Свет
Руските сили извршија нов масовен напад врз повеќе региони во Украина, меѓу загинатите е и бебе

Руските сили ноќеска извршија нов масовен напад врз повеќе региони во Украина, меѓу кои и главниот град Киев, каде е погодена главната зграда на украинската влада. Во нападот, како што соопштија утрово украинските власти, убиени се три лица, меѓу кои и едно бебе.
Според извештатите, Киев бил цел на напади со беспилотни летала и ракети истрелани од Русија, а покрај убиените, во нападот се повредени и 18 лица, а десетици згради биле опожарени.
Ова е првпат зграда на украинската влада да биде оштетена во руски напад од почетокот на војната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Јужна Кореја: Во тек е ослободување на 300 работници уапсени во САД

Јужна Кореја работи на репатријација на корејските работници уапсени во фабриката на „Хјундаи мотор“ во американската држава Џорџија минатата недела, соопшти вчера јужнокорејската претседателска канцеларија, додека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп објави нови имиграциски рации врз компаниите.
„Преговорите за ослободување на околу 300 притворени јужнокорејски државјани се завршени и процесот на нивно ослободување е во тек“, соопшти доцна вчера јужнокорејската претседателска канцеларија. „Работниците ќе бидат вратени со чартер лет штом двете земји ги завршат сите потребни административни и правни чекори“, се вели во соопштението на канцеларијата, без да се прецизира за какви чекори станува збор.
Новинската агенција Јонхап го цитираше генералниот конзул на Јужна Кореја во Вашингтон, Чо Ки-џунг, кој изјави дека работниците веројатно ќе се качат на авионот во среда.
Претставниците на Министерството за внатрешна безбедност на САД не одговорија веднаш на барањето за коментар, а шефот на граничната патрола Том Хоман вети дека ќе го зголеми бројот на рации за имиграција на работните места.
Апсењето на околу 475 работници во фабрика во близина на Савана, дел од ескалирачката акција на Трамп против имигрантите, е најголемата операција за спроведување на законот на една локација во историјата на Министерството за внатрешна безбедност на САД.
фото: принтскрин
Свет
Трамп: Наскоро ќе разговарам со Путин, европските лидери доаѓаат во Америка

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека неколку европски лидери ќе ги посетат Соединетите Американски Држави денес и утре за да разговараат за начините за решавање на војната меѓу Русија и Украина.
Во разговор со новинарите по враќањето од тенискиот турнир на Отвореното првенство на САД во Њујорк, Трамп исто така рече дека наскоро ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин. „Одредени европски лидери доаѓаат во нашата земја поединечно“, додаде Трамп.
Не беше јасно на кого мислеше Трамп, а Белата куќа не одговори веднаш на барањето за дополнителни детали.
Трамп рече дека „не е задоволен“ од ситуацијата откако новинарите го прашаа за масивниот руски воздушен напад што ја погоди владината зграда во Киев.
Сепак, тој го повтори своето верување дека војната наскоро ќе заврши. „Ситуацијата меѓу Русија и Украина, ќе ја завршиме“, рече Трамп.
фото: принтскрин
Европа
Орбан: Европската Унија се распаѓа пред нашите очи, ако не дејствуваме, следниот буџет ќе биде последниот буџет на ЕУ

Унгарскиот премиер Виктор Орбан вчера изјави дека Унгарците ќе мора да изберат помеѓу две страни на парламентарните избори следната година.
„Унгарија има само два избора во стратешка смисла. Едниот избор е да се придружи на политиките на Брисел. Тоа, според мене, би било катастрофално, со последици што би нè фрлиле во хаос и сиромаштија“, им рече Орбан на поддржувачите на неговата партија Фидес.
Политичките аналитичари предвидуваат дека Орбан се соочува со своите најтешки избори откако дојде на власт во 2010 година. Економијата на Унгарија стагнира, а инфлацијата го спречува да ги намали каматните стапки, кои се на 6,5 проценти, највисоки во Европската Унија.
Орбан во неколку наврати се судри со Европската Унија околу правата на мигрантите, правата на ЛГБТ заедницата, слободата на судовите и академиците и поддршката за соседна Украина по руската инвазија во февруари 2022 година. Вчера, тој изрази сомнежи за иднината на Европската Унија.
„Европската Унија се распаѓа пред нашите очи. Само фундаментална реорганизација може да ги запре силите што ја распаѓаат Унијата. Ако не дејствуваме, следниот буџет ќе биде последниот буџет на Европската Унија“, предупреди тој.
„Се соочуваме со задачата да го изготвиме буџетот на Европската Унија за периодот 2028-2035 година. Дури и ако овој буџет се усвои, што е многу малку веројатно. Дури и ако се усвои, тоа ќе биде последниот седумгодишен буџет“, забележа тој.
„За да се избегне колапс, Европската Унија мора темелно да се реорганизира. Бидејќи денес силите што ја делат растат, додека силите што ја држат заедно исчезнуваат. Реорганизацијата би можела да го промени овој тренд, правејќи во интерес на повеќето земји-членки да останат во Европската Унија“, додаде тој.
фото: принтскрин