Свет
Германскиот министер за финансии за данок на богатите, канцеларот против
Ќе воведе ли Германија поголеми даноци за богатите за да се затвори буџетската дупка од над 30 милијарди евра? Тоа е прашањето што го зафаќа политичкиот Берлин и се заканува да предизвика судир меѓу владејачките партии, пишува „Дојче Веле“.
Германскиот буџет за 2027 година се соочува со недостиг од повеќе милијарди евра. Министерот за финансии Ларс Клингбајл затоа не ја исклучува можноста за зголемување на даноците за оние со високи приходи. Демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) се огорчени. Клингбајл, кој е воедно и претседател на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), во емисија на јавниот сервис АРД „Bericht aus Berlin“ го појасни својот став, нагласувајќи дека „сите мора да дадат свој придонес“.
„Никогаш немало влада со ваков предизвик“
Веќе неколку недели во Германија се расправа дали се потребни повисоки даноци за имотните граѓани за да се затвори дупката во државниот буџет. Клингбајл потсети дека тоа го најавил уште средината на август во летното интервју за ЗДФ, што веднаш наиде на жесток отпор од коалициските партнери од редовите на ЦДУ/ЦСУ.
Сега Клингбајл дополнително го брани и конкретизира својот став. „Мислам дека никогаш немало федерална влада која морала да затвори ваква голема буџетска дупка“, рече Клингбајл. „Советувам сите опции да останат отворени додека не можеме да објавиме дека тие 30 милијарди се отплатени и дупката е затворена“, додаде.
Клингбајл објасни дека недостатокот во буџетот за 2027 дополнително се зголемил поради проекти како „пензија за мајки“ и компензации за општините во рамки на иницијативата за „поттикнување економски раст“.
„Не смее да се кратат социјалните трошоци“
„Ме интересира кои идеи ќе ги предложат канцеларот и другите за да се затвори недостатокот од 30 милијарди“, порача Клингбајл, осврнувајќи се на одбивањето на демохристијаните да разговараат за зголемување на даноците.
Тој предупреди и на опасноста од преголеми кратења во социјалата. „Има некои, тоа го забележувам понекогаш во политичката дебата, кои изгледа мислат дека сите пари можат да се заштедат на пензии, здравство, нега и други работи“, рече шефот на СПД.
Нагласи дека сега мора да се донесе цел пакет мерки кој ќе биде праведен и балансиран.
„Ќе мора да побараме нешто од граѓаните, така е. Но многу е важно да постои чувство дека тоа се однесува на сите и дека сите треба да дадат свој придонес“, рече Клингбајл и додаде дека му е драго што дебатата за ова сега започнува. „Важно ми е да не почнеме дури кога ќе се приближи буџетот за 2027, туку тоа да го направиме во наредните недели.“
Сојузниот канцелар Фридрих Мерц во меѓувреме јасно ги отфрли идеите за зголемување на даноците. „Договорениот коалициски договор важи“, рече Мерц во летното интервју за јавниот сервис ЗДФ и нагласи дека ЦДУ/ЦСУ и СПД во коалицискиот договор се согласиле дека даноците нема да растат.
Потсети дека за оваа тема долго се расправало на преговорите. „СПД тоа добро го знае“, рече Мерц. „Тоа што СПД има поинакви ставови по ова прашање е исто толку во ред како и тоа што ние во други прашања имаме свои ставови. Ние не го бараме што нè дели. Ние го бараме она што ни овозможува заедно и одговорно да владееме“, додаде.
Шефот на ЦСУ, Маркус Зедер, исто така ги критикуваше предлозите на Клингбајл. „Не, сега не ги зголемуваме даноците. Мораме да ги намалуваме“, рече Зедер за весникот Handelsblatt.
„Кој потпишува коалициски договор треба и да го спроведе, а не да доведува сè во прашање по неколку месеци“, порача Зедер.
Тој ги отфрли и предлозите на поединечни пратеници од ЦДУ да ѝ понудат на СПД повисок данок за богатите во замена за реформи на социјалниот систем. „Тоа за мене е исклучено“, рече шефот на ЦСУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

