Македонија
(Видео) Петрушевски: Дали Коцевски бил обвинител одговорен да го следи издавањето на ПИ-мерките со кои се прислишувани Мицкоски, новинари и бизнисмени
СДС, Зоран Заев и Венко Филипче ги злоупотребувале АНБ и Агенцијата за разузнавање, ги прислушувале претседателот Христијан Мицкоски, новинари и бизнисмени.
Службите за безбедност и разузнавање во периодот од 2019 до 2024 година, наместо за државата, работеле за СДС, а со цел политички прогон и хајка против ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицкоски, замолчување на новинарите и уцена на бизнисмените, рече на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова, како што додаде, е скандал од невидени размери.
„И тоа токму од партијата што на власт дојде со проектот ‘Вистината за Македонија’. 7 години потоа вистината е поинаква, грда, но и болна.
СДС како тогашна власт ја следела опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ. И сега сигурно ќе се правдаат со разноразни белешки, инструирани и фабрикувани случаи за надворешно влијание, измислени и наместени причини. Но, реалноста е болна, а тоа е дека употребувале државен апарат за политичка елиминација.
Според сознанијата што ги имаме, претседателот Мицкоски, неосновано и со една единствена цел, политичка елиминација, бил ставен на оперативна обработка од страна на службите што ги водели кадри на СДС“.
Според Петрушевски, АНБ на Виктор Димовски и Заре Милошески, како и АР на Еролд Муслиу, го следеле Христијан Мицкоски, неговото движење, неговата комуникација и неговото дејствување.
Како што оценува, следењето политички противник, заради негова политичка елиминација со помош на државни ресурси, е крајно тоталитаристички чин и метод, кој не е виден никаде во развиените западни демократии, особено не во последните 100 години.
„Она што Уставот го гарантира, а тоа е слободата на движење, слободата на говор и политичко организирање, му било загорзено на претседателот Христијан Мицкоски од страна на СДС.
Овие сознанија што ги имаме ние, но и во многу подетаљна форма, поткрепена со факти, ги има и ЈО.
Наместо молк, очекуваме одговори, и одговорност. Наместо летаргија, одлучна акција.
Прашања на кои мора да одговорат се:
1. Кој бил одговорен да го следи издавањето на ПИ-мерките од 2019 до 2024 година? Дали е, всушност, сегашниот јавен обвинител Љупчо Коцевски? Ако тоа е така, станува сосема јасно зошто СДС и ДУИ не гласаа за негово разрешување. Дополнително, денес Венко Филипче е опкружен со истите луѓе што прислушувале и злоупотребувале државен систем. Истите тие се дел од понудата на СДС.
2. Кому и зошто му служеле прислушуваните материјали? Во која европска држава се следат лидер на најсилна партија и новинари и медиуми? Дали со добиените информации се тргувало со влијание и се уценувале бизнисмени“, прашува Петрушевски.
Побара ЈО итно и недвосмислено да отвори случај и да бара одговорност од Виктор Димовски, Заре Милошески и од Еролд Муслиу и нивните политички наредбодавци во врвот на СДС.
Петрушевски вели дека тоа што во Македонија било пракса 5 години, а од кое му се гади на секој нормален човек, мора да биде казнето и никогаш да не се повтори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мисајловски: Со освоени 54 општини и градот Скопје, ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие локални избори
Со освоени 54 општини и градот Скопје, ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие локални избори. А владината коалиција, на овие избори, докажа дека е повеќе од стабилна и легитимна, со вкупно освоени 66 општини од вкупно 81, изјави Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Оваа голема победа е и голема одговорност и обврска за работа и испорачување на резултати. Благодариме на секој граѓанин кој го даде гласот за ВМРО-ДПМНЕ и нашата коалиција. Ветуваме дека нема да ве разочараме и обезличиме. Нашиот образ мора да биде чист, а тоа ќе го направиме со работа и со проекти. Историска победа и обединувањето на народот на Кичево поради што падна и Фатмир Дехари и ДУИ е благодарност до секој еден Албанец, Ром, Турчин, Влав, Србин, Бошњак, и сите останати кои го дадоа гласот за Александар Јовановски. Обединувањето во Кичево е пример како ќе се гради Македонија“, рече тој.
Мисајловски рече дека има огромна победа во Брвеница на Јовица и покрај, како што кажа, сите дејствија кои ги презема неговиот противкандидат.
„И во Брвеница, Албанците, Ромите, Турците, Србите, Бошњаците, и сите останати, покажаа дека националните и етничките приказни на одредени структури, паѓаат во вода. Сотир Лукровски е новиот градоначалник на општина Карпош. Огромна и важна победа во Карпош. Исто така, победа издвојувавме и во градот Скопје, каде Орце Ѓорѓиевски е новиот градоначалник на градот Скопје. И тука имаме навистина многу работа. Граѓаните одбраа и промени во Валандово, во Дојран, во Дебарца, во Демир Капија, во Крушево, во Пробиштип, во Росоман, во Чучер Сандево, таму локалната власт ќе биде раководена од нови кадри, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Победивме и во Аеродром, Виница, Конче, Неготино, Лозово, Македонски Брод, Могила, Ранковце, Чешиново-Облешево“, рече Мисајловски.
Според него, опозицијата на овие избори е длабоко поразена. Тој смета дека СДСМ и ДУИ мора да се реформираат.
„Нивните политики граѓаните ги имаат прочитано и повеќе не поминуваат. На Македонија и е потребна конструктивна опозиција, која ќе дава аргументирана критика и поддршка на реформите. Кадровските промени на неколку луѓе во СДС, не е реформата која им е потребна. Проблемот во СДСМ е Филипче, затоа што е продолжена рака на Заев и се додека е така, СДСМ ќе тоне. Ги слушаме и граѓаните кои не излегоа на изборите и оние кои излегоа и ги направија своите гласачки ливчиња неважечки. Ние ќе работиме да го промениме нивното мислење со работа и со проекти“, изјави Мисајловски.
Македонија
Во вториот круг 19.287 неважечки ливчиња, само во Скопје над 10.000
Во вториот круг од локалните избори, што се одржа вчера во 33 општини, се евидентирани вкупно 19.287 неважечки гласачки ливчиња или околу 5,6 отсто од сите употребени ливчиња.
Само во град Скопје се евидентирани 10.528 неважечки ливчиња. За градоначалник на главниот град гласале 167.575 гласачи. Вкупниот број на важечки гласачки ливчиња е 157.047.
Одѕивот во Скопје во вториот круг изнесуваше 35,33 проценти, а на ниво на сите општини во кои имаше втор круг таа беше 47,16 проценти.
Македонија
Временска најава: од попладне дожд, грмежи и северен ветер
Под влијание на влажна воздушна маса денес попладне, во текот на ноќта и утре ќе има повремени локални врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни (над 15л/м2) и ќе има услови за појава на ретки грмежи, информира УХМР.
Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер (над 60 км/ч), а дневната температура утре ќе опадне за неколку степени.
В среда и в четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а нови локални врнежи од дожд повторно се очекуваат в петок и во деновите од викендот.
Во Скопје, кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта, ќе има врнежи од дожд, кои повремено ќе бидат пообилни. Во текот на ноќта и утре ќе дува засилен северен ветер.

