Македонија
Над 500 административци од Скопје денес ги почнаа тренинзите за поголема професионалност, етика и транспарентност
Министерството за јавна администрација, денеска, го одржа првиот дел од најголемата програма за професионален развој на административни службеници во историјата на државата. Генеричките обуки, кои се спроведуваат под слоганот „Инвестицијата во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор“, во првата фаза ќе опфатат 1.000 службеници од разни институции. Првите обуки почнуваат во Скопје со учество на над 500 административни службеници, кои ќе минат низ систематски и стандардизирани тренинзи.
На свеченото отворање, на кое присуствуваа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, многубројни министри, претставници на дипломатскиот кор, претставници на меѓународните и на граѓанските организации и други гости, обраќања имаа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој истакна дека генеричките обуки се првиот чекор кон создавање професионална, етичка и одговорна администрација, која работи во служба на граѓаните.
„Тие се првиот чекор кон создавање службеници што ќе ја познаваат суштината на јавната служба, како и професионалноста, етиката, одговорноста, транспарентноста. Без овие основни вредности, ниеден закон, ниедна стратегија, ниедна визија нема да може да се реализира. Но, она што е особено важно е дека овие обуки не се само за административните службеници – тие, пред сè, се во функција за граѓаните. Со овие обуки ние инвестираме во вработените затоа што посилна и пообучена администрација значи посилна и поуспешна држава за сите нас“, рече министерот Минчев.
Тој ја нагласи и важноста на Академијата за јавни службеници, прва институција од ваков вид во земјата, која ќе претставува „срце на модерната администрација, куќа на знаењето и лабораторија на нови идеи“.
„Со зајакнување на знаењето на службениците ја зајакнуваме државата“, рече министерот.
Министерството работи и на усогласување на законската регулатива со онаа на Европската Унија во делот на јавната администрација.
„Сакам да потенцирам дека историски исчекор во реформата претставува донесувањето на пакетот реформски закони – Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административните службеници, Законот за инспекцискиот надзор и Законот за стручно усовршување и обука на јавните службеници. Овие четири закони се темелот на новата визија и претставуваат почеток на севкупната реформа на јавната администрација во нашата држава“, вели министерот Минчев.
Обуките се реализираат со поддршка на меѓународни партнери и експерти, вклучувајќи ја и соработката со РЕСПА, ЦЕФ, Агенцијата за стручни обуки од Франција, Институтот „Вита“ и Економскиот факултет при УКИМ.
Покрај обуките што се реализираат во Скопје, во наредните месеци ќе се спроведуваат и регионални обуки во Источниот, Полошкиот и во Пелагонискиот Регион со цел да се опфатат сите административни службеници во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Откриен обид за криумчарење на 4.800 пакувања никотински ќесички вредни 1,2 милиони денари
Царинската управа откри и спречи обид за криумчарење на 4.800 пакувања со никотински ќесички со вредност од 1,2 милиони денари. Против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава заради сторено кривично дело „криумчарење“.

„Осомничениот е застанат за контрола од страна на мобилен царински тим, во внатрешноста на државата, веднаш по влезот во државата преку граничен премин Табановце, при што се пронајдени 4.752 пакувања со никотински ќесички со никотин и 48 пакувања никотински ќесички – снус кои содржат никотин и тутун. Стоката и возилото се запленети, а осомничениот е приведен на сослушување од страна на инспекторите за истраги“, соопштија од Царина.
Во предистражната постапка е утврдено дека стоката требало да биде предадена на лице за кое Царинската управа минатата година поднесе кривична пријава за прикривање стоки кои се предмет на криумчарење – цигари без акцизни маркички и царинска измама.

По целосно завршување на истрагата, против осомничениот ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство за сторено кривично дело криумчарење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: СДС молчи на пратенички прашања за Груби, хистеријата и стравот од одговорност ги направи заложници на криминалот
СДС молчи на пратенички прашања за Груби, хистеријата и стравот од одговорност ги направи заложници на криминалот, вистакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ниту едно пратеничко прашање од страна на СДС кон членовите на Владата за Артан Груби. А толку беа гласни изминативе три дена со измислување на 10-тина тези, за кои народот секако не им поверува.
Но вистината, почитувани, полека но сигурно излегува на површина. Стравот од можните искази на Артан Груби за криминалите на поранешната власт на СДС и ДУИ очигледно го притисна паник тастерот во Бихаќка.
Дури и потпретседателката на СДС, Јованка Тренчевска, отиде чекор понатаму, посочувајќи дека за еден од случаите во кои се сомничи Груби за сторен криминал, кривични пријави треба да добијат и неговите колеги од тогашната влада“.
Петрушевски прашува дали толку многу знае Груби, што некои поранешни функционери би биле подготвени да се жртвуваат. Дали, како што рче, паник тастерот во СДС го притисна кланот Заеви. „Дали стравот кај Вице и Зоран Заев навистина толку е голем, па затоа СДС со Филипче на чело застана во одбрана? Затоа ли Спасовски, Филипче и Зечевиќ делуваат видно вознемирени?
За криминалот, на крајот, има само еден одговор, а тоа е правдата“.
Македонија
Имаме чувство дека српски служби пробуваат да го ослабнат СДСМ, велат од оваа партија
Имаме чувство дека странски служби работат за различни цели, велат од СДСМ.
„Излезе информација дека странски служби дале информација за Груби дека е во опасност.
Беше 14 месеци, како што вели ВМРО (изгледа имале информации, а никој не го барал), на Косово и во Албанија – без никаква опасност.
А сега е во опасност во затворот Шутка, покрај сите мерки за обезбедување.
Посигурен е дома. Тоа сигурно – храната стигнува од ресторани, а и на телевизија има интересни содржини. Како во хотел.
Она што не го кажа Мицкоски е од која странска служба ја добиле информацијата, бидејќи како што се гледа од изјавите за медиумите од МВР и АНБ, никој ја нема таа информација“.
Од СДСМ прашуваат дали информацијата му стигнала од српска или од руска служба.
„Може ли тоа да ни го каже, или и тоа е тајна?
Исто така, покрај ова што наводно го прават странските служби во земја членка на НАТО, имаме чувство дека истите тие служби се занимаваат и со членови на СДСМ.
По бројните обиди за слабеење на СДСМ одвнатре, кои што не успеаа, истиот модел продолжува.
Така, имаме чувство дека поединечни членови продолжуваат контакти со служби, одат во амбасади, одат на ручеци – како што одамна прават некои т.н. новинари кои се во служба на водење антиевропска кампања со цел јакнење на руското влијание во Македонија“.

