Македонија
Минчев на конференција на ЕК во Црна Гора: Извештаите за нас не се формалност, туку алатка за реформи во јавната администрација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на министерска конференција „Капацитети на јавните администрации за интеграција во ЕУ“ во Подгорица, Црна Гора, организирана од Европската комисија со поддршка на СИГМА.
На настанот учествуваа министри и претставници од земјите на Западен Балкан, Молдавија и Ерменија, како и од регионалните и меѓународните организации како ReSPA, RCC, OECD, WeBER и SIGMA.
Во излагањето во рамки на првиот дел на конференцијата, министерот Минчев изјави дека силата на јавната администрација не се одразува во бројки, туку во нејзиниот квалитет и капацитет да испорачува резултати, односно таа треба да биде двигател на реформите, гарант на правната држава и партнер во процесот на интеграцијата во Европската Унија.

Тој потенцираше дека препораките од Извештајот на СИГМА не останаа само на хартија, туку истите беа преточени во конкретни мерки и активности, интегрирани во акциски план кој веќе се спроведува, дополнително вградени и во ревизијата на Стратегијата за реформа на јавната администрација.
„Ние не гледаме на извештаите само како формалност, тие се алатка за реални промени. Реформите мора да имаат практичен ефект врз институциите и граѓаните, а не да останат декларативни“, рече министерот Минчев.
Тој смета дека е клучна улогата на меѓународната поддршка, со посебен акцент на ReSPA и SIGMA, како партнери во процесот на реформите преку обуки, експертска помош и размена на искуства со земјите-членки на ЕУ.
„Визијата на Министерството за јавна администрација е да изградиме администрација која активно ќе придонесува во креирањето и имплементацијата на европските политики. Македонија не гледа на процесот на интеграција како еднонасочен пат – нашата цел е да бидеме препознаени како сериозен партнер во Унијата и пример за лидерство во регионот“, рече министерот Минчев.
Од Министерството за јавна администрација велат дека остануваат целосно посветено на реформите кои ја носат Македонија поблиску до европското семејство, со силна заложба за создавање на модерна, ефикасна и транспарентна администрација, која ќе обезбеди институциите да бидат сервис на јавниот интерес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МНР со апел: македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Мексико да го напуштат во првата безбедна прилика
Поради влошената безбедносна состојба во Мексико, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, истата да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика.
Истовремено, се препорачува одложување на сите патувања кон Мексико кои не се од итен и неопходен карактер.
„Министерството ги става на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон: +389 75 268 736, електронската адреса: [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Вашингтон: +1 (202) 758-7798 или на е-маил адресата: [email protected].
Министерството континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста“.
Македонија
Речиси 5.000 прекршоци регистрирани со „Безбеден град“ за една недела, најмногу за брзо возење
Во периодот од 16 до 22 февруари 2026 година, преку системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и коридорите каде што се поставени камери, регистрирани се вкупно 4.910 сообраќајни прекршоци.
Најголем дел од прекршоците, односно 4.691, се однесуваат на управување возило со брзина поголема од дозволената. За минување на црвено светло евидентирани се 16 прекршоци, што претставува намалување од 51,5 отсто во споредба со претходната седмица, кога биле регистрирани 33 прекршоци. Во првата недела од месецот биле констатирани дури 163 прекршоци за минување на црвено светло, информира МВР.
За управување возило со измината важност на сообраќајната дозвола, констатирани се 203 прекршоци.
Во истиот период изречени се вкупно 117 мерки „забрана за управување со возило“, што е намалување од 20,9 отсто во однос на минатата седмица. Во првата недела од месецот биле изречени 288 вакви мерки.
Од вкупно 117 изречени мерки минатата седмица, 16 се за минување на црвено светло, а 101 за брзо возење. Од нив, 75 се за брзина поголема од 80 километри на час во населено место, 19 за надминување на дозволената брзина за повеќе од 10 километри на час, и седум за брзина поголема од 170 километри на час во ненаселено место.
Надлежните апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел заеднички да се придонесе кон побезбедни патишта.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Местени тендери и аванси во Државната лотарија, Груби ќе се соочи со правдата
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција изјави дека време е за одговорност и дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби ќе се соочи со правдата.
„По година и пол бегство, денеска на граничниот премин Блаце уапсен е Артан Груби, поранешен прв вицепремиер и министер во владата на СДС и ДУИ“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека Груби важи за олицетворение на криминалот и корупцијата предводена од СДСM и ДУИ и додаде дека конечно ќе се соочи со правдата.
Петрушевски посочи дека, криминалот на Груби достигнал минимум 500 милиони денари или над 8 милиони евра, а дека постојат индиции оти сумата може да надмине десетици милиони евра.
„Дополнителен криминал на Груби заедно со неговиот другар Бајрами, тогашен директор на Државната лотарија освен што местеле милионски тендери, е исплаќање на аванси на деловни соработници“, рече Петрушевски.
Тој обвини дека СДСМ знаела за милионскиот криминал, но молчела за да ја одржи коалицијата на власт.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека борбата против криминалот и корупцијата останува нивен приоритет и дека секој кој се огрешил пред законот, порано или подоцна ќе се соочи со правдата.

