Црна хроника
42-годишник фатен на дело при изнуда: се заканувал дека ќе го истепа или ќе го убие ако не добие пари од оштетениот
Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за продолжено кривично дело – Изнуда од член 258 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Во временскиот период од август 2024 година до септември 2024 година и повторно од март до средината на септември годинава, осомничениот со намера за себе да прибави противправна имотна корист, со сериозна закана присилувал еден оштетен да му исплаќа пари.
Жртвата за првпат ја исконтактирал во август 2024 година кога му побарал и добил од оштетениот парична донација за учество на спортски натпревар. Но, по оваа средба, повторно го контактирал и барал пари од оштетениот за исплата на наводен долг кон трето лице, без притоа да наведе износ.
Оштетениот најпрво го игнорирал ваквото барање, појаснувајќи дека не должи никому, но тогаш осомничениот започнал да му испраќа СМС пораки, гласовни пораки, пораки преку социјалните мрежи и преку познати лица со сериозни закани дека ќе го нападне физички или ќе го убие ако не ги добие парите.
Осомничениот 42-годишник не престанал со јавувања и вознемирување на оштетениот, кој конечно се исплашил за себе и за своето семејство и прифатил да му даде парични средства на осомничениот, но тој да вети дека ако добие еднаш повеќе нема да бара пари од него. Во тој момент осомничениот побарал износ од 2.000 евра од оштетениот за наводно да ги однесе своите внуци од брат на одмор.
По пријава од оштетениот, истражители од Истражниот центар на ОЈО Битола во соработка со СВР Битола, изготвија план за контролирана испорака на паричните средства. Била договорена средба во деловните простории на правното лице каде оштетениот е управител. Осомничениот на средбата ги презел парите кои биле претходно крим – технички обработени. Веднаш потоа бил претресен од полициски службеници, парите биле пронајдени кај него, а тој бил лишен од слобода.
Станува збор за прва целосна оперативна акција на Истражниот центар на ОЈО Битола, реализирана во соработка со СВР Битола. Истражниот центар официјално започна со работа на 1 август годинава.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола денеска достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Уапсени мажи во Струга и дебарско, возеле пијани, а дебарчанецот предизвикал и сообраќајна незгода
Ноќеска во 01:33 часот на регионалниот пат Граничен премин Блато-Дебар, кај место викано „Шуланска раскрсница“, полициски службеници од ОВР Дебар го лишија од слобода 33-годишниот П.П. од Дебар.
Претходно, на патот се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „фолксваген амарок“ со дебарски регистарски ознаки, кое го управувал П.П. и патничко возило „дачиа дастер“ сопственост на МВР и при преземање мерки по незгодата констатирано е дека П.П. е под дејство на алкохол, односно измерени му се 1,86 промили алкохол во крвта. Известен е јавен обвинител и по негова наредба, лицето е лишено од слобода.
Вчера во 15:20 часот на улицата „Боро Хаџиески Путе“ во Струга, полициски службеници од ОВР Струга го лишија од слобода 50-годишниот С.М. од село Франгово, струшко. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „мерцедес“ со струшки регистарски ознаки, кое го управувал и по преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,64 промили алкохол во крвта, по што бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
По целосно документирање на настаните, против нив ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
Црна хроника
Уапсен маж од Гостиварско за издржување затворска казна, спроведен е во Затвор Тетово
Вчера во 20:05 часот во село Врапчиште, гостиварско, полициски службеници од Полициското одделение Галате го приведоа 32-годишниот А.М. од село Врапчиште.
Тој бил баран врз основа на судска наредба за издржување на казна затвор од една година за сторено кривично дело по член 190-а од Кривичниот законик.
Лицето е спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Тетово за издржување на затворската казна.
Црна хроника
Уапсени двајца криумчари од Албанија, пронајдени пет мигранти
Полицијата уапси две лица од Албанија осомничени за криумчарење мигранти.
Вчера околу 03:30 часот на излез од Гевгелија кон автопатот Гевгелија – Скопје, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица ги лишија од слобода М.Е.(27) и 22-годишната В.Е., двајцата од Република Албанија.
Имено, во наведеното време, полициските службеници забележале патничко возило „фолксваген туран“ со албански национални ознаки кое се движело со голема брзина, а кое го управувал М.Е., а сопатничка била В.Е.. Возилото било запрено, а во негова близина биле пронајдени пет лица мигранти, од кои еден од Сирија и четири од Египет.
Возилото и мигрантите се сместени во прифатно – транзитен центар во Гевгелија, а лицата се задржани во полициска станица. Во консултација со јавен обвинител против нив е поднесена кривична пријава по брза постапка.

