Македонија
Битиќи: Со ново задолжување ДПМНЕ ја потврди негрижата за граѓаните

Со новото задолжување, власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ го потврди своето лицемерие, негрижа за граѓаните и уште еднаш покажа неодговорност во управувањето со јавните финансии, реагираше пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи на денешната Комисија за финансирање на буџетот.
Тој потенцираше дека пратениците кои сега се дел од власта гласаа, ќе гласаат за ново задолжување, за изградба на училишта, но тоа е истиот закон што самите го блокираа и оцрнуваа во 2021 година.
-Станува збор за иницијатива започната од претходната влада предводена од СДСМ, во рамките на стратешката рамка со Светска банка за периодот 2019 – 2023. Ова е проект на СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ денес се обидува да се прикаже како поддржувач на нешто што самото го блокираше. Гласаа против во 2021 година, денес гласаат за. Без извинување, без објаснување. Без никаква суштинска промена во проектот. Единствено што се смени е нивната партиска позиција,“, рече Битиќи. Тој потенцираше дека ова е класично политичко лицемерие на штета на граѓаните и на учениците.
„Сега нека одговорат јавно: зошто тогаш беа против, а денес се за? Што точно се променило, освен нивниот интерес?“
Покрај политичката недоследност, уште позагрижувачки е што Владата не понуди ниту минимум информации за јавноста. Заменик-министерот за финансии даде едвај 55-секунден извештај, без суштина и без детали. Нема список на училишта, нема информации кои општини ќе бидат опфатени, ниту пак јасност за условите под кои државата се задолжува.
„Ова е Влада што тврди дека ќе гради, а не кажува ниту што, ниту каде. Се крие, а се фали со туѓ проект. Ако веќе продолжувате нешто што ние го почнавме, бидете чесни и признајте. Сега имате нова стратешка рамка со Светска банка за 2024 – 2028 година, со буџет од 700 милиони евра. Каде се вашите проекти?“ потенцираше Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Арсовска до Мицкоски: Проблемот со ѓубрето е апсолвирана тема, здружено со твоите кадри вие го креирате и континуирано правите хаос, кој бидејќи сте „способни“ ќе го „решите“ за 72 часа

Актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска преку социјалните мрежи се обрати до премиерот Христијан Мицкоски.
„Проблемот со ѓубрето е апсолвирана тема, здружено со ТВОИТЕ кадри ВИЕ го креирате и континуирано правите хаос, кој бидејќи сте “способни” ќе го “решите” за 72 часа. Да заклучиме штом се средува за 72 часа ептен било лесно да се реши, не знам што чекавте до сега, многу пати те повикав во интерес на граѓаните да соработуваш“, пишува Арсовска.
„Нормално лесно ќе го решите проблемот кој вие го креирате, а можевте и до сега, знаеш колку пати 72 часа поминаа во овие 4 години.
Ајде да се вратиме на проблемот поради кој го правиш овој хаос со “ѓубрето”, затоа што ми досади од твоите нарачки и напади со маслинка медиумите и ботовите.
Со месеци заедно со твоето дипломатче чудо од дете плачевте по целиот дипломатски кор, дека си имал проблем со коалицискиот партнер за локални избори поради Чаир.
Демек јас жена сама многу проблеми ви правам. Еве бевте 2 месеци раат од мене за да не ми се јавуваат пола амбасадори во Македонија дека кукаш ќе ти се рушела коалиција поради криминалот на твоите партнери од Чаир.
Сега кога коалицискиот ти победи во Чаир, ај да почнеш да бидеш и ти лидер ко Еди Рама и да срушиш сѐ што не е безбедно за скопјани. Или на овој Изет уште не смееш да му писнеш?
Ајде ајде, финансова полиција и МВР по твоја нарачка експресно упаѓаат по институции 2 дена откако ќе пријави твој партиски другар. Значи се можело.
А јас повеќе од 6 месеци пријавувам и чекам во Чаир со тебе и твоиве институции заедно да одиме да ти го покажам лично криминалот“, додава Арсовска.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ако утре би биле парламентарните избори, ние би освоиле над 60 пратеници, а СДС би била во некои изборни единици трета партија

ВМРО-ДПМНЕ со 550 советници низ Македонија и градот Скопје, како и со над 300.000 гласови, е апсолутен победник на локалните избори. Кога утре би имало парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ по Донтовиот модел, со овие гласови ќе има над 60 пратеници, додека пак СДС во некои ИЕ би била трета партија, велат од партијата преку соопштение.
„Народот го казни СДС и направи да биде на некои места низ државата, како и градот Скопје, трета, четврта, па дури и петта партија по бројот на добиени гласови. Времето на работа, одговорност и резултати – продолжува, благодарност до сите оние кои го направија вистинскиот избор.
На овие избори, ВМРО-ДПМНЕ освои 12.000 гласа повеќе од 2021 година, додека СДС потона со минус 111.000 гласа. Ова е пораз кој најдобро ја отсликува недовербата на граѓаните во нивните промашени политики, неспособно владеење и неквалитетни кадри.
ВМРО-ДПМНЕ е партијата со најголема поддршка во 59 општини и градот Скопје, а во мнозинството од нив има апсолутно мнозинство во советите. Тоа значи дека народот избра стабилност, развој и чесни луѓе кои знаат што значи работа за интересот на државата, а не за лични привилегии.
Граѓаните избраа пат на раст и развој, а не застој и пропаѓање. Со оваа поддршка, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа дека е партија на народот, што ги слуша граѓаните и работи за нив.
Сега е време оваа голема победа да се заокружи во вториот круг. Да излеземе масовно и уште еднаш да ја потврдиме волјата на народот, со заокружување на бројот 9, со твојот човек, за твоето место, за твојата иднина! Направете го вистинскиот избор!“, се додава во соопштението.
Македонија
Oблачно време со повремени врнежи, температура до 19 степени

Времето денес ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 14 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно со услови за повремен слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 19 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, освен во четврток и сабота кога ќе преовладува стабилно време. Во петок и сабота ќе дува засилен ветер од југозападен, а од недела од јужен правец.