Спорт
Дани Алвес го изгуби судскиот спор со клубот, ќе мора да плати милионска отштета
Судот за спортска арбитража (CAS) пресуди во корист на мексиканскиот тим Пумас УНАМ во нивниот правен спор со Дани Алвес. На почетокот на 2023 година, Пумас го отпушти бразилскиот дефанзивец поради обвинение за сексуална злоупотреба со кое се соочуваше во Шпанија. Клубот го раскина неговиот договор, а во мај 2024 година започна судска постапка за добивање отштета од играчот.
Алвес пристигна во Мексико од Барселона во јули 2022 година, но во јануари 2023 година беше обвинет за силување девојка во тоалетот на ноќен клуб во Барселона. Откако првично беше осуден на четири и пол години затвор, Алвес беше ослободен од Апелациониот суд во март оваа година. Шпанското обвинителство поднесе жалба до Врховниот суд против поништувањето на пресудата за силување.
Алвес играше за Пумас само шест месеци, а клубот побара отштета за штетата што фудбалерот му ја направил на клубот.
Бразилскиот фудбалер, од друга страна, го тужеше клубот до ФИФА, тврдејќи дека Пумас еднострано и неоправдано го раскинал неговиот договор. Тој побара финансиска отштета за остатокот од договорот, тврдејќи дека неговите договорни права биле прекршени.
CAS пресуди во корист на клубот, потврдувајќи дека Пумас УНАМ постапил во рамките на своите права кога го раскинал договорот на играчот откако бил уапсен во Шпанија.
Точната сума што Алвес мора да му ја плати на Пумас не е објавена, но се шпекулира дека е помеѓу два и пет милиони долари.
Алвес, поранешен бразилски репрезентативец, играл за Баија, Севилја, Барселона, Јувентус, ПСЖ, Сао Паоло и Пумас УНАМ. Во текот на својата кариера, тој освои 43 трофеи. Само Лионел Меси освои повеќе трофеи во кариерата, вкупно 46.
Foto/ EPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Наместо отказ, Киву ќе добие нов договор
Еден ден по двојниот пораз од Боде/Глимт и елиминацијата од Лигата на шампионите, Интер се чини дека сака да го награди тренерот Кристијан Киву за дебаклот во Лигата на шампионите оваа сезона.
Дел од италијанската јавност нашироко шпекулираше за тоа дали Романецот е доволно добро решение за клупата на славниот клуб и доби неочекуван одговор. Наместо отказ, Киву ќе добие нов договор.
Според информациите на угледниот италијански инсајдер Никола Скира, претседателот на „Неразурите“ Џузепе Марота одлучи да му даде целосна поддршка на Киву.
Романскиот стручњак ќе добие понуда за продолжување на соработката до 2028 година, со можност за истата да биде продолжена за уште една година, како и значително зголемување на платата.
Доколку потпише, Киву ќе премине од сегашните 2,5 на повеќе од 3 милиони евра годишно, во зависност од резултатите.
Киву го презеде тимот по финалето на Лигата на шампионите минатата сезона, во кое Интер претрпе тежок пораз од Пари Сен Жермен (5:0). Крајот на минатата сезона беше обележан со разочарувања и во Купот и во првенството, каде што Интер ја загуби титулата во трката со Наполи.
Сепак, 45-годишниот Романец, легенда на клубот што ја освои тројната круна со Интер во 2010 година, успеа да го стабилизира тимот и да го одржи во борбата за скудетото.
И покрај шпекулациите за доаѓањето на Диего Симеоне од Атлетико Мадрид, Марота, според извори блиски до клубот, им рекол на сите во клубот, дека „Кристијан ги надмина очекувањата бидејќи нè води до титулата во неговата дебитантска сезона“.
Foto/ depositphotos
Спорт
ФА ги казни Челзи и Вест Хем
Фудбалската асоцијација (ФА) им изрече жестоки казни на Челзи и Вест Хем, за масовната тепачка меѓу играчите на крајот од натпреварот од Премиер лигата на „Стемфорд Бриџ“ на 31 јануари, во кој домашниот тим ја анулира негативата од два гола за да победи со 3:2.
Челзи ќе мора да плати 325.000 фунти (околу 372.600 евра), а Вест Хем Јунајтед 300.000 фунти (околу 344.000 евра) поради инцидентот во кој учествуваа околу 20 играчи.
Сè започна кога крилниот напаѓач на Вест Хем, Адама Траоре, го собори на земја домашниот дефанзивец Марк Кукуреља, а потоа влезе во пресметка со Жоао Педро, додека другите играчи интервенираа за да ја прекинат тепачката.
Откако ситуацијата се смири и видеото од инцидентот беше прегледано, главниот судија Ентони Тејлор го исклучи гостинскиот играч Жан-Клер Тодибо, бидејќи го држеше Педро за вратот со двете раце.
Фудбалската асоцијација (ФА) во соопштението изјави дека „ФК Челзи не успеал да обезбеди неговите играчи да не се однесуваат на несоодветен и/или провокативен начин во 95-та минута“.
Вест Хем Јунајтед е обвинет за истиот прекршок. ФА, објави дека двата клуба се изјасниле за виновни по горенаведените обвиненија.
Foto/ EPA
Спорт
Чоло за Гризман: Многу го сакам, разговаравме, тој ќе реши дали ќе остане
Атлетико Мадрид, синоќа, го победи Клуб Бриж дома со 4:1, благодарение на хет-трикот на Александар Серлот, и се пласираше во осминафиналето на Лигата на шампионите.
Тренерот Диего Симеоне беше пресреќен по натпреварот, тој зборуваше со медиумите за многу теми, а неизбежна тема беше најдобриот стрелец во клупската историја, Антоан Гризман. Гласно се зборува дека, Гризман, ќе го напушти тимот и ќе оди во МЛС лигата, во Орландо, беше неизбежен.
„Нема да зборувам во негово име. Многу го сакам, разговаравме за многу работи. Му кажав што мислам. Се надевам дека ќе го избере она што го смета за најдобро бидејќи заслужува да одлучи како што сака“, рече Симеоне.
Ливерпул и Тотенхем се можни ривали на Атлетико во осминафиналето.
„Не размислуваме за Ливерпул или Тотенхем. Уживаме во оваа победа. Враќањето во осминафиналето е важно и ќе видиме дали можеме да напредуваме. Тоа е голем напор од момците кои играат огромен број натпревари“.
Популарниот Чоло го пофали тимот на Клуб Бриж…
„Не им давам совети на другите. Ми се допаѓа тимот – млад, со многу добри играчи од средниот ред, им недостигаше Оњедика. Имаат брзи напаѓачи, силни напаѓачи и храбар тренер кој негува напаѓачки стил. Знаевме како да играме, особено во второто полувреме“, заклучи Симеоне.
Foto/ depositphotos

