Свет
Британски „Индипендент“: Западот е исплашен од антируската идеја за Полска

Воведувањето зона на забранети летови над Украина би довело до најголема ескалација во сегашната војна и би отворило пат за директен воен конфликт меѓу НАТО и Русија, пишува британскиот весник „Индипендент“.
Според анализата, секоја одлука за забрана на летови над украинска територија неизбежно би ги ставила силите на Северноатлантскиот сојуз во позиција да се спротивстават на руската авијација, што би значело влегување во активни борбени операции. „Тоа е сценарио кое би можело да ескалира во пошироки вооружени конфликти со непредвидливи последици“, пишува весникот повикувајќи се на проценките на експертите.
Во последните денови вниманието на Европа е насочено кон инцидентот во Полска кога неколку беспилотни летала беа соборени во ноќта на 10 септември. Варшава ја обвини Русија за инцидентот, а Министерството за одбрана на Руската Федерација негира каква било вмешаност нагласувајќи дека нејзината војска не испратила беспилотни летала преку полската граница.
Во пресрет на тој настан полскиот премиер Доналд Туск го нарече инцидентот провокација од страна на Москва. Во исто време, шефот на полската дипломатија, Радослав Сикорски, изјави дека Западот треба да размисли за воведување зона на забранети летови над Украина. Тој посочи дека Киев би можел да побара од своите сојузници да соборуваат беспилотни летала над територијата под украинска контрола доколку е потребно.
„Индепендент“ нагласува дека усвојувањето таков предлог драматично би ги зголемило влоговите во војната во Украина бидејќи НАТО би бил директно вклучен во воените операции. Аналитичарите предупредуваат дека секоја грешка или инцидент во такво сценарио би можел да доведе до неконтролирана ескалација и отворена војна на алијансата со Русија, што би имало глобални последици.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Негодувања по говорот на Трамп на кралската вечера

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно се најде во центар на вниманието поради говорот што го одржа на свечената државна вечера во замокот Виндзор, како дел од неговата официјална посета на Обединетото Кралство. Дел од јавноста неговите изјави ги оцени како несоодветни, а на социјалните мрежи беше наречен „национална срамота“.
Трамп изјави дека е „првиот американски претседател кој бил пречекан“ на овој начин, додавајќи дека „можеби ќе биде и последен“, што предизвика бурни реакции. На платформата X граѓани коментираа дека говорот бил „мешавина од самофалење и збунувачки изрази“ и го нарекоа „срамотен момент“.
Trump: It is a privilege to be the first American president welcomed here. And if you think about it, a lot of presidents and this was this was the second state visit and that is the first. Maybe that is going to be the last time—I hope it is, actually pic.twitter.com/SE9OAg8ZpT
— Acyn (@Acyn) September 17, 2025
Кралот Чарлс, пак, во својот говор ја нагласи силната и трајна врска меѓу САД и Обединетото Кралство, потенцирајќи дека таа има „огромен потенцијал за раст и развој“.
На свеченоста присуствуваа околу 160 гости, меѓу кои премиерот Киер Стармер, извршниот директор на Apple, Тим Кук, и директорот на OpenAI, Сем Алтман.
Свет
Зурабишвили: Западот им ја предава Грузија на Русите

Поранешната претседателка на Грузија, Саломе Зурабишвили, изјави дека западните земји, со својата пасивност, ја оставаат Грузија на влијанието на Москва. Во интервју за американското списание „Форин полиси“ таа рече дека Тбилиси и целата земја се во сериозна политичка и безбедносна криза.
Зурабишвили ги отфрли резултатите од парламентарните избори нагласувајќи дека нема да поднесе оставка сè додека во Грузија не се избере легитимен парламент. Сепак, Изборниот колеџ го назначи Михаил Кавелашвили за нов претседател на земјата.
Во интервју за „Форин полиси“ таа оцени дека сегашната влада „се оддалечила од сè што било изградено дотогаш“ тврдејќи дека владејачката партија „се состои од десетина луѓе, но контролира сè“.
Зурабишвили ги повика граѓаните на отпор нагласувајќи дека мора да добие посилна поддршка од странство. „Ова значи морална поддршка бидејќи западните земји не се во можност да преземат повеќе од ова“, изјави таа.
Поранешниот претседател предупреди дека Русија сè повеќе „ги тестира своите капацитети за мека моќ“ користејќи ги социјалните мрежи и сајбер-нападите како инструменти на влијание.
„Русите разбираат дека Тбилиси и Грузија се клучот за Кавказ. Америка и Европа им ја отстапуваат Грузија на Русите“, рече Зурабишвили.
Таа додаде дека сегашната грузиска влада сè повеќе ја приспособува својата политика на интересите на Москва. Според неа, нестабилноста во Грузија и нејзиното приближување кон руската сфера на влијание претставуваат опасност за Азербејџан и за Ерменија, како и за целата геополитичка улога на Кавказ.
Свет
Фон дер Лајен: На ЕУ ѝ се потребни договори со Индија за да ја намали зависноста од САД

Европската Унија мора да бара трговски договори со земји како Индија за да ја намали зависноста бидејќи повисоките царини за увоз од САД го принудуваат блокот да ги диверзифицира своите врски, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Сакаме да постигнеме договор со Индија оваа година“, рече Фон дер Лајен на конференција со германски бизнис-лидери додавајќи дека индискиот премиер Нарендра Моди ја уверил во својата посветеност на целта во телефонски разговор.
„Во преговори сме со Република Јужна Африка, Малезија, Обединетите Арапски Емирати и други“, додаде таа.
Фото: принтскрин