Свет
Кулеба потврди дека избегал во Полска по забраната од Зеленски
Поранешниот украински министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денес изјави дека никогаш не помислил оти ќе мора да ја напушти својата земја преку ноќ како крадец и дека сега е во Краков, Полска.
Тој ја напушти Украина само неколку часа пред да стапи во сила декретот со кој им се забранува на поранешните дипломати и функционери да ја напуштат Украина, а Кулеба во телефонски разговор со италијанскиот весник „Кориере дела сера“ изјави дека навреме дознал за декретот и дека успеал да ја напушти земјата неколку часа пред да стапи во сила.
Како што рече, декретот не бил донесен поради фактот што од почетокот на војната вонредната состојба им забранувала на мажите на воена возраст под 60 години да ја напуштат земјата, но од други причини.
„Во Украина поранешните дипломати не се обврзани да служат во војска. Точно е дека (претседателот на Украина Володимир) Зеленски и неговата придружба не сакаат да одиме во странство и да кажуваме работи за кои веруваат дека би можеле да бидат спротивни на ставовите на владата. Пресметав дека речиси дваесетмина од нас се опфатени со оваа мерка. Не мислам дека страдам од манија за прогон, но сигурно знам дека целта на декретот е да ме блокира мене и уште неколку други луѓе“, рече Кулеба, кој беше шеф на украинската дипломатија кога Зеленски нагло го замени.
Тој додава дека за него забраната за напуштање на Украина е голема загуба бидејќи заработува пари од предавања во странство – во Париз и во САД, каде што често патува на конференции.
„Мојата плата зависи од странски извори. И во секој случај, генерално, имам тенденција да ја бранам нашата влада. Но, во одредени кругови во коридорите на моќта сè уште преовладува стариот советски менталитет, според кој ако одите во странство како слободен граѓанин, автоматски станувате агент што кова заговор против државата“, рече тој.
Тој исто така рече дека завршил на црната листа затоа што јавно ја осудил намерата на Зеленски да цензурира две владини комисии задолжени за истражување на корупцијата.
„И ова е сериозен проблем. Граѓанското општество намерно одлучи да ги ограничи критиките со цел да поттикне единство во име на воените напори. Но, Зеленски сега нема право да го злоупотребува ова за да го замолчи кој било глас освен својот“, рече Кулеба.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Портокалово ниво на метеоролошка тревога поради силна бура во Франција
Француските департмани Горна Корзика, Источни Пиринеи и Од се преместени на портокалово ниво на метеоролошка тревога поради силната бура што се очекува до сабота, 27 декември, објави денес „Метео Франс“.
Горна Корзика и Источните Пиринеи се ставени под предупредување поради обилни врнежи од дожд и ризик од поплави, додека во департманот Од, како и во Источните Пиринеи, се очекува зголемување на нивото на водата во реките, јавува телевизијата BFM.
„Метео Франс“ наведува дека предупредувањето за поплава е издадено како превентивна мерка, со проценка дека поради обилни дождови, водотеците би можеле да се излеат, особено на југот на Франција, во областа Русијон.
Кога станува збор за количината на врнежи, до сабота напладне се очекува помеѓу 150 и 200 литри дожд на квадратен метар, што одговара на количината на врнежи за два до три месеци, објаснува телевизијата BFM.
На Горна Корзика прогнозата е помеѓу 80 и 120, локално до 150 литри на квадратен метар, пренесува Танјуг.
Фото: депозитфотос
Свет
Израелскиот министер: Никогаш целосно нема да ги повлечеме трупите од Појасот Газа
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, изјави дека Израел никогаш целосно нема да ги повлече своите трупи од Појасот Газа. Според него, во Газа ќе остане значајна безбедносна зона, дури и доколку се премине во следна фаза од мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп и доколку Хамас биде разоружан.
Кац најави дека безбедносната зона би се протегала внатре во Газа, а на северот на Појасот би можеле да се формираат и израелски доселенички јадра за нејзина заштита. Тој, како член на десничарската партија Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху, со ова повторно се спротивстави на делови од американскиот мировен план што предвидуваат целосно повлекување на израелските сили од Газа.
По претходните критики дека ги ублажил ставовите, Кац денеска порача дека не се повлекува од изјавите, додавајќи: „Возам наназад само во автомобил.“
Свет
Зеленски: Се појавија нови идеи за крај на војната по разговорите со луѓето на Трамп
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека разговарал со луѓе од тимот на американскиот претседател Доналд Трамп – специјалниот изасланик Стив Виткоф и Џаред Кушнер – за можни начини за завршување на војната со Русија. Според Зеленски, се појавиле „нови идеи“ поврзани со форматот на преговорите, средбите и временската рамка.
Трамп се залага за мировен договор, а неговите преговарачи работат на план што постепено напредува. Зеленски претходно претстави нацрт-мировен план од 20 точки, кој е скратена верзија на постар предлог од 28 точки. Клучните територијални прашања сè уште не се решени и, според Зеленски, за најчувствителните теми ќе биде потребна директна средба со Трамп.
Од руската страна, Кремљ соопшти дека ги анализира документите поврзани со можниот крај на војната, додека Москва изрази незадоволство од украинскиот план, особено околу Донбас, НАТО и големината на украинската армија. Зеленски најави и нови разговори меѓу украинските и американските преговарачи, нагласувајќи дека работат постојано за да се приближи крајот на војната.

