Спорт
Скалони: Каква и да биде одлуката на Меси, ние ќе ја почитуваме
Аргентинците немаа време ниту да ги избришат солзите од збогувањето на Меси на домашна почва кога станува збор за репрезентацијата, а ги дочека нов шок.
Лионел Меси, најголемиот фудбалски син на нацијата, по натпреварот со Венецуела пред некој ден изјави дека не знае дали ќе игра на Светското првенство и дека целата логика налага дека нема да биде таму.
Аргентинците се обидоа да добијат неколку утешни зборови од селекторот Лионел Скалони, за да им каже дека Меси само се шегувал, но всушност, нивните стравови само се продлабочија, бидејќи дури ни стратегот на Албиселесте не знае што ќе се случи до јуни следната година.
„Кои се шансите Меси да игра на Светското првенство? Мислам дека навистина не би било исправно сега да зборуваме за проценти, бидејќи искрено кажано, ни јас не знам. Многу работи можат да се случат додека не дојде време за одлука. Јас дури и не разговарав со Лео за тоа, само слушнав што изјави. Тој има време да одлучи и што и да е ќе ја почитуваме неговата одлука“, рече Скалони.
Селекторот на Аргентина се чини дека не е загрижен дури и доколку Меси реши да не игра на Светското првенство.
„Веќе го формиравме јадрото на тимот, сите го знаат тоа. Прво, да видиме што ќе ни кажат, колку играчи ќе можат да одат на Светското првенство, а потоа ќе одлучиме за составот.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Голман на Интер усмртил човек
Шпанскиот голман на Интер, Хозеп Мартинез, беше вклучен во тешка сообраќајна несреќа во градот Фенегро, недалеку од Комо, во која животот го загуби 81-годишен маж во инвалидска количка, објавија италијанските медиуми.
Трагедијата се случила во утринските часови, околу 9:30 часот, во близина на тренинг центарот на Интер.
Според првите извештаи, постариот маж, од сè уште непознати причини, преминал на спротивната лента од патот, во моментот кога поминувал автомобилот управуван од Мартинез.
Итните служби брзо пристигнале на местото на несреќата, но и покрај напорите на лекарите, човекот не преживеал.
Италијанските портали наведуваат дека е можно на жртвата претходно да и се слошило, што довело до кобната несреќа.
Мартинез, кој летово пристигна во Интер од Џенова како резерва на швајцарскиот голман Јан Зомер, не го коментираше инцидентот, а истото важи и за клубот од Милано.
Спорт
Јокиќ првпат го коментира дебаклот на Србија на Европското првенство
Никола Јокиќ беше расположен по победата на Денвер над Минесота (127:114) и уште еден трипл-дабл настап (25 поени, 19 скокови, 10 асистенции).
Во Минеаполис, Србинот одговори и на неколку прашања на новинар на Српската радио-телевизија.
Јокиќ за прв пат го коментираше дебаклот на Србија на Европското првенство, каде што беше елиминирана во осминафиналето од Финска. Познато е дека Јокиќ воопшто не зборува за медиумите во Србија од непознати причини.
Дали ги сумираше впечатоците од Европското првенство? – праша новинарот на РТС
„Било поминало“, кратко рече Јокиќ.
Многумина го гледаат овој тим на Денвер како фаворит за освојување на НБА?
„И Србија беше фаворит на Европското првенство, светско, што и да беше…“
Во првите три натпревари, Нагетс остварија две победи и еден пораз?
„Атмосферата во тимот е подобра, се обидуваме да направиме некои нови работи. Се надевам дека ќе ја продолжиме нашата победничка серија. Дури и кога загубивме од Голден Стејт, мислам дека игравме добро“, рече Јокиќ.
Foto/ FIBA
Спорт
Ракитиќ мораше да избира помеѓу Иниеста, Чави и Модриќ
Техничкиот директор на Хајдук, Иван Ракитиќ (37), беше гостин на настан во Шпанија, земјата каде што мина најголем дел од успешната кариера. Во таа прилика, тој имаше краток разговор со новинар на „ДАЗН“, кој го замоли брзо да го избере најдобриот играч од средниот ред меѓу двајцата играчи.
Беа понудени пензионирани и активни играчи, претежно поранешни и сегашни членови на Реал Мадрид и Барселона.
За време на разговорот, Ракитиќ покажа поголема преференција кон своите поранешни соиграчи од Барселона, но кога дојде редот на Лука Модриќ, тој го избра него пред легендите на Барселона, Андрес Иниеста и Чави.
Соочен со тежок избор, Ракитиќ рече „како да избираш мама или тато“, но на крајот сепак го избра Модриќ.
Ракитиќ има 436 настапи во Ла Лига за Севилја и Барселона во својата кариера. Со каталонскиот клуб, играјќи заедно со Чави и Иниеста, ги освои сите трофеи на клупско ниво, додека со Лука Модриќ во хрватската репрезентација, освои сребро на Светското првенство во Русија во 2018 година.

