Македонија
Субвенции за филтри на оџаците за домаќинствата што се греат на дрва, Мицкоски најави вонредна мерка за почист воздух
Во пресрет на новата грејна сезона Владата размислува за субвенции за филтри на оџаците за домаќинствата што се греат на дрва и фосилни горива. Субвенцијата би била на принципот прв дојден прв услужен исто како и субвенциите за клима-уреди и топлински пумпи. За субвенциите за филтри на оџаците, премиерот Христијан Мицкоски најави дека на негова иницијатива ќе се разговара на денешната седница на Владата.
„Бидејќи гасификацијата е процес што ќе трае подолго, нема да имаме брзи резултати. Можеби треба да размислиме по истиот принцип како што субвенционираме за клима-уреди, за топлински пумпи и субвенционирање сметки за струја на социјално ранливи категории на приближно пет-десет илјади домаќинства да им обезбедиме филтри на оџаците. Тоа е за оние домаќинства што користат фосилни горива, односно дрва. Изминативе неколку дена работев лично на оваа проблематика и гледам дека голем дел од градовите на тој начин го намалиле загадувањето“, рече премиерот Христијан Мицкоски по пуштањето во употреба на затворениот базен во Штип.
Покрај субвенциите за домаќинствата, Владата ќе ја разгледа можноста да се инсталираат филтри на оџаците на државните објекти што користат фосилни горива, чија бројка е речиси 500.
Премиерот Мицкоски вели дека оваа мерка ја најавува однапред имајќи предвид дека кога ќе почне грејната сезона, ќе има активисти што ќе се борат за воздух, иако, како што нагласи, ги немаше никаде изминативе седум години. Владата ќе бара законски начин за доделување на субвенциите во пресрет на грејната сезона, која се поклопува со предизборниот период.
„Треба да видиме со законодавството дали е тоа дозволено имајќи предвид дека сме во избори и изборите се веќе распишани, а ова би било вонредна мерка“, рече премиерот Мицкоски.
Според последниот попис на населението, во земјата има 349.402 домаќинства што се греат на дрва и други фосилни горива.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Возете внимателно, можни се одрони, предупредува АМСМ
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен, а сообраќајот се одвива без поголеми пречки. На граничните премини од македонска страна не се евидентираат подолги задржувања за влез и излез од државата, информираат надлежните служби.
Од АМСМ апелираат до возачите да бидат особено внимателни при управување со возилата. Се препорачува прилагодена брзина на движење, строго почитување на сообраќајната сигнализација и зголемена внимателност, особено на патиштата кои минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде постои можност од појава на одрони.
Како критични делници се издвојуваат патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде возачите треба да бидат дополнително претпазливи поради конфигурацијата на теренот и можните нестабилности.
АМСМ потсетува дека внимателното возење и навременото прилагодување на условите на патот се клучни за безбедно патување, особено во зимски услови и при променливо време. Се препорачува редовно информирање за состојбата на патиштата пред поаѓање на пат.
Македонија
Денес локални врнежи од дожд и снег на планините
Времето денеска ќе биде променливо облачно. Во западните делови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1 степен, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, со повремен слаб дожд во делови од котлината. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Од УХМР информираат дека под влијание на циклонска активност, во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.

