Спорт
КОНМЕБОЛ жестоко ги казни Индепендиенте и Унивесидад де Чиле
Аргентинскиот клуб Индепендиенте е дисквалификуван од Купот Судамерикана, по насилните инциденѕи меѓу навивачите за време на натпреварот против Универсидад де Чиле пред две недели во близина на Буенос Аирес, објави во четврток Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ).
19 лица беа повредени во тепчките меѓу навивачите на Индепендиенте и Универсидад де Чиле, во кои беа употребени палки и пиротехника.
Аргентинскиот клуб, исто така, ќе мора да ги игра следните 14 натпревари на турнирите на КОНМЕБОЛ без свои навивачи и да плати казна од 250.000 долари, одлучи Јужноамериканската фудбалска конфедерација.
Управното тело, исто така, му изрече казна на чилеанскиот клуб, кој мора да плати 270.000 долари, а двата тима ќе играат седум домашни натпревари пред празни трибини и седум гостувања без свои навивачи.
Универсидад де Чиле се пласира во четвртфиналето, каде што ќе се соочи со Алијанц Лима од Перу.
Одлуката дојде откако официјалните лица го прекинаа натпреварот на 20 август на „Естадио Либертадорес де Америка“ во Буенос Аирес поради недостаток на обезбедување по инцидентите што резултираа со сериозни повреди и повеќекратни апсења.
За време на натпреварот, чилеанските навивачи фрлаа предмети кон локалните навивачи, кои одговорија со влегување во гостинскиот сектор за да ги претепаат.
Во моментот на паузата, тимовите беа изедначени 1:1, што му одеше во корист на чилеанскиот тим, кој го доби првиот натпревар со 1:0.
Фото/ Принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Роџерс си замина од Селтик
Брендан Роџерс, поднесе оставка од функцијата менаџер на Селтик. Роџерс си замина од функцијата откако се скара со мнозинскиот сопственик на клубот, Дермот Дезмонд, кој го обвини дека се однесува „себично“. Неговото место привремено ќе го заземе поранешниот менаџер Мартин О’Нил.
Веќе некое време се шпекулираше за неговата иднина поради лошиот почеток на сезоната, а по поразот од Хартс минатиот викенд, по кој Селтик има осум поени помалку од Хартс, Роџерс одлучи да ја преземе одговорноста и да си замине.
Клубот ја прифати оставката и ги назначи Мартин О’Нил и Шон Малони да го водат тимот како привремени менаџери.
Се претпоставува дека двајцата ќе бидат на клупата за претстојниот натпревар од „Олд Фирм“ на 2 ноември.
Роџерс освои 11 трофеи во два мандата на клупата на Селтик, за четири години.
Спорт
Кеш доби нов договор
Еден ден откако го водеше својот тим до победа против Манчестер Сити, Мети Кеш потпиша нов договор со Астон Вила.
Како што потврди клубот, Кеш го продолжи договорот до јули 2029 година. Актуелниот договор му истекуваше во јули 2027 година, а клубот се обиде да избегне каква било можност Кеш да влезе во последната година од договорот со некои неизвесности.
Мети Кеш пристигна во Астон Вила од Нотингем Форест во септември 2020 година. Тој сега се приближува до својот 200-ти натпревар за Вила. Досега одигра 193 натпревари.
Голот што го постигна против Манчестер Сити е негов втор оваа сезона и 12 за клубот.
Спорт
Скандал го тресе турскиот фудбал
Турската фудбалска федерација (ТФФ) покрена дисциплинска постапка, откако резултатите од петгодишна истрага покажаа дека 371 од 571 судии во таа земја имаат налози за обложување, а 152 од нив активно се обложуваат.
Овие статистики ги вклучуваат и оние кои се обложувале само еднаш, иако е откриено дека 42 од нив имале уплати на повеќе од илјада натпревари, а „рекордерот“ меѓу нив се обложувал на дури 18.227 типови.
Претседателот на ТФФ, Ибрахим Хаџиосманоглу, не ги именуваше, но објави дека ќе биде покрената постапка против седум главни и 15 помошни судии од првите два ранга, како и 36 класифицирани судии и 94 помошници од пониските натпреварувачки нивоа.
Според правилата на ТФФ, тие се соочуваат со суспензија од една година, но член 27 од Етичкиот кодекс на ФИФА наметнува многу построга казна, 100.000 швајцарски франци и тригодишна забрана од какви било фудбалски активности.
По повод овој скандал, афирмативни пораки испратија бројни турски клубови, меѓу кои и Фенербахче, Бешикташ и Трабзон.

