Македонија
Утре и задутре пулмолози ќе проверуваат колку им се оштетени белите дробови на жителите на Трубарево и околината

Два тима од Клиниката за пулмологија и алергологија утре и задутре ќе ги посетат жителите на Трубарево и околните места за скрининг на белите дробови по големиот пожар во фабриката за рециклирање пластика и електронски отпад. Министерот за здравство Азир Алиу денес ги повика жителите да се пријават на скринингот.
„Министерството за здравство заедно со Клиниката за пулмологија, на 24 и 25 септември, од 10 до 16 часот, организира скрининг за граѓаните што живеат во Трубарево и околните места. Замолувам, сите граѓани, кои ценат дека треба да посетат доктор, на 24 и 25 септември да се пријават на овој скрининг. Дополнително, овие граѓани, ако има потреба, ќе може да продолжат со прегледи во Клиничкиот центар тука“, рече министерот Алиу.
Директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија, Оливер Зафировски, вели дека на самото место на жителите ќе им се направат почетни испитувања на белите дробови.
„Направивме два тима, кои ќе ги посетат сите граѓани во местото Трубарево и ќе направат почетни испитувања. Во зависност од овие испитувања, ако може да се постави дијагноза или да се докаже дека нема никакво оштетување на нивните бели дробови, останува да се ревидира терапијата што ја имаат. Ако има потреба, тогаш ќе ги упатуваме во нашата Клиника за пулмологија и алергологија за да може да ги продлабочиме испитувањата и по потреба да се даде соодветна терапија“ , рече директорот Зафировски.
Пред десет дена во Трубарево се запали фабрика за рециклирање пластика и електронски отпад. Пожарот предизвика густ црн чад видлив од цело Скопје, а во воздухот беа измерени високи концентрации на тешки метали, меѓу кои кадмиум, олово и арсен.
Гаснењето траеше повеќе од 24 часа, а во акцијата беа вклучени пожарникари, полиција, Армијата, медицински екипи и Црвениот крст. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, го нарече гаснењето школски пример за справување со комплексен пожар.
Настанот предизвика прекин на наставата во четири основни училишта во Трубарево, кои беа префрлени на онлајн-настава поради загадувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Влада: Усвоена информација за склучување на договор за соработка помеѓу Железници инфраструктура и Јавното тело на Министерството за транспорт на Обединетото Кралство

Владата на денешната 114 редовна седница ја разгледа и усвои информацијата за склучување на договор за соработка помеѓу Јавното претпријатие за железничка инфраструктура- Скопје и Јавното тело на Министерството за транспорт на Владата на Обединетото Кралство Кросрејл Интернешнал Лимитед (Crossrail International Limited (CI)).
Со овој Договор за соработка се воспоставува рамка со која страните ја потврдуваат својата подготвеност и посветеност да соработуваат преку споделување на експертиза, искуства, добра практика и научени поуки во поддршката на проектите на ЈП ЖРСМ Инфраструктура- Скопје, со посебен акцент на брзата железница, како и товарен железнички сообраќај, сигнални и контролни системи, надградба на инфраструктурата, депоата и железничкиот возен парк. Договорот за соработка е во важност од 5 години со можност за продолжување од дополнителни пет години. Овој Договор произлегува од досега воспоставената соработка помеѓу македонската Влада и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во врска со партнерството за реализација на приоритетни инфраструктурни проекти.
Дополнително, Владата на денешната седница ја разгледа информацијата за потребата од субвенционирање на филтри на оџаци на домаќинствата и ја задолжи Канцеларијата на Претседателот на Владата во следниот период да подготви детална анализа која ќе ги предвиди условите, времетраењето и процедурата за објавување на оглас за субвенции на филтри за оџаци на домаќинствата кои користат греење со фосилни горива односно дрва.
Македонија
Николоски: Бележиме раст од 6,1 процент во транспортниот сектор

Бележиме раст од 6,1 % во секторот транспорт, што говори дека оваа индустрија се развива, но исто така говори дека се уште има простор за раст и развој. Преземаме краткорочни и долгорочни мерки што ја олеснуваат вашата работа, но реализираме и големи крупни капитални проекти кои директно влијаат врз развој на транспортниот сектор, се обрати вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, на денешниот состанок со транспортерите.
Планот на Владата, како што потенцираше вицепремиерот Николоски е да се искористи позицијата на Македонија како стратешка крстосница во регионот.
“Идејата е да Македонија да го искористи потенцијалот кој што го има како природна раскрсница на два Пан-Европски коридори, Коридорот 10 север-југ и Коридорот 8 исток-запад. Во таа насока развиеме силна патна и железничка мрежа кои што ќе ги опслужува овие два Коридори. Во делот на патната мрежа, на Коридорот 10 за следната година планираме реконструкција на целиот дел од автопатот кој што не е во состојба во каква што јас би сакал да биде, така што поголем дел од автопатот ќе подлежи на реконструкција со цел да биде во одлична состојба. Исто така следната година ќе одиме со реконструкција на обиколницата на Скопје како природна врска на Коридорот 10 и 8, а продолжуваме и со изведба на Коридорот 10-д кој што оди од Градско преку Дреново-Фариш-Прилеп до Битола и вториот граничен премин со Грција до Меџитлија. Во моментот активно се гради автопатот од Прилеп до Битола, веќе го пуштивме во фунција експресниот пат Градско-Дреново-Фариш, а многу скоро ќе донесеме одлука и за изградба на потегот од Фариш до Прилеп, што значи нашата цел е да имаме целосно или автопатско решенеи или експресен пат кој што ќе оди и ка Коридорот 10-д, односно исклучувањето кај Градско до границата со Грција да е покриено со автопат или експресен пат”- истакна вицепремиерот Николоски и додаде:
Во однос на Коридорот 8, го пуштивме во функција потекот од Страцин до Крива Паланка, во моментот работиме обиколница на Крива Паланка, исто така работиме на проширување на граничниот премин Деве Баир, на западната страна работиме на автопат Тетово-Гостивар, понатаму на автопат Гостивар-Букојчани или популарната Стража. За потегот од Букојчани-Кичево завршува повикот за доставување на понуди на 30 септември, значи за неколку дена, а Кичево-Охрид веќе пополека се става во функција после 11 години одлагање. Првите 34 км се ставени во функција, до крајот на следната година целосно ќе го завршиме и паралелно на тоа работиме на проширување и модернизација на граничниот премин Ќафасан”- потенцира вицепремиерот Николоски.
Тој најави дека Министерството активно работи на проектот за изградба на мултимодалниот јазол во Трубарево.
“Работиме на еден голем проект за мултимодуларен јазол кој што треба да се наоѓа во постојниот јазол кај Трубарево и во продолжение до пресекот на двата Коридори, кои што мислам дека за сите компани кои што се занимаваат со логистика е голема шанса за развој на бизнисот. Очекувам првата фаза да ја започнеме следната година, тоа е изведба на инфраструктура од страна на државата, а втората фаза година дена после тоа што ќе значи целосна реализација на проектот и проширување со цел практично да стане пристаниште на суво, односно целата роба што доаѓа од Атина, Солун кога ќе се реализира Коридорот 8-железнички и од таму, да се претоварат и да го земаме приматот кој што сега го имаат некои соседни држави и тука да биде сувото пристаниште за овој дел на Европа”- рече Николоски.
Средбата со транспортерите е во организација на МАКАМ ТРАНС на која се презентираа условите и критериумите за распределба на транаспортните дозволи.
Македонија
Гаши: Не е потребен глас кога срцата зборуваат на ист јазик

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска им се обрати на ученици, педагози и родители по повод Меѓународниот ден на знаковниот јазик, нагласувајќи дека овој ден е потсетник за инклузивност и почитување без бариери.
Гаши потсети дека Собранието од 2023 година организира курсеви за знаковен јазик за вработените и пратениците, со цел да се овозможи подобра комуникација и разбирање.
„Ова не е само технички чекор, туку симболичен чин во обидот да се слушнат и оние кои зборуваат поинаку, но имаат исто толку да кажат,“ истакна тој.
Додаде дека еден од неговите најважни приоритети како претседател на Собранието е изградба на отворена и инклузивна институција која ќе биде дом на секој граѓанин.
„Силата на човекот не се мери со зборовите што ги изговара, туку со срцето и духот што ги вложува секој ден,“ рече Гаши, честитајќи им на сите кои придонесуваат за оваа благородна мисија.
Обраќањето го заврши со убедувањето дека „Не е потребен глас кога срцата зборуваат на ист јазик,“ честитајќи им на присутните и на сите граѓани Меѓународен ден на знаковниот јазик.