Свет
Абделати: Египет нема да толерира раселување на Палестинците и геноцид
Египет нема да толерира масовно раселување на Палестинците и геноцид, изјави египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати.
„Раселувањето не е опција и е црвена линија за Египет и ние нема да дозволиме тоа да се случи“, изјави Абделати за новинарите во Никозија.
„Раселувањето значи ликвидација и крај на палестинската кауза и нема правна, морална или етичка основа за иселување на луѓето од нивната татковина“, додаде тој, според Ројтерс.
Повторувајќи го тврдењето на египетското раководство дека во Газа се врши геноцид, тој рече дека ситуацијата таму е незамислива.
„Таму се случува геноцид, масовно убивање на цивили, вештачко гладување создадено од Израелците“, рече Абделати.
Израелските власти не одговорија на барањето за коментар. Сепак, Израел претходно секогаш ги негираше ваквите обвинувања и тврдења дека сите негови дејствија се оправдани и дека тоа е самоодбрана.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела ѝ се заблагодари на Русија за поддршката на Мадуро
Министерот за надворешни работи на Венецуела, Иван Хил Пинто, изрази благодарност до Русија за поддршката за лидерот на таа земја, Николас Мадуро, и за осудата на мешањето на САД во внатрешните прашања на Каракас.
„Венецуела и Русија се братски земји и стратешки сојузници. Владата на Боливарската Република изразува длабока благодарност за изјавата на Русија со која ги поддржува барањата на суверената нација и ослободувањето на претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес“, напиша тој на својот канал на Телеграм, пренесува „ТАСС“.
Нагласи дека Венецуела, исто така, го цени повикот на Русија да се почитува правото на самоопределување на венецуелскиот народ и нејзината осуда на странското мешање на Соединетите Американски Држави.
Постојаниот претставник на Русија при Обединетите нации, Василиј Небензја, на 5 јануари изјави дека Русија изразува силна солидарност со Венецуела и го поддржува курсот на владата во соочувањето со надворешната агресија.
Шефот на руската дипломатска мисија изрази надеж дека „меѓународната банда“ на Вашингтон ќе добие „објективна и сеопфатна оценка во меѓународно-правна смисла, со користење на универзалните механизми на ОН и други мултилатерални формати“.
Небензја, исто така, го повика американското раководство веднаш да го ослободи легитимно избраниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, и неговата сопруга.
Соединетите Американски Држави на 3 јануари нападнаa цели во Венецуела, заробувајќи го претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес.
Свет
Мерц му порача на Зеленски: Младите Украинци да ѝ служат на својата земја, а не да бегаат во Европа
Од Украина, меѓу другото, се очекува да создаде услови младите мажи да ѝ служат на безбедна и економски здрава Украина, наместо да заминуваат во европските земји, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц обраќајќи му се на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Економскиот капацитет ќе биде неопходна гаранција дека Украина ќе може уверливо да ја одврати Русија во иднина. Драг Володимире, сакам ова отворено да го кажам: тоа подразбира и одредени очекувања за Украина. Тоа вклучува – и вие го знаете тоа, веќе разговаравме за ова во Брисел – дека Украина мора да биде организирана на таков начин што нејзините млади мажи ќе ѝ служат на безбедна и економски здрава Украина, а не да заминуваат во Германија, Полска или Франција, како што е случај сега“, нагласи Мерц во Париз по состанокот на Коалицијата на подготвените, пренесува „Укринформ“.
Според неговите зборови, тоа е очекување кое Украина „може и мора да го исполни“.
Украинската влада на седница одржана на 26 август ја ажурираше процедурата за преминување на државната граница. Мажите на возраст од 18 до 22 години сега можат непречено да ја преминуваат границата за време на воената состојба. Соодветните измени стапија на сила на 28 август, еден ден по официјалното објавување на резолуцијата.
Во Германија живеат околу 1,2 милиони Украинци. Нивниот број во последните години се зголемува, главно поради младите мажи помлади од 22 години, наведува украинската агенција.
Фото: Depositphotos
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

