Спорт
Министрите за спорт од Србија и од Црна Гора дел од Првиот регионален спортски самит во Скопје
Под покровителство на Министерството за спорт и министерот Борко Ристовски, а во организација на Why Not Group, на 10 септември 2025 година, во DoubleTree by Hilton Skopje, ќе се одржи Првиот Регионален Спортски Самит – Скопје 2025.
Овој исклучително важен настан ќе ги обедини највисоките носители на спортските политики од регионот, вклучувајќи ги и министрите за спорт од Република Србија и Црна Гора. Своето присуство официјално го потврдија Министерот за спорт на Република Србија, Зоран Гајич, како и Министерот за спорт и млади на Црна Гора, Драгослав Шчекич, кои заедно со Министерот за спорт на Република Северна Македонија ќе бидат дел од клучните дискусии за иднината на спортот во регионот.
Овој значаен собир, прв од ваков вид во нашата земја, претставува чекор напред во градењето на силни регионални врски меѓу институциите, федерациите, спортските организации и бизнис-секторот. Самитот ќе овозможи без преседан дијалог и соработка за унапредување на спортската инфраструктура, поддршка на младите таленти, и позиционирање на спортот како стратегиска алатка за општествен развој.
Настанот ќе се одвива под мотото „Спортот како национален идентитет и визија за иднината“, нудејќи уникатна можност за размена на идеи, инспирација и градење на долгорочни стратегии за спортскиот развој на национално и регионално ниво.
Преку панел-дискусии, работилници и сесии за вмрежување, учесниците – меѓу кои министри, спортски федерации, претставници на спортски клубови, бизнис лидери, академии, медиуми и визионери – ќе имаат можност да иницираат конкретни проекти и партнерства насочени кон унапредување на спортот, промоција на здравиот начин на живот и зголемување на улогата на спортот во креирањето одржливи општества.
Првиот Регионален Спортски Самит – Скопје 2025 претставува стратешки значаен настан што ќе го постави Скопје на мапата на главните регионални центри за спортски дијалог, соработка и развој. Очекуваното присуство на бројни делегации и високи гости ја потврдува важноста на иницијативата и отвора нови перспективи за регионална синергија во областа на спортот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Галагер се враќа во Премиер лигата?
Конор Галагер би можел да се врати во Премиер лигата оваа зима
Како што откри Матео Морето, Астон Вила тргна во офанзива за неговиот потпис, бидејќи Англичанецот, не е во преден план кај тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне.
Галагер нема ништо против враќање во Премиер лигата, Манчестер Јунајтед и Њукасл исто така покажале интерес, но само од Астон Вила покажале конкретен интерес.
Унај Емери не го доби засилувањето што го сакаше во Харви Елиот, кој ќе се врати во Ливерпул, па затоа Шпанецот сака нов играч од средниот ред, со различен профил.
Галагер има искуство во Премиер лигата, играше за Кристал Палас и Челзи, а претходно во кариерата беше дел од Чарлтон, Свонси, Вест Бромвич Албион.
Пред да замине за Шпанија, одигра 136 натпревари во Премиер лигата.
Атлетико Мадрид пред 18 месеци на Челзи му плати 42 милиони евра за Галагер. Се претпоставува дека „јорганџиите“, за него бараат околу 40 милиони евра.
Спорт
Алушовски го презеде Еурофарм Пелистер
Еурофарм Пелистер има нов тренер. На местото на Рубе Гарабаја, екипата до крајот на сеозната ќе ја предводи, поранешниот играч на овој клуб, Стевче Алушовски.
„Нашиот нов почеток во 2026 година е поврзан со добро познато име. Стевче Алушoвски е нов тренер на Еурофарм Пелистер и ќе ја води нашата екипа до крајот на оваа сезона. 53-годишниот тренер по неколку години се враќа во својот матичен клуб, во улога на тренер на шампионот на Македонија. Алушoвски во два наврати водеше клуб од Битола – Пелистер и Еурофарм Работник, а сега го презема тимот на Еурофарм Пелистер.
Нашиот прославен репрезентативец тренерската, како и играчката кариера, ја започна во Битола. Во мак-ракометот ги водеше Вардар 1961 и Охрид, а кратко работеше и во Исланд“. објави клубот на социјалните мрежи.
Новиот тренер првиот собир го закажа за в среда (14 јануари) во 17:00 часот.
Izvor/ facebook.com/hceurofarmpelister
Спорт
Раониќ официјално замина во пензија
Канадскиот тенисер Милош Раониќ (35) одлучи да ја заврши кариерата.
Раониќ, освои осум титули од турнири од пониски категории. Играше во финалето на Вимблдон во 2016 година, а се бореше за титулите на Мастерс турнирите во Синсинати, Индијан Велс, Париз и Торонто.
„Дојде моментот… Се повлекувам од тенисот. Ова е моментот за кој знаете дека еден ден ќе дојде, но некако никогаш не се чувствувате целосно подготвени за него. Тенисот ми беше љубов и опсесија поголемиот дел од мојот живот“, напиша Раониќ.
Негова најдобра година беше 2016 година. Покрај финалето на Вимблдон, каде во полуфиналето беше подобар од Роџер Федерер, тој играше и во полуфиналето на Отвореното првенство на Австралија и на Завршниот Мастерс, финалето на Индијан Велс и ја заврши годината на третото место.
„Мамо, тато, Јелена и Момир, вечно ви сум благодарен што во многу моменти ги ставивте вашите животи настрана за да имам можност да го остварам мојот сон. Ова стана реалност само благодарение на вас. Ништо од ова не би било можно без вашиот постојан напор и емоционалната поддршка што ја вложивте во моите соништа. Колку и да сум среќен што го пронајдов тенисот, тоа бледее во споредба со тоа колку сум среќен што ве имам вас како мои родители, сестра и брат. Се надевам дека ќе ги правам мојата сопруга и син горди секој ден и дека ќе можам да бидам семејство за нив, како што бевте вие за мене“, додаде тој, меѓу другото.
Последен пат играше на Олимписките игри во 2024 година во Париз, каде што загуби од Доминик Кепфер во првото коло.

