Спорт
Германија среде Евробаскетот остана без селектор
Многу тимови на тековниот Евробаскет имаат проблеми со повредени и болни играчи, а германската репрезентација има проблеми со селекторот.
Алекс Мумбру беше хоспитализиран поради инфекција непосредно пред почетокот на турнирот и се мачеше многу за време на групната фаза во Тампере.
„Панцерите“ го презеде неговиот помошник Алан Ибрахимагиќ, кој ќе биде на чело на еден од главните фаворити за златото во продолжението на Европското првенство.
Мумбру едноставно не можеше целосно да се посвети на кошарката, а Германската кошаркарска асоцијација го објави ова на своите официјални мрежи.
„Во текот на изминатите неколку дена сфатив дека не сум физички подготвен да го водам тимот од клупата за време на натпреварите. Решив да ги прилагодам улогите во тренерскиот штаб и Алан да ја преземе одговорноста на главен тренер за време на натпреварите. Јас сè уште ќе бидам на клупата, ќе го поддржувам тимот и ќе продолжиме тесно да соработуваме. Верувам дека ова е најдобриот начин да му помогнам на тимот да постигне успех“, рече Мумбру.
Германија ќе игра против Словенија во четвртфиналето на Евробаскетот во среда од 20 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Меси не е сигурен дека ќе игра на Мундијалот
Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси изрази желба да игра на Светското првенство следната година, но само под еден услов.
Поранешниот играч на Барселона и Пари Сен Жермен продолжува да се истакнува во МЛС лигата, каде што постигна вкупно 31 гол и асистираше за уште 20 за Интер Мајами оваа сезона.
Јасно е дека 38-годишникот нема намера да запре, иако преселбата во САД и неговите години сугерираат дека крајот е близу.
Затоа, дури и Меси не се двоуми во своите изјави и ветувања дека дефинитивно ќе го видиме на Светското првенство следната година. Како услов, тој ја нагласи сопствената подготвеност да им помогне на „гаучосите“ во одбраната на титулата.
„Посебно искуство е настап на СП. Би сакал да играм следната година ако сум подготвен и ако ќе можам да играм улога што би ѝ помогнала на репрезентацијата. Кога ќе започне предсезоната со Интер од Мајами следната година, тогаш ќе можам да проценам дали можам да бидам стопроцентно подготвен на Светското првенство и дали ќе и бидам од корист за репрезентацијата“, рече Меси во интервју за „Ен-Би-Си Њуз“.
Лесно е да се заклучи од неговите зборови дека желбата дефинитивно постои.
„Многу би сакал да играм на Светското првенство и да можам да ја одбранам титулата што ја освоивме во Катар во 2022 година. Играњето за репрезентацијата е сон што стана реалност. Имав среќа да постигнам сè индивидуално и тимски со Барселона, но вистината е дека пропуштив голем резултат со репрезентацијата во мојата кариера. Освојувањето на светската титула со Аргентина беше мојот животен сон. На крајот на краиштата, ако прашате кој било фудбалер каков му е сонот, тој ќе ви каже, титулата светски шампион“, заклучи Меси.
Спорт
Премиер лигата ќе ја укине својата најстара традиција
Современите текови во фудбалот, полека исчезнуваат традиционалните настани што ја обележуваа оваа популарна игра низ историјата.
Дури и Премиер лигата, иако Англичаните се познати по тоа што се многу приврзани кон своите традиции, се откажува од својата најстара традиција.
Класичниот „Боксинг Деј“ полека заминува во историјата. Поради проширувањето на европскиот календар, само еден натпревар ќе се игра на 26 декември.
Легендарниот „Боксинг Деј“, денот по Божиќ кога традиционално се играат бројни фудбалски натпревари во Премиер лигата, заминува во историјата.
Британската традиција што со децении се поврзува со 26 декември, ден за фудбал, празнични собири и шопинг, претрпува радикална промена оваа сезона.
Според весникот „Тајмс“, оваа година само еден натпревар од Премиер лигата ќе се игра на тој ден, што е најмал број натпревари од 1982 година.
Причината за оваа одлука лежи во проширувањето на календарот на европските натпреварувања под покровителство на УЕФА, што директно влијае на распоредот на ФА Купот.
Како резултат на тоа, Премиер лигата беше принудена да ги резервира саботата, 27 декември, и неделата, 28 декември, со цел да ги исполни телевизиските и договорните обврски кон партнерите и клубовите.
Последниот пат кога 26 декември падна во петок, во 2014 година, сите десет натпревари беа одиграни во ист ден.
Денес, клубовите и радиодифузерите го дознаваат распоредот најмалку шест недели однапред, но засега се потврдени само натпреварите до 20 декември.
Сепак, дискусиите сè уште се во тек, па затоа сè уште не е одлучено кои тимови ќе го играат единствениот натпревар на „Боксинг деј“, што барем симболично ќе ја зачува една од најомилените традиции на англискиот и светскиот фудбал воопшто.
Спорт
ПСЖ оствариле рекордни приходи
Пари Сен Жермен оствари рекордни приходи минатата година, беше објавено денес.
Актуелниот шампион на Франција и Европа објави дека минатата година остварил приход од 837 милиони евра.
Во извештајот е наведено дека 175 милиони евра од тоа биле приходи остварени на деновите на натпреварите, а 367 милиони биле комерцијални приходи.
Минатата година клубот доби шест нови спонзори. Приходите не се однесуваат само на фудбалскиот клуб, туку ги вклучуваат и приходите што ги носат женскиот фудбалски клуб, ракометниот клуб и џудо клубот.
Јасно е дека најголем дел од приходите ги генерира фудбалскиот клуб.
Во мај оваа година, магазинот „Форбс“ ја процени вредноста на Пари Сен Жермен на 4,6 милијарди долари, што го прави ПСЖ седми на листата на највредни фудбалски клубови во светот.
Реал Мадрид беше прв на таа листа (6,75 милијарди), по што следуваа Манчестер Јунајтед (6,6 милијарди) и Барселона (5,65 милијарди).

