Македонија
Претседателката со остри критики: По толку бели линии апсурдно е да се зборува за црвени линии, ние и референдумски резултат не почитувавме
Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова вели дека не го разбира предлогот на СДСМ за изготвување резолуција со црвени линии. Таа додава дека Собранието досега донело повеќе декларации кои не биле почитувани.
Ваквата изјава доаѓа по најавата на опозициската СДСМ дека ќе изготви предлог резолуција за евроинтегративните процеси на земјата за поставување на црвени линии, а ќе се однесува и на отворените прашања со Бугарија како и внесувањето на Бугарите во Уставот.
„Не го разбирам предлогот, да бидам искрена. По толку бели линии да зборувате за црвени линии е апсурдно. Ние имаме декларација и тоа не само една, неколку декларации сме донеле во Собранието и не беа почитувани. Ние дури и референдумски резултат не почитувавме, а камо ли црвени линии. Не разбирам што значи црвена линија во овој поглед, особено не ја разбирам аргументацијата дека доколку сепак соседот посегне по вето ние тогаш ќе ги прекинеме преговорите. Да, ќе ги прекинеме преговорите и тоа му одговара на соседот ама ќе го смениме Уставот по 37. Пат. Апсолутно нема потреба. Нека седнат во Собранието нека се договорат пред да даваат изјави во Брисел да постигнат консензус за тоа како ќе се однесуваме. Ако така се однесуваа по средбата на која сите и се израдувавме во Владата, мислам дека и ЕУ поинаку ќе се однесуваше“, рече претседателката Сиљановска – Давкова.
Таа смета дека ако и лидерите на опозицијата и лидерите на сите партии зборуваат во еден глас, сигурно поинаку ќе се однесуваат кон нас и соседите и останатите политичари.
„Ама да слушате вие вака, вака јас слушнав аргументација – побараа или предложија уставни измени со одложено дејство, не им ги прифатија. Како да се работи за некој не знам каде. Еве јас одговорно тврдам дека првиот човек на Европската Унија, господинот Кошта, за измените со одложено дејство рече дека се извонреден потег. Зарем мисли некој дека ние ќе предложиме уставни измени со одложено дејство ако за тоа нема уставен основ? Па и првите уставни измени беа со одложено дејство. Па и последните, преспанските, беа со одложено дејство. Дејството се определува со уставен закон. И првиот уставен закон што го донесовме ’91 за спроведување на уставот беше дека Уставот стапува во сила во моментот на донесувањето освен ако со уставен закон не е поинаку определено. Значи то ами е мене чудно. Уште почудно ми е второто тврдење – побараа да се почитуваат одлуките, пресудите на судот во Стразбур, но и тоа не им го прифатија“, рече претседателката.
Таа упати прашање до Советот на Европа, чуму ни е судот во Стразбур ако неговите пресуди не важат за сите држави.
„Јас мислев дека пресудите на судот се конечни, извршни и важат за сите држави. Какви се тое пресуди кои не важат? Каков е тој суд чии пресуди не важат? Значи крајно време е да седнат сите да се договорат како ќе настапуваат надвор. Зборуваме за нас, зборуваме за најинтерниот акт, зборуваме за највисокиот акт, Уставот. Не знам како да објаснам, студенти ќе разбереа. Многу убаво во Уставот пишува дека предлагач овластен на уставни измени се 150 илјади граѓани, Владата и претседателот на државата. Не читам јас Европската Унија, не читам соседите. Така е со сите устави“, вели Сиљановска – Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“
Секторот за внатрешни работи информира дека во моментов, повторно е воспоставен нормален сообраќај на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“.
Сообраќајот, сега е нормализиран и се одвива во двете насоки а беше затворен и во целосен прекин, од 30.12.2025 година, поради превртена цистерна на патот.
Од тогаш, сите надлежни служби излегоа на местото на настанот и активно отпочнаа со мерки за утврдување на причините за незгодата и дислокација на превртената цистерна од коловозот.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди и студено, на планините снег
Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во западните делови ќе има слаб локален дожд, а на планините снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -14 до -6, а максималната ќе биде од интервал од -4 до 6 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и студено со умерен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -11, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Под влијание на циклонска активност од сабота ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на планините и некои од повисоките населени места од снег. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова традиционално на првиот ден од Новата година во посета на припадниците на Армијата
Во духот на обновената традиција, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова првиот ден од Новата 2026 година го помина со припадниците на Армијата во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, придружувана од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Сашко Лафчиски.
Обраќајќи им се на новопримените професионални војници, таа истакна дека дисциплината, усогласеноста и начинот на спроведување на обуката јасно ја отсликуваат нивната посветеност и интерес за воената професија.
Сиљановска-Давкова, во рамките на посетата, на Командата за обука и доктрини ѝ врачи едиција на книги од различни области, коишто ќе овозможат дополнителна едукација на војниците и старешините.
„Среќна сум што Новата година ја започнувам со вас! Ви посакувам добро здравје, посветеност и истрајност, зашто само со труд, надграден со љубов кон професијата, се создаваат перфектни војници“, порача претседателката.
Според неа, индивидуалната одговорност, професионалното ракување со опремата и јасната визија на македонската армија за мисијата се нераскинлив дел од воената служба.
Таа го поздрави постигнатото ниво на подготвеност коешто македонските војници, питомци и офицери ги прави компатибилни, препознатливи и рамноправни со своите колеги во сите сојузнички армии и меѓународни мисии.
Во текот на посетата, претседателката беше брифирана за мисијата и капацитетите на Командата за обука и доктрини. Таа присуствуваше на презентација во Центарот за симулации, каде што беше прикажана ефикасноста во изработката на правила, упатства и научени лекции, како и на презентација на Центарот за обука и дресура на службени кучиња.
Преку непосредниот увид во работата и активностите на терен, уште еднаш беа потврдени вредностите и способностите поради коишто оваа единица беше одликувана минатата година, високото ниво на кохезија, професионалност и целосна усогласеност со НАТО-стандардите.

