Спорт
Јунајтед би можел да го отпушти Аморим за само 12 милиони
Се зборува многу за иднината на Рубен Аморим на клупата на Манчестер јунајтед. И таа, и покрај зборовите на поддршка од Џим Ратклиф, би можела да биде решена со една клаузула во неговиот договор.
По поразот во градското дерби против Манчестер сити (3:0), Аморим изјави дека нема да ја менува својата филозофија и тактика. И кратко рече „сменете ме“.
Статистиката е неумолива – Аморим е најлошиот менаџер на Јунајтед по Втората светска војна во однос на победите. Во 47 натпревари што ги водеше од клупата, тој забележа само 17 победи.
„Клубот од Олд Трафорд има долгорочен план, и иако има незадоволство од моменталните резултати, нема да има ненадејни реакции или редовни прегледи на иднината на тренерот по секој пораз, без разлика колку е гласна бучавата однадвор“ – стигна порака од клубот два дена подоцна.
Оние што го следат Јунајтед се сигурни дека пва е само купување време. Како што објавија британските медиуми, Аморим има клаузула во договорот според која клубот ќе мора да му плати 12 милиони фунти ако добие отказ во текот на првата година од договорот. А Аморим го потпиша договорот на 1 ноември 2024 година.
И тоа е секако најевтината опција за Јунајтед, освен ако навистина не веруваат дека сè ќе се промени драстично во сезона во која не играат европски натпреварувања, во која беа елиминирани од Лига купот во втората рунда и во која имаат четири бода по четири кола во Премиер лигата.
Секако, прашањето е дали има други клаузули, и каква е клаузулата за раскинување воопшто и колку Јунајтед би му должел на Аморим ако го отпуштеа по првата година.
Foto/ EPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Партизан славеше во првиот меч без Обрадовиќ, рекордна победа на Монако
Кошаркарите на Монако постигнаа рекордна победа во 14-то коло од Евролигата. На домашен терен, тие го победија Париз со 125:104 и поставија нов рекорд во натпреварувањето за најмногу постигнати поени од еден тим во натпревар без продолженија.
Тимот од Кнежевството има сооднос од 9:5, додека Париз падна на 5:9. Првото име на средбата беше Ели Окобо, кој постигна 26 поени со четири скока и осум асистенции.
Претходниот рекорд беше 123 поени, а го делеа натпреварите меѓу Макаби од Тел Авив и Скаволини од Пезаро одиграни на 25 ноември 2004 година, и натпреварот меѓу Панатинаикос и Роан на 21 ноември 2007 година. Монако го надмина тој учинок во убедлива победа.
Апсолутниот рекорд во Евролигата за бројот на поени во еден натпревар го држи Реал Мадрид. Шпанскиот великан постигна 130 поени во јануари 2024 година против Анадолу Ефес во натпревар кој заврши со четири продолженија, во кој турскиот претставник уфрли 126 поени.
Во Белград, Партизан го победи Баерн со 92:85. Ова беше прв натпревар на црно-белите без Жељко Обрадовиќ на клупата. Ја забележаа втората победа на последните девет натпревар. Партизан има скор 5 победи и девет порази.
Мечот се одигра во чудна атмосфера. Навивачите со свирежи ги дочекаа и испратија своите играчи. Во текот на целиот натпревар тие го извијуваа името на тренерот Обрадовиќ.
Најефикасни во тимот беа Двејн Вашингтон и Тајрик Џонс со по 19 поени.
Foto/ EPA
Спорт
(Видео) Милан елиминиран од Купот на Италија
Фудбалерите на Лацио го елиминираа Милан од Купот на Италија, славејќи триумф со 1:0 (0:0) во осминафиналето.
Дербито на ова коло од натпреварувањето имаше своја увертира неодамна во Серија А, но на „Сан Сиро“, кога росонерите славеа со минимален резултат.
Сега во Купот, „небесно сините“ одговорија и се одмаздија, што е можеби уште поболно за тимот на Масимилијано Алегри, бидејќи Милан остана без можност да се бори за еден од двата домашни трофеи.
Милан беше подобар во првото полувреме, но не успеа да ја наплати добрата игра.
Херој на домашниот тим е Матија Закањи, кој во 80-та минута го совлада Мајк Мењан со глава и со тоа му донесе победа на својот тим.
Лацио ќе игра против Болоња во четвртфиналето. Болоња го брани трофејот во Купот.
Foto/ EPA
Спорт
Фламенго го слави Фелипе Луис, за 14 месеци освои пет трофеи
Фламенго го освои бразилското првенство, откако го победи Сеару со 1:0 на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро, благодарение на голот на крилниот напаѓач Самуел Лино. Ова се случи четири дена по освојувањето на Копа Либертадорес, Латиноамериканската Лига на шампиони.
Тимот од Рио има 78 бода, пет повеќе од Палмеирас, нивниот противник во финалето на Либертадорес, на коло до крајот на сезоната.
Ова е осма титула на Фламенго во Бразил (1980, 1982, 1983, 1992, 2009, 2019, 2020 и 2025). Сега се изедначени со Сантос и веднаш е зад Палмеирас, кој има рекордни 12 титули.
Само Сантос на Пеле во 1962 и 1963 година, Фламенго во 2019 година и Ботафого во 2024 година успеаја да го освојат и домашниот шампионат и Копа Либертадорес во една сезона. Фламенго стана и првиот бразилски клуб што освои четири титули во најпрестижното клупско натпреварување во Јужна Америка.
Најзаслужен за успехот на Фламенго е легендарниот фудбалер на Атлетико Мадрид, Фелипе Луис. Предводени од него, фудбалерите на Фламенго освоија сè што може да се освои во последните 14 месеци.
Трофеите од првенството Кариока, потоа Купот на Бразил, Бразилскиот Суперкуп, Копа Либертадорес и сега бразилското првенство.
Младиот бразилски тренер сега треба да го освои Интерконтиненталниот куп за да собере шест трофеи и да стане првиот стручњак што го сторил тоа по Пеп Гвардиола со Барселона во 2009 година.
Foto/ EPA

