Култура
Александра Јуруковска е добитничка на поетската награда „Даница Ручигај“ на ДПМ
Наградата „Даница Ручигај“ го слави споменот на една од првите модерни македонски поетеси, која трагично загина во Скопскиот земјотрес во 1963 година. Наградата се состои од плакета и објава на наградениот ракопис.
Добитник на наградата „Даница Ручигај“ за најдобра необјавена поетска книга е збирката песни со наслов Ткажалки, чиј автор е Александра Јуруковска, реномирана книжевна критичарка и новинарка од областа на културата.
На конкурсот, кој за членовите на ДПМ беше отворен од 18 јули до 18 август, пристигнаа вкупно 10 ракописи од седум поетеси и тројца поети. За изборот на победничкиот ракопис одлучуваше тричлена жири-комисија во состав: Лулзим Хазири (претседател), Весна Ацевска и Сузана Мицева (членки). Во образложението за наградениот ракопис, меѓу другото, се вели:
-Поетскиот јазик на Јуруковска во триесетината песни на Ткажалки е сплетен претежно од зборови карактеристични за нашата современост, но и со зборови што произлегуваат од нашата јазична традиција, обојувајќи ги стиховите со своевидна патина. На тој начин авторката внесува лична нота во современата македонска поезија. Oд народното говорно јадро извлекува и постари, но и дијалектни зборови умешно вклопувајќи ги во песните, на тој начин оживувајќи ја и збогатувајќи ја лексиката. Ткажалки е книга што нуди катарза, но и потсетување: дека зборот е единствената трага што може да ја победи минливоста. Со овој ракопис, Александра Јуруковска се потврдува како поет со силен израз, јасен став и бескомпромисна искреност. Ткажалки не е само збирка поезија – тоа е поетски споменик на личното и колективното страдање, но и сведоштво за силата на јазикот да ги сочува тагата, љубовта и достоинството, стои во образложението на жири-комисијата за поетска награда „Даница Ручигај“ за 2025 година.
Александра Јуруковска е книжевен кртичар, новинар и промотор на култрата. Автор е на книгите: Ткаење на текстот (новинска критика; Силсонс, 2014), Медиумскиот егзил на книжевноста (интермедијалната студија; Авант прес, 2018) и 2 минути и 40 реда (радио и новинска критика; ПНВ публикации, 2020). Автор е и на бројни есеи и студии и од сферата на книжевната критика, есеистика и теорија. Објавува во најзначајните домашни и регионални списанија за литература, култура и културолошки истражувања, како и на неколку специјализирани портали. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2019 година. Ткажалки е нејзин прв поетски ракопис.
Наградата „Даница Ручигај“ го слави споменот на една од првите модерни македонски поетеси, која трагично загина во Скопскиот земјотрес во 1963 година. ДПМ го востанови ова признание во 2015 година и досега се доделуваше на објавена поетска збирка напишана од авторка. Пред две години наградата беше отворена за сите поетски книги од членовите на ДПМ, а од оваа година, во согласност со одлуката на Управниот одбор, се доделува за најдобар необјавен поетски ракопис. Возобновувањето на концептот на наградата доаѓа на десетгодишнината од нејзиното востановување. Наградата се состои од плакета и објава на наградениот ракпис, а врачувањето е закажано за 24 септември во просториите на Друштвото на писателите на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.

