Свет
Трамп: Русија тоне, време е да запре
Американскиот претседател Доналд Трамп остро ја критикува економската и воената позиција на Москва во екот на војната во Украина велејќи дека руската економија е во катастрофална состојба и дека оди по ѓаволите, пренесуваат светските медиуми.
По средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Трамп рече дека „Русија стави сè на коцка и не постигна речиси никакви територијални придобивки“. Според него, Москва потрошила милијарди на бомби, ракети и човечки животи, а исходот е незадоволителен. „Мислам дека е време да се запре. Навистина мислам“, рече тој.
Покана до Турција да се откаже од руската нафта
Трамп нагласи дека Анкара би можела да игра клучна улога во забрзувањето на крајот на конфликтот доколку се откаже од руската нафта. Според него, Турција има многу опции за снабдување со енергија за разлика од Унгарија или Словачка, кои немаат алтернативни извори преку морето.
Спротивставени процени за Москва
Додека Трамп предупредува дека руската економија се урива, официјална Москва испраќа разни сигнали. Гувернерката на Централната банка, Елвира Набиулина, неодамна истакна дека земјата продолжува да бележи умерен раст, а претседателот Владимир Путин нагласи дека западните санкции не ја скршиле руската економија предупредувајќи дека самата Европа се балансира на работ на рецесија.
Американско-руските контакти продолжуваат
И покрај жестоката реторика, дипломатските контакти меѓу Москва и Вашингтон не се прекинати. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и американскиот државен секретар, Марко Рубио, разговараа за можните начини за решавање на украинската криза во Њујорк надоврзувајќи се на договорите постигнати за време на претходните состаноци.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ново Мексико ја тужи Мета: „Профитот пред безбедноста на децата“
Во Санта Фе денеска започнува големо судење против компанијата Мета, второ вакво оваа година, по обвиненија дека свесно им овозможила на предатори да ги користат „Фејсбук“ и „Инстаграм“ за сексуална експлоатација на деца, ставајќи го профитот пред безбедноста. Тужбата ја поднесе државата Ново Мексико, по истрага која утврдила сериозни пропусти во заштитата на малолетниците, пишува Гардијан.
Главниот државен обвинител Раул Торез тврди дека платформите на Мета создале опасна средина за деца, изложувајќи ги на злоупотреби, уцени и трговија со луѓе. Според тужбата, дизајнот и деловните модели на компанијата го фаворизирале ангажманот на корисници, а не безбедноста. Торез претходно изјави дека Мета е „најголемото глобално пазариште за предатори и педофили“.
Мета ги отфрла обвинувањата, наведувајќи дека со години соработува со експерти и вовела мерки за заштита на младите, како тинејџерски профили и родителски контроли.
На судењето се очекува изнесување докази од тајна полициска операција, интерни документи според кои околу 100.000 деца дневно доживуваат сексуално вознемирување на платформите, како и наводи дека компанијата профитирала од реклами поврзани со проблематична содржина. Случајот доаѓа во време кога сè повеќе судови ја преиспитуваат правната заштита на технолошките компании според таканаречениот Оддел 230.
Свет
Кремљ потврди нова рунда преговори за крај на војната во Украина
Кремљ потврди дека оваа недела ќе се одржи нова рунда преговори за завршување на војната во Украина, со посредство на САД, и покрај продолжените борби. Според Кремљ, разговорите ќе се одржат во среда и четврток во Абу Даби, каде што се одржа и претходниот состанок.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека средбата била кратко одложена поради преклопување на распоредите. Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека ќе испрати делегација на преговорите.
Песков ги опиша разговорите како „многу сложени“.
Како главна пречка останува прашањето за територијата, односно дали Русија ќе ги задржи окупираните делови од Украина, особено на истокот на земјата.
Свет
Трамп: Ги намалуваме царините за Индија, таа престанува да купува руска нафта
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД ќе ги намалат царините за индиската стока, откако Индија се обврзала да престане да купува руска нафта и да го зголеми увозот на енергенси од САД, а можно и од Венецуела.
Во објава на мрежата „Тру соушал“, Трамп соопшти дека по разговор со индискиот премиер, Нарендра Моди, е постигнат трговски договор со кој реципрочната царина за Индија се намалува од 25 на 18 проценти. Според договорот, Индија ќе ги намали своите царини и нецарински бариери за американски производи на нула и ќе инвестира повеќе од 500 милијарди долари во американската енергетика, технологија и други сектори.
Трамп оцени дека запирањето на купувањето руска нафта од страна на Индија би придонело за завршување на војната во Украина.
Сепак, аналитичарите посочуваат дека овој чекор ќе биде тешко изводлив, бидејќи Индија и понатаму увезува околу 1,5 милиони барели руска нафта дневно. Како можна алтернатива се споменува венецуелската нафта, но нејзината инфраструктура е во лоша состојба и би биле потребни години и големи инвестиции за значително зголемување на производството.

