Македонија
Муцунски во Стразбур: Денес Северна Македонија е препознатлив и ценет актер на меѓународната сцена
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Стразбур присуствуваше и се обрати на свечен настан по повод одбележувањето на Денот на независноста: 34 години од македонската независност и 30 години членство на Република Северна Македонија во Советот на Европа.
Во своето обраќање, Муцунски потсети на значењето на 8 септември 1991 година, кога македонските граѓани „во еден глас се изјаснија на референдумот, определувајќи се за независна и суверена држава – кулминација на вековните стремежи на македонскиот народ за самоопределување и достоинствен живот во сопствената татковина.“
Тој истакна дека денес Северна Македонија е препознатлив и ценет актер на меѓународната сцена.
„Како членка на Обединетите Нации, Советот на Европа и горда членка на НАТО, активно придонесуваме за глобалниот мир и безбедност. Продолжуваме со борбата против организираниот криминал, трговијата со луѓе и шверцот на дрога – области во кои нашиот придонес е препознаен и ценет од меѓународните партнери,“ нагласи Муцунски.
Посебно беше потенцирана улогата на Советот на Европа.
„Во 2025 година ја одбележуваме 30-годишнината од нашето пристапување во Советот на Европа – организација која беше и останува витален партнер во поддршката на нашиот демократски развој, напредокот на правните реформи и зајакнувањето на институциите. Горди сме на длабоката, динамична и продуктивна соработка која зборува за сеопфатните и стратешки важни односи,“ додаде тој.
Муцунски говореше и за европската перспектива и придонесот кон европската стабилност.
„Нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија продолжува со решителност и надеж. Подготвени сме да придонесеме, како рамноправни, за стабилноста, просперитетот и споделените вредности на Унијата. Ние не сме само млада европска демократија – ние сме народ со богата историја, силен дух и јасна визија за иднината,“ потенцираше тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на неколку патни правци
Поради појава на магла се бележи намалена видливост до 100 метри на патниот правец Страцин – Кратово, од 30 до 50 метри на патниот правец Скопје – Тетово, од 50 до 100 метри на патните правци Велес – Скопје, Скопје – Велес и Куманово – Скопје.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Дел од Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 15:00 часот корисниците на улица Христо Татарчев 14 према објект со куќен број 30. (општина Кисела Вода)
Македонија
Меџити: Присуството на Спиропали во Чаир испрати јасна порака на политичка блискост, институционална поддршка и директно внимание кон Албанците во Северна Македонија
Во продолжение на официјалната посета во Скопје, градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити ја пречека Елиса Спиропали, министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија и во просториите на општина Чаир.
„Средбата се одржа во пријателска и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани актуелните регионални случувања, улогата на албанската дипломатија во зајакнувањето на сеалбанските врски, како и значењето на продлабочувањето на меѓуинституционалната соработка во функција на заедничките интереси“, велат од општина Чаир.

„Присуството на Спиропали во Чаир испрати јасна порака на политичка блискост, институционална поддршка и директно внимание кон Албанците во Северна Македонија.

Оваа средба го потврди заедничкиот интерес за зајакнување на соработката и институционалната координација, со фокус на развојот, интеграцијата и зачувувањето на вредностите што нè поврзуваат како држави и како народ“, соопштуваат од општина Чаир.

