Македонија
Николоски: Kреираме нов правилник за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура во општините

Владата преку Министерството за транспорт реализира сет мерки за подобрување на инфраструктурта во општините со што ја подигнува безбедноста во сообраќајот и го унапредува квалитетот на живот. Во меѓувреме креираме и нов Правилник за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура во општините, истакна потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на конференцијата посветена на подобрување на урабниот транспорт.
„Министерството за транспорт се приклучува кон најголемата европска кампања за подигање на свеста за одржлив транспорт и подобрување на квалитетот на живот во градовите, со што ја потврдуваме нашата посветеност да се движиме во ист правец со најдобрите европски практики. Со Националната транспортна стратегија за периодот 2018 – 2030 година предвидена е мерка за поддршка на поголемите градови за изработка на планови за одржлива урбана мобилност. Поддршката вклучува развивање на планови за одржлива урбана мобилност за Кавадарци и Прилеп, Кочани, Струмица и Струга, во согласност со насоките за развивање и имплементација на планови за одржлива урбана мобилност на ЕУ”- кажа Николоски.
Тој потенцира дека Министерството особено внимание посветува на унапредување на стандардите за велосипедската инфраструктура се со цел да се зголеми безбедност на велосипедскиот сообраќај.
“Во Законот за јавни патишта предвидовме основа за донесување на Правилник за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура, а во соработка со граѓанскиот сектор изработивме предлог Правилник којшто ќе биде донесен во текот на следниот период. Со ова, сакаме да испратиме порака дека велосипедот како симбол на одржлива мобилност е рамноправно превозно средство, а не само средство за рекреација. Со поддршка од државата и со визија на општините, можеме да изградиме градови кои се поодржливи, побезбедни и подобри места за живеење”- истакна Николоски.
Денешната конференција се организира во рамки на Европската недела на мобилност под мотото „Мобилност за секого“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Злоупотреби со регистрација на половни возила: 11 осомничени, меѓу нив и вработена во МВР

Секторот за внатрешни работи Куманово, во соработка со Одделот за внатрешна контрола и криминалистички истраги при МВР, поднесе кривични пријави против 11 лица поради повеќе кривични дела поврзани со плаќање давачки за увоз и регистрација на половни моторни возила.
Меѓу пријавените е и 43-годишна вработена во МВР – Одделение за управни работи Куманово, осомничена за „злоупотреба на службена положба и овластување“. Пријавен е и 29-годишен контролор во станица за технички прегледи поради „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“. Останатите лица се сомничат за „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“ и „давање лажен исказ“.
Според МВР, во текот на 2024 година дел од пријавените договарале сопственици на возила со странски таблици, кои за половина од законските давачки за увоз, добивале регистрација без да ги платат потребните трошоци. Во електронскиот систем биле внесувани податоци за возила без платени царини, такси и надоместоци за регистрација.
Пријавениот контролор во станица за технички прегледи изготвувал и фалсификувани електронски табели налик на оние што ги издава Бирото за метрологија за хомологација на возила.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за понатамошно расчистување на случајот.
Македонија
Касами: Тетово ќе биде пример за соживот и меѓуетничка хармонија

Во Општина Тетово денеска се одржа седница на Општинскиот совет за превенција, на која беа избрани членовите на Локалниот совет за превенција. На овој состанок присуствуваа претставници од државните институции, верските заедници и други релевантни организации.
Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, во своето обраќање потенцира дека овој совет е клучен за превенција на појави кои ја загрозуваат општествената кохезија.
„Како град и како мултиетничка и мултиконфесионална држава, имаме обврска да испраќаме обединувачки пораки и да ја зајакнеме културата на соживот. Само на тој начин ќе обезбедиме стабилност и посигурна иднина за нашите граѓани,“ истакна Касами.
Тој додаде дека Општина Тетово, во тесна соработка со полицијата, обвинителството, социјалните центри, училиштата и верските лидери, ќе преземе конкретни чекори за граѓаните да живеат во мир, хармонија и заемна почит.
„Нашиот заеднички ангажман е гаранција дека граѓаните на Тетово ќе се чувствуваат заштитени, почитувани и еднакви, без разлика на нивната етничка или верска припадност. Само преку соработка можеме да изградиме поправедно и посилно општество,“ нагласи градоначалникот Касами.
Македонија
(Видео) Нов скопски саем во Бутел и голем парк покрај него е првото ветување на скопјани од Мециновиќ

Амар Мециновиќ, кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на партијата Левица, преку социјалните мрежи најави изградба на нов скопски саем во северниот дел на градот, во општина Бутел, покрај обиколницата и булеварот Христјан Тодоровски-Карпош.
„Скопје го загуби саемот поради сите претходни власти, кои не успеаја да ги зачуваат и надградат капацитетите за новите генерации. Наместо тоа, денес тој простор е претворен во трговски центар, што ја одразува политиката на уништување на јавните простори за личен профит. Затоа новиот саем е од клучна важност бидејќи повторно ќе овозможи простор за сите еднакво – за култура, заеднички активности, образование и за социјализација на скопјани“, вели Мециновиќ.
Проектот предвидува изградба на изложбени хали со површина од 20.000 квадратни метри, конгресен центар за јавни собири и трибини, како и отворени простори за културни настани и заеднички активности. Според Мециновиќ, новиот објект ќе биде лесно достапен и ќе придонесе за создавање нов културен и економски пол во градот, кој ќе претставува противтежа на сегашната концентрација на економски и културни активности.
Покрај саемот, најавен е и голем парк, кој треба да стане „белодробен систем на северот на Скопје“. Паркот ќе содржи централен тревник за фестивали и собири, детски игралишта, спортски терени, тематски градини, амфитеатар на отворено и екопатеки со современа инфраструктура.
„Идејата е саемот и паркот да функционираат како целина, како куќа на јавниот живот, простор за културни манифестации, собири и дијалози, но и како зелено прибежиште за спорт, детска игра и колективна релаксација. На тој начин го враќаме јавниот интерес пред приватниот профит“, рече Мециновиќ.