Македонија
23 нови мотоцикли и опрема за сообраќајната полиција, Тошковски најави зајакнување на капацитетите за безбедност во сообраќајот
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Горан Ангеловски денес присуствуваа на предавање на опрема од РСБСП на МВР. Опремата се состои од 23 мотоцикли „Piggio“ со 310 cm3 моќност, во полициска изведба и 23 комплети возачка опрема која се состои од одела, кациги, ракавици и чизми.
„Со денешниот настан ја истакнуваме нашата досегашна успешна соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – партнерство кое континуирано придонесува за подигање на нивото на сообраќајна безбедност. Ваквиот пристап е доказ дека заедништвото и координацијата меѓу институциите носат конкретни резултати за граѓаните, во овој случај за подобрување на безбедноста на патиштата.“, потенцираше министерот Тошковски.
„Во рамките на редовните активности за модернизација, со цел зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, Републичкиот совет и оваа година наменува дел од средствата за опремување на организациските единици на МВР задолжени за сообраќајна контрола. Опремата се состои од 23 мотоцикли во полициска изведба со комплетна мотоциклистичка опрема (одела, чизми, ракавици и кацига) во вкупна вредност од 11.950.027 денари со што значително се зајакнуваат капацитетите за регулирање и безбедност во сообраќајот. Овој пример уште еднаш ја докажува вредноста на меѓуинституционалната соработка.“, истакна претседателот на РСБСП Ангеловски.
Министерот Тошковски и претседателот Ангеловски се сложија дека и во иднина ќе продолжи соработката помеѓу РСБСП и МВР на високо професионално ниво – Безбедноста во сообраќајот е наш важен приоритет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Заклетвата на младите питомци не е само збир на патриотски зборови, туку и израз на решеност и истрајност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свечената заклетва на питомците од 29. класа и слушателите на Курсот за офицери и штабни службеници на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“.
Таа истакна дека со денешниот чин младите питомци стануваат чувари и гаранти на македонската слобода, сигурност и безбедност. За неа, заклетвата е не само збир на патриотски зборови, туку и израз на решеност, истрајност, одлучност и верност.
Во своето обраќање, претседателката се осврна на современите безбедносни предизвици, нагласувајќи дека идните офицери, како дел од македонската, но и од НАТО-армијата, имаат обврска да ги негуваат највисоките професионални и морални стандарди во справувањето со сите видови закани: традиционални, асиметрични и хибридни.
Сиљановска-Давкова потсети дека униформата е симбол на одговорност и доверба, додавајќи дека да се биде дел од македонската армија е посебна привилегија што обврзува на чесна и посветена служба и порарвен
Според неа, Воената академија е водечка образовна институција од областа на одбраната, а ликот и делото на генерал Михаило Апостолски се симбол на знаење, скромност, храброст и посветеност, извонредност.
На претседателката и беше врачена плакета во знак на признание за нејзината посветеност во развојот и афирмацијата на Воената академија.
Македонија
Николовски: Мега-скандалот со ИПАРД се потврди, ќе поднесе ли сега конечно Трипуновски оставка?
Пратеникот од СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, укажува на сериозноста на состојбата со ИПАРД програмата, по официјалната потврда дека е донесена одлука за суспендирање на сите исплати од ИПАРД 3 програмата, истакнувајќи дека Владата со денови ја држела јавноста во незнаење.
„Се потврдува она што го говорам неколку дена – дека е донесена одлука за суспендирање на ИПАРД, а Владата и Министерството за земјоделство се обидуваа да ја сокријат. Суспензија имало два пати и тоа само кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, во 2011 и сега во 2025 година“, вели Николовски.
Тој оценува дека ова е тежок удар врз македонското земјоделство и доказ дека партизацијата, клиентелизмот и корупцијата ја разориле довербата во институциите.
„Суспензијата е, пред сè, срам за Владата и доказ дека партизацијата, корупцијата и девијантните појави се широко распространети во Агенцијата – нешто на што укажував од самиот почеток“, порача Николовски.
Според него, ИПАРД програмата во времето на СДСМ била најуспешната европска приказна во земјоделството, со рекордни 2.369 реализирани и контролирани инвестиции и целосна искористеност на европските пари. Николовски бара одговорност од актуелната власт.
„Сега Владата треба да одговори: Кој ќе понесе политичка одговорност за овој мега-скандал? Кој ќе одговара за штетите што ќе ги претрпат земјоделците и инвеститорите? Ќе поднесе ли конечно Цветан Трипуновски оставка или ќе продолжи да се преправа дека ништо не се случило? Со кој кредибилитет ќе излезе пред земјоделците?“, вели тој.
Николовски посочува дека оние кои се гонат за корупција се луѓе директно поставени од Владата и блиски соработници на Трипуновски, што дополнително ја потврдува политичката одговорност на ВМРО-ДПМНЕ за овој случај.
„Време е конечно со чесни, посветени и професионални луѓе, а не со партиски поставени кадри, да се изгради системот и да се врати довербата“, нагласи Николовски.
Македонија
Утре променливо облачно време, претпладне со повремен локален дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Утре во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на денот насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониска утринска температура.

