Македонија
Скопјани со денови се трујат, горењето на Дрисла е сериозна опасност за уште поголема катастрофа, велат од СДСМ
„Пожарот во Дрисла се уште не е изгаснат, власта со денови не може да се справи додека скопјани се трујат. Ова е крајно неодговорно кон граѓаните, кон најважното-здравјето и претставува сериозна закана за уште поголема катастрофа, поради тоа што постои опасност пожарот да дојде до метанот кој се наоѓа под слоевите земја и да настане и експлозија“, велат од СДСМ.
„Страшно е ова што се случува, скопјани се трујат од отровен чад и канцерогени честички поради горење на депониите Дрисла и Вардариште.
Виновници за труењето на скопјани се Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кои 4 години не мрднаа со прст, не ги исолнија ветувањата и не го решија проблемот. Депониите се симбол на нивната неспособност и криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ и нивните градоначалници пред 4 години ветуваа „затворање на Вардариште, намалување на стакленички гасови, покривање и озеленување“.
Тимчо Муцунски ветуваше „дислокација на претоварната депонија Вардариште“. Мицкоски и Арсовска ветуваа „зелена зона Вардариште“ со спортско-рекреативни терени на канцерогеното земјиште. ВМРО-ДПМНЕ ветуваше „фабрика за селекција на отпад“ во Дрисла.
Ништо од ова не е реализирано. Скопје и натаму е задушено, Вардариште и Дрисла горат, а воздухот повторно е отров за граѓаните.
Мицкоски ги слуша гласовите на мајките кои ги затвораат прозорците за да ги заштитат децата од чадот, гледа како скопјани се гушат во облаци канцерогени честички, гледа телевизиски прилози со чадови од Дрисла и Вардариште, и пак не презема ништо.
Иако е претседател на ЗЕЛС, ниту Орце Ѓорѓиевски не направи ништо. Наместо решенија, се крие од граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ и нивната неспособна власт ја претворија метрополата во еколошка бомба.
Скопјани паметат, скопјани знаат и ќе ги казнат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на локалните избори“, се наведува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со букет цвеќе Ѓорѓиевски ја испрати Арсовска и ја презема градоначалничката функција
Со куса средба и букет свежо цвеќе заврши примопредавањето на должноста градоначалник на Град Скопје меѓу досегашната градоначалничка Данела Арсовска и новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски и подари букет со свежо цвеќе на Арсовска.
Претходно, тој од Градската изборна комисија на Скопје го доби уверението дека е избран за прв човек на македонската метропола. Данела Арсовска денеска го заврши својот четиригодишен мандат за кој беше избрана во 2021 година.
Македонија
Професори од четири европски држави во посета на Собранието
Во рамките на Еразмус+ проектот „Уметничко патување кон зелена иднина“ (Artistic Journey to Green Future), денес Собранието на Република Северна Македонија го посетија професори од сите нивоа на образование од Хрватска, Турција, Малта и Шпанија.
Посетата беше организирана во соработка со Фондацијата – Меморијален центар „Никола Кљусев“. Од страна на Нена Неновска – Ѓорѓиевска од Фондацијата, пратениците беа запознаени со активностите и целите на проектот, по што следеше дискусија за темите што ги обединуваат образованието, уметноста и заштитата на животната средина.
Гостите имаа можност, покрај организираната обиколка на зградата на Собранието, да се сретнат и да разменат искуства со пратениците Велика Стојкова Серафимовска и Тони Јаревски, членови на Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени.
Во отворен разговор, тие дискутираа за состојбите со животната средина, заштитата на водите, почвата и воздухот, како и за третманот на цврстиот отпад и другите предизвици во оваа област. Пратениците ги запознаа гостите и со работата на неформалната „Зелена група“ во Собранието, која се залага за унапредување на еколошките политики и зајакнување на јавната свест за климатските прашања.
Во текот на средбата беа поставени бројни прашања и споделени примери од практиките во различни европски земји, со заедничка порака дека одржливиот развој и заштитата на природата се заедничка одговорност.
Посетата претставува уште еден пример на успешна соработка меѓу образовните институции и Собранието, како и на важноста од интеркултурен дијалог и споделување на искуства во насока на зелена иднина.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Христо Смирненски 13
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( петок ) поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул.Христо Смирненски 13, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (потегот од Зур маркет до бул.Партизански Одреди).
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

