Спорт
Џон Тери: Навивам Ливерпул да ја освои титулата
Џон Тери, според многумина најголемата легенда во историјата на Челзи, ја изненади фудбалската јавност со изјавата дека сака Ливерпул, поради Диого Жота, да ја освои титулата во Премиер лигата оваа сезона. Тери призна дека верува оти неговиот поранешен тим сè уште не е подготвен за таков потфат.
Поранешниот капитен на Челзи одигра 717 натпревари за клубот, постигнува 67 гола, пет пати ја освои Премиер лигата и еднаш Лигата на шампионите, заедно со бројни други титули.
Откако ја заврши кариерата кратко влезе во тренерските води како асистент, а потоа 44-годишниот Тери се врати во својот клуб во јули 2023 година како ментор на академијата и амбасадор на клубот, поради што сè уште е многу близок до првиот тим.
Токму затоа неговата изјава за „talkSPORT“, во која не го поддржува тимот на Енцо Мареска, предизвика чудење.
Тери го издвои Ливерпул, актуелниот шампион предводен од Арне Слот, како фаворит. Една од причините е реалниот поглед на моменталните можности на Челзи и желбата да не се врши притисок врз младиот тим.
Сепак, втората причина е многу потрогателна – Тери сака „Црвените“ да ја освојат титулата во чест на сеќавањето на поранешниот напаѓач на Ливерпул, Диого Жота, кој трагично загина во сообраќајна несреќа во јули.
„Мислам дека титулата е нивна, искрено. Мислам дека имаат огромна мотивација поради многу тажната загуба на Диого Жота. Само поради тоа, навистина се надевам дека Ливерпул ќе може да го стори тоа. Мислам дека тие се најсилниот тим. Манчестер Сити повторно покажа ранливост оваа сезона.“
Тери, исто така, се осврна на својот Челзи. „Не сум сигурен дека Челзи има доволно искуство во тимот за да дојде до крајот. Исто така не сакам да вршам притисок врз нив. Затоа мислам дека титулата му припаѓа на Ливерпул и, како што реков, им посакувам среќа во тоа“, додаде тој.
Foto/ EPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Серена Вилијамс се враќа од пензија
Американската тенисерка Серена Вилијамс, освојувачка на 23 гренд слем титули, поднесе документација што го иницира нејзиното враќање во 2026 година.
Серена (44) последен пат играше на Отвореното првенство на САД во 2022 година, каде што победи на два натпревари пред да изгуби од Ајла Томљановиќ во третото коло.
Тој пораз се случи на 2 септември, а само еден ден подоцна, Серена поднесе барање за официјално пензионирање до Меѓународната агенција за интегритет на тенисот, што значеше дека повеќе нема да мора да го открива своето место на живеење, за случајни допинг тестови на дневна основа.
Вилијамс имаше намера да се врати порано, во Њујорк оваа година, за да игра двојки со постарата сестра Венус, но таквото спонтано враќање, на краток рок, не е дозволено.
Серена се најде на регистрираната листа за тестирање на ITIA во октомври, по повеќегодишна пауза. На тој начин, е на добар пат да се врати до април 2026 година, за шест месеци.
Вилијамс освои 23 гренд слем титули во својата кариера и помина 319 недели на врвот на листата на ВТА.
Foto/ EPA
Спорт
Левандовски ќе ја напушти Барселона
Полскиот напаѓач Роберт Левандовски (37) ќе ја напушта Барселона на крајот од сезоната.
По четири години соработка, клубот одлучи да не ја продолжи соработката со Роберт Левандовски и покрај тоа што има опција да му го продолжи договорот на дополнителни 12 месеци.
„Барселона нема да ја обнови соработката со Роберт Левандовски. Тој го напушта клубот“, тврди „Атлетик“.
Каталонците одлучија да направат место за некој помлад. Левандовски е во ветеранските години, ќе го прослави својот 38-ми роденден на почетокот од следната сезона. Барса верува дека неговото време е истечено, иако не изгледа така на теренот.
Лева игра одлично и оваа сезона. Тој постигна осум гола на 15 настапи. Во вкупно 162 натпревари, Левандовски постигна 109 гола и забележа 21 асистенција.
Левандовски нема намера да ја заврши кариерата. Иако следното лето ќе го прослави својот 38-ми роденден, интересот за неговите услуги е голем.
Според „Атлетик“, Барселона нема да го откупи договорот на Маркус Рашфорд на крајот од сезоната.
Англискиот фудбалер игра за каталонскиот клуб како позајмен играч од Манчестер Јунајтед.
Foto/ EPA
Спорт
Партизан веќе се договорил со Тринкиери
Италијанскиот тренер Андреа Тринкиери се договорил со чениците на Партизан во врска со неговото враќање на позицијата шеф на страчниот штаб.
Како што обајви „Спорт Клуб“, црно-белите веќе се договориле со италијанскиот стручњак во врска со условите за идна соработка, а се чека најповолниот момент соработката да биде официјализирана.
Тринкиери е без работа откако беше отпуштен од Жалгирис ова лето, само 36 часа по освојувањето на титулата во лигата.
Италијанскиот стручњак помина година и пол во Каунас, а претходно беше на клупата на Баерн од 2020 до 2023 година.
Тој го водеше Партизан од 2018 до 2020 година и тимот беше во одлична ситуација во АБА лигата и Еврокупот пред коронавирусот да ја прекине сезоната.
Тринкиери и претседателот на Партизан, Остоја Мијаиловиќ не се разделија во добри односи, а Италијанецот дури и го тужеше Партизан за заостанати плати и го доби спорот.
Сепак, се чини дека условите за нова соработка сега се исполнети, Тринкиери е без работа, а на Партизан му е потребен квалитетен тренер кој може да го подигне тимот по заминувањето на Жељко Обрадовиќ.
Црно-белите ќе го играат својот следен натпревар во четврток, кога ќе го пречекаат Баерн на Белградска Арена. Моменталниот резултат на Партизан во Евролигата е четири победи и девет пораз. Тимот доживеа порази на седум од последните осум натпревари.
Foto/ EPA

