех. Се прашуваме дали има реална стратегија за враќање на овие задолжувања.“, додаде Лукаревска.
Таа потсети и дека во периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ беа изградени 74 училишта за 10 години, додека под СДСМ, во пократок временски период, беа изградени и реновирани 80 училишни објекти.“
Посочи дека владејачкото мнозинство, кое во минатото жестоко ја критикуваше СДСМ за задолжувањата, денес само иницира нови и нови задолжувања, не само преку унгарскиот кредит, туку и преку стратешкиот договор со Велика Британија, додека веќе е најавено и ново задолжување во висина од една милијарда евра.