Македонија
Голем интерес за субвенции за инвертер клима-уреди, рокот за аплицирање до 5 октомври, објави Министерство за енергетика
Голем интерес за субвенциите за набавка на инвертер клима уреди што ги доделува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Според податоците на институцијата, заклучно со 12 септември годинава пристигнале вкупно 3.954 апликации во рамки на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија.
Од нив, 2.375 апликации се поднесени од домаќинства со ниски приходи, а 1.579 од домаќинства во кои единствен приход е пензија.
Министерството ги информира граѓаните дека се уште има можност да се аплицира – рокот е до 5 октомври 2025 година. Граѓаните кои припаѓаат на ранливите категории и кои ги исполнуваат условите, можат да поднесат апликации до овој датум.
Апликациите може да се поднесат преку архивата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини или онлајн преку официјалната веб-страница: www.energy.gov.mk.
Министерството ги повикува сите граѓани кои ги исполнуваат условите да ја искористат можноста и да аплицираат до истекот на рокот.
„Кој може да аплицира: Домаќинства со ниски приходи, чиј вкупен нето месечен доход во 2024 година не го надминувал: 25.000 денари за едночлено домаќинство; 31.000 денари за домаќинство со два члена; 37.000 денари за домаќинство со три члена; 43.000 денари за домаќинство со четири и повеќе члена.
• Домаќинства во кои единствен приход е пензија, а вкупниот нето месечен доход во 2024 година не го надминувал: 15.700 денари за едночлено домаќинство; 19.800 денари за домаќинство со два члена; 23.700 денари за домаќинство со три и повеќе члена.
Едно лице може да поднесе само едно барање за едно домаќинство.
Правото на инвертер клима уред не може да го остварат домаќинства кои во изминатите 5 години користеле субвенција за набавка на клима уред или печка на пелети, како и оние кои имаат приклучок на систем за централно греење.
За оваа мерка се издвоени 170 милиони денари. Средствата ќе бидат искористени за набавка и вградување на инвертер клима-уреди со моќност од 3,5 kW и енергетска класа А+, кои ќе се инсталираат директно во домовите на корисниците.
Со оваа програма, Министерството ја потврдува својата посветеност на подобрување на енергетската ефикасност и намалување на енергетската сиромаштија во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

