Свет
Полска ја отвора границата со Белорусија
Во среда од полноќ, Полска повторно ќе ги отвори граничните премини со Белорусија, кои беа затворени поради руско-белоруските воени маневри „Запад 2025“ што се одржаа во Белорусија од 12 до 16 септември, објави денес полскиот премиер Доналд Туск.
„Заедно со министерот за внатрешни работи, кој денес ќе го објави указот, одлучивме во четврток вечерта повторно да ги отвориме граничните премини за патен и железнички сообраќај, кои беа затворени поради воените маневри „Запад 2025“ и зголемувањето на заканите и политичката нестабилност на нашата граница“, изјави премиерот Туск денес пред новинарите.
Полскиот премиер предупреди дека Полска е подготвена, доколку е потребно, повторно да ја затвори границата без двоумење.
Секако, тоа сè уште останува во наши раце. Доколку се зголемат тензиите или агресивното однесување на нашите соседи, нема да се двоумиме повторно да ги затвориме премините. „Сега се чини дека тие непосредни причини повеќе не постојат“, рече Туск.
Полскиот премиер рече дека владата ги отвора граничните премини поради интересите на полските превозници и товарниот железнички сообраќај.
Коментаторите претходно предупредија дека затворањето на два железнички премина на границата меѓу Полска и Белорусија е голем удар за Кина, бидејќи значителниот извоз на кинески стоки во Европската Унија оди таму.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон воведува доброволен воен рок поради руската закана
Францускиот претседател Емануел Макрон во четврток ќе го претстави нов модел на доброволен воен рок, пренесе „Политико“. Проектот не предвидува враќање на задолжителното регрутирање, туку обука што ќе ги насочи доброволците кон активниот состав или резервата.
Потегот доаѓа поради растечката руска закана, а планот има широка политичка поддршка. Елисејската палата соопшти дека за реформата ќе бидат потребни законски измени и дека ажурираниот закон за воено планирање ќе биде претставен до 21 декември.
Франција има цел до 2035 година да формира резервен состав од 105.000 лица, значително повеќе од околу 44.000 во 2024 година.
Свет
Кремљ: Европскиот контрапредлог за мир во Украина е неконструктивен
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, го оцени европскиот контрапредлог на американскиот мировен план за Украина како „целосно неконструктивен“.
„На прв поглед, европското дополнување изгледа целосно неконструктивно и не е прифатливо за Русија“, изјави Ушаков.
Тој додаде дека многу точки од првичниот американски план, испратен до Киев минатата недела, се прифатливи, но дека други бараат детална дискусија.
Ушаков изјави дека постојат „некои сигнали“ за организирање средба меѓу руски и американски претставници, но дека конечен договор сè уште нема.
Европските лидери претходно ја изразија загриженоста околу американскиот план од 28 точки, особено поради идејата дека Украина треба да прифати територијални отстапки и намалување на вооружените сили, поради што изготвија свој контрапредлог. По вчерашните разговори во Женева, САД и Украина соопштија дека составиле „ажуриран и доработен мировен рамковен документ“.
Свет
Зеленски и Трамп би можеле да се сретнат oваа седмица
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп би можеле да се сретнат во Белата куќа уште оваа недела за да разговараат за новиот мировен план, тврдат извори запознаени со преговорите. Киев значително го изменил американскиот предлог, отстранувајќи дел од максималистичките барања на Русија.
Првичниот американско-руски план од 28 точки, составен минатиот месец од специјалниот пратеник на Владимир Путин Кирил Дмитриев и претставникот на Трамп, Стив Виткоф, од Украина барал повлекување од градови под контрола на Киев во Донбас, ограничување на војската и откажување од членството во НАТО.
По неделните преговори во Швајцарија меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, планот бил драстично ревидиран – новата верзија има 19 точки. Киев и европските партнери инсистираат линијата на фронтот да биде почетна основа за територијалните разговори.

